Дефибрилатори за сите шеснаесет екипи од Втората лига донираше денеска Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со цел подобрување на условите во делот на медицинските тимови на клубовите и зголемена грижа за здравјето на фудбалерите.
Срцевиот удар е меѓу главните причини за смрт кај фудбалерите на теренот, а редовните прегледи на срцето и соодветните мерки за прва помош, како што е итна реанимација и употреба на дефибрилатор, можат да помогнат да се спречи смрт од срцеви проблеми.
-ФФМ навистина прави големи напори за снабдување на сите национални тимови со медицинска опрема и апаратура, но, исто така, посветува внимание и дава помош во опрема и медицински апарати и за екипите од МФЛ, вклучувајќи го и женскиот фудбал и футсалот, изјави д-р Невзат Јусуфи, претседавач на Комисија за медицина и антидопинг во ФФМ.
Минатата сезона ФФМ на клубовите од Првата македонска фудбалска лига им донираше автоматизирани дефибрилатори, а нивните лекарски тимови ги следеа едукативните програми за реанимација и употреба на дефибрилатори меѓу лекарите, тренерите и играчите.
-За нас, исто така, е многу важно што освен донацијата со медицинска опрема, како тело во Федерацијата кое се грижи за здравјето и медицината, континуирано одржуваме едукација на физиотерапевтите и лекарите ангажирани во клубовите и во репрезентативните тимови. Оваа година го одржавме и важниот семинар за лиценцирање на лекарите и физиотерапевтите во МФЛ под покровителство на УЕФА, додаде Јусуфи.