среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Ecclisia militanis

Ecclisia militanis

Насловот на колумната означува „Црква која војува“ во највулгарна смисла во римо-католичката реторика се употребува за детерминирање на „насилна Црква“. Во оваа колумна синонимот е наменет за отсликување на внатрешните состојби во МПЦ-ОА.

Во претходната колумна напишав дека МПЦ-ОА под „притисок“ или „водство“ на световната власт на Заев е на раскрсницата дали ќе биде Црква која го минува чистилиштето или пак ќе тргне по патот кон деветтиот круг на пеколот. Лично очекував внатрешна ескалација на состојбите во МПЦ-ОА, а што секако ќе се пренесе и на поделби во Македонското општество (кај Православниот Македонски народ), но самата брзина на ескалација и тоа само еден ден по првиот дел на седницата на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА, ме изненади и мене. Очигледно е дека внатрешните конфликти помеѓу владиците се толку тензични и пред се динамични што бараат рапидно брзи реакции на различните групации и веројатно меѓусебни обвинувања и уценувања со вадење на „валкан веш“. Токму ова е очигледниот индикатор кој ни укажува на насловот на колумната, односно дека МПЦ-ОА оди по патот на „Црква која војува“. Засега тоа се случува внатре во Синодот, но несомнено ги мобилизира и свештенството и монаштвото, а по нив и целиот Православен народ во Македонија. Овој процес на внатрешно војување ќе биде еден вид на чистилиште за МПЦ-ОА, но во која насока ќе се „прочистува“ Црквата ќе зависи од тоа кој се ќе заземе одлучувачка позиција во Синодот, односно кој ќе има повеќе гласови со што ќе ја креираат идната политика на МПЦ-ОА. Во превод, ова значи дека ќе надвладее струјата (поддржана од надворешен центар на моќ со сесрдна помош од Заев) која ќе има повеќе компромитирачки материјали за спротивната струја. При тоа да не нѐ залажуваат надворешните манифестациони однесувања или биографски податоци  на играчите во врска со носењето заклучоци кој за кој центар на моќ во соседството работи. Познати се „позајмиците“ на соработниците и „дуплите игри“ во вакви операции на рушење на нација и државност преку правење привид за да не се гледа вистинската состојба и оној кој ја раководи операцијата.

Сепак, да не се залажуваме. Внатрешната битка е една фаза, втора фаза ќе биде да се добие битката против мешањето на Заев и друштвото му во работата на МПЦ-ОА. Засега таа „втора фаза“ е далеку, пред се затоа што Заев отворено игра на картата да ја вклучи МПЦ-ОА во изборна кампања за свои цели, односно да му донесе гласови. Да не се чудите на оваа констатација, бидејќи влијанието на духовните отци може да биде големо врз своите духовни чеда, особено доколку се побара од нив (отворено или суптилно-сугестивно) да дадат поддршка за СДС и Заев, како „подобра опција“ за Црквата (читај за „духовникот“ лично). Ете тоа го има „откриено“ Заев како нова мантра за дополнување на изборната негатива, па покрај тривијалната корупција на изборите (поделба на „хуманитарни пакети“ во Струмица, Прилеп, Охрид, Бутел итн.) која секојдневно ја гледаме на дело и претстојната „трета фаза“ од планот на Заев за корупција на изборите со „заемот“ од ЕУ, ова е уште еден сегмент кој треба мозаикот да го направи целосен. Навидум се работи за мал сегмент (мислам дека и опозицијата за жал смета дека тоа е незначајно влијание па затоа „немаат став за случувањата во МПЦ-ОА“ или тоа на дело покажуваат дека „државата и Црквата се одвоени“), но кога Заев со „дисциплинираниот“ Манџурински кандидат ќе влезат во операцијата овој „мал сегмент“ да може многу да натежне на тасот на изборната вага. Знаете, постои една поука од Светите отци која вели: „Еден стар монах на младиот собрат му рекол да земе еден голем камен и да го помести од неговото место. Младиот монах го поместил каменот, а потоа стариот монах му рекол повторно да го врати на неговото место што младиот монах многу лесно го направил. Потоа, стариот монах му рекол повторно на младиот монах да собере една вреќа ситни каменчиња, што овој го направил, но кога стариот монах сега му рекол на младиот монах да ги врати ситните камчиња на своето место од каде ги собрал, овој секако не можел да го направи тоа“.

Поуката се однесува на тежината на големиот грев за кој знаеме дека сме го сториле и кој го исповедаме, и за безбројните мали гревови кои дури и не знаеме дека сме ги сториле па затоа и не можеме (не паметиме ) како да ги исправиме. Преведено на политичкиот јазик и математика својствена на размислувањето на Заев, мешањето во внатрешните работи на МПЦ-ОА е токму нешто слично. Сака да ги собере ситните камчиња (духовните чеда) преку нивните „фатени за брада“ отци во својот амбар за да му натежнат колку и еден голем камен (Македонскиот народ во целост) кој никогаш не може да го добие на своја страна.

Ова е само тривијалната цел на Заев да ја злоупотреби МПЦ-ОА за останување на власт, но клучната цел е неговото одработување за туѓи интереси таму каде што е задолжен и мора да се одборчува, доколку сака да преживее во буквална смисла, а во што совршено му се вклопуваат лукративните и хедонистички лични цели на некои архиереи во МПЦ-ОА. Сето ова придружено со „држањето за брада“ заради нивно доведување во безпоговорна послушност.

Затоа МПЦ-ОА ќе војува самата против себе и ќе биде Црква во војна, која ќе пролее сопствена крв за ништо (бидејќи Заев е секако НИШТО), иако Црквата секогаш во историјата пролевала Маченичка крв заради верата и Христа. Толку ли е слаба верата на нашите архиереи и не се подготвени да го истрпат ударот на Заев врз нивната личност, да се спротивстават на отвореното уривање на последниот бастион на Македонската национална идеја? Ова е прашање за верниот народ заради расудување. Наместо да собира МПЦ-ОА ќе влезе во војна за да растура. Секако, како што вели Светото Писмо во Стариот Завет: „Има време за собирање и време за растурање, има време за мир и време за војна, … се има свое време“, но се поставува едно круцијално прашање: „Зарем не е време за собирање и обединување на Македонскиот народ и тоа токму околу својот вековен обединител Православната Црква (Охридската Архиепископија), денес во лицето на МПЦ-ОА?“

Оваа историска шанса да биде стожер на Македонскиот народ МПЦ-ОА и нејзините архиереи ја пропуштаат и за жал ги отвораат вратите за влез на други, туѓи интереси. Не можам да разберам една работа која се однесува лично на секого од членовите на САС на МПЦ-ОА (сегашни и идни). Дали мислите дека доколку не бевме Автокефална помесна Православна Црква (иако намерно – политички и против канонски непризнаена од Православната Екумена, бидејќи на сите треба да ни е јасно дека во Црквата има многу вмешување на политиката, а тоа барем Охридската Архиепископија го има како многу вековно искуство), во своја држава Македонија вие некогаш ќе бевте епископи, па дури и викарни? Никако да научите од историјата некоја лекција, а толку се видливи. По се изгледа хедонизмот и личниот комфор се на прво место па доведуваат до заборав за собитија не толку далечни во историјата.

Сетете се на последниот Архиепископ на Охридската Архиепископија пред нејзиното укинување во 1767 година, Арсениј II кој по неканонското, но политичко, поттикнато од Фанар заради „мегали идејата“ укинување на Охридската Архиепископија беше поставен за Митрополит Пелагониски, а потоа и од таму тргнат, како и сите наши (Македонски – словенски) архиереи за да бидат заменети со Грци. Да се потсетиме дека истите тие Грци архиереи во 1901 година по политички преговори со тогашното Кралство Србија и руско вмешување кај Портата, за пари (со Симонија) го хиротонисаа Фирмилијан за митрополит Скопски по што СПЦ навлезе во Македонија, а чии последици и денес ги чувствуваме.

Но, најважно е да се потсетите на тоа дека токму СПЦ еднаш и само еднаш „згреши“ и за викарен Епископ Топлички го избра Достиеј кој како Македонец подоцна стана прв Архиепископ на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на МПЦ. По ова беа избрани домородни владици со што и поради што опстанавме како Црква и народ и дојдовме до самостојна Македонија. Не случајно, на првиот Црковно-народен собор во Скопје 1945 година е донесена одлука за забрана за враќање во Скопје на Митрополитот на СПЦ Јосиф (познат четнички војвода и асимилатор на Македонскиот народ). Ова се еклатантни историски поуки и показатели дека да не беше МПЦ-ОА и нејзиниот Македонски Православен народ како носечки во Република Македонија како држава на Македонскиот народ, никогаш, ниеден од сегашните архиереи на МПЦ-ОА или кои и да е Македонец немаше да биде владика. Едноставно, и да беа светители во полна смисла на значението и да се прославуваа со видливи дела во името на Христа како монаси (слепи да прогледуваа, хроми да проодуваа, реки да потекуваа и зли духови да истеруваа со името Христово), никогаш, ама токму никогаш, немаше ниту една друга помесна Црква да ги избере и хиротониса ниту за викарни Епископи, а не пак да им даде на управување епархија и тоа во Македонија.

Како што се вели: „Каменот тежи најмногу дома на своето“, па колку и да е обременет од нашата световност и гревовност како лично бреме или подвиг, работата на Македонското националното-народното дело преку лицето на МПЦ-ОА не може да го замени ниту една световна власт колку и да е страшна и колку и да притиска, како што не може да го замени ниту една хедонистичка побуда. После исповедањето на Христа, на Православната Света вера доаѓа верноста кон својот народ со кого се раководи (не злоупотребува за лични цели и туѓи политички интереси). Тој што служи на олтар, од олтар треба и да живее, а тоа му го овозможува токму народот чии епископ е и за чие спасение треба да свети со чистота во верата и лојалност кон нацијата и Македонија.

Ете затоа, МПЦ-ОА во „војна – чистилиште“ треба да се прочисти за чистота на Македонската идеја, опстанок на Македонскиот народ, опстанок на државата Македонија и за спасение на целиот наш род, а за добар одговор на Страшниот Христов суд. Водењето на народот ќе бара добар одговор пред Христа и за тоа, бидејќи соблазната погубува повеќе од се друго, а лошо е кога соблазната и губењето на верата ќе дојде од архиереите и преку нивниот пример.

Заев и неговата корумпирана свита одамна не се на патот на Христа и на Македонскиот народ, тие се на патот на туѓите државни интереси и своите лукративни цели. Во нив не ја барајте вистината, а како архиереи би требало многу добро да знаете каде е вистината, силата и вечноста. Таа сигурно не е кај Заев од кого сте исплашени, бидејќи тој е НИШТО. Христос е се и почеток и крај, а вие тоа треба многу добро да го знете. Во Христа е и грижата за вашето стадо кое ви е доверено Макеоднскиот Православен народ за кого исто така ќе треба да дадете добар одговор.

Вие архиереи на МПЦ-ОА (сегашни и идни), секогаш треба да бидете исполнети со вера во Христа, да ја браните и по цена на живот Православната вера и Црква и да бидете верни на својот Македонски Православен народ и државата Македонија исто така по цена на сопствениот живот, бидејќи само така ќе дадете добар одговор и ќе имате оправдание за сите паѓања во животот како човечка слабост на сите нас. Тоа е патот кој треба да го одите за да го заслужите своето достоинство и почитта на Македонскиот народ и Православната Екумена.

 

Христос Воскресе!

Навистина Воскресе!

 

На денот на Светите Рамноапастоли словенските просветители Кирил и Методиј

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов