сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Дали актуелниот изборен модел е правичен?

Дали актуелниот изборен модел е правичен?

Во изминатите неколку години од време на време се отвора темата за промена на изборниот модел, и истата се заташкува, очигледно затоа што проценките на оние кои се на власт, не им оди во прилог.

Во неколку наврати имам пишувано околу тоа што би било добра идеја како да се надгради изборниот модел… (колумна 1) (колумна 2)

Постојано се зборува за една изборна единица, истовремено ретко кој зборува за слободни (отворени) листи, или пак за изборен праг. Зошто?

Отворените листи се добри за да се види кого народот вистински поддржува од тие 120 кандидати, за да се направи избор на најдоброто од секој политички субјект, но и да се намали моќта на самите партии да ги штелуваат оние кои би станале народни избраници.

Изборниот праг е за да се створат пратенички групи кои би можеле да бидат фактор во собранието, но и потенцијален коалициски партнер при формирање влада. Немањето на изборен праг навидум ќе го демократизира Собранието, од друга страна ќе створи еден куп поединци кои ќе тргуваат со сопствениот глас со нереални барања, од кои се зависи опстојувањето или формирање на одредена идна влада.

Земајќи во предвид дека нема поширок консензус околу ова прашање, и знаејќи дека пред се ДУИ нема да прифати една изборна единица, еве мој нов предлог, кој би бил навидум декоративна шминка, но сепак значајна промена.

Тековниот (актуелен) изборен модел го имаме од 2002 година, и го користиме за избор на пратеници веќе седум изборни циклуси. Истиот дава една пристојна регионална застапеност. Отворањето на листите, каде секој (освен носителите) би можел да оди надолу или нагоре е добра идеја, иако прашање е како обичниот гласач ќе се снајде, и дали оваа можност ќе придонесе за еден куп неважечки ливчиња.

Многу побитно, според мене е, колку вреди пратеничкото место според бројот на гласови. Имено, ние правевме прекројување на границите, за да се еднакви според број на гласови, според место на живеење. Но, пратеници се бираат според број на излезени гласачи, а не колку се на список. Патем, последните избори беа направени според бројот на население кое државата го имаше само на хартија. Поделба по избори единици со 2,2 милиони граѓани, и со 1,8 милиони не е исто. Имено, ние во моментов на избирачкиот список имаме над 1,8 милиони гласачи, што значи дека добар дел треба да се на список за дијаспора и да гласаат за оние 3 пратенички места кои претходно беа предвидени.

Друг поголем проблем е излезноста. Доколку во изборна единица 6 имате излезност од 35 до 40 %, а во изборна единица 3 имате 60 %, дали пратеникот од 6ка има ист легитимитет со оној во 3ката? Секако дека не! Едниот вреди 5000-6000 гласови, овој другиот 7500-8000, од прилика.

Како проблемот би се решил? Многу едноставно! На хартија, секоја од 6те изборни единици има по 20 пратеници, но во реалноста, во зависност од излезноста едно, две, три или повеќе пратенички места да можат да се прелеваат. Па така, доколку бројот на гласови варира, да биде можно некоја изборна единица да даде и само 16 или 17 пратеници, а некоја друга и до 23. Но, на крајот, вредноста според број на гласови, да биде приближно еднаква помеѓу  сите пратеници, затоа што во моментов ни се случува своевидна неправда, во која во изборен модел кој би требало да е правичен, промовирани се средини во кои населението едноставно не гласа, туку само фиктивно фигурира на хартија.

Сметам дека со прочистување на избирачкиот список, и намалување на истиот од 1,8 на  приближно 1,5 милиони гласачи, плус со враќање на трите пратеници од дијаспората, но и со сметањето според излезност, а не според избирачко право и место на живеење, дека и самото население ќе биде помотивирано да ги избере своите претставници во законодавниот дом.

Секако дека можноста за отворени листи би била уште едно ниво погоре. Пример може да се земе и од соседна Албанија, која исто така гласа регионално, но нема фиксен број на пратеници (по 20 од регион како кај нас) туку во зависност од гласовите.

Промени мора да има, и истите мора да бидат во корист на народот и самата држава, а не за да одреден политички субјект се одржи на истото ниво по секоја цена. Па нели сакаме во ЕУ? Со ваков ум и однесување, нема да не примат ни кај Неврзаните!

 

Александар Ристевски