Балканот е едно навистина специфично место, вредно за анализа од секој вид. Етнолошка, антрополошка, социолошка, историска, но очигледно треба малку да се позанимава и медицинската наука, барем кога е во прашање одредени „шизо“ моменти кои зафаќаат одредени елити, а се пренесуваат на цели нации.
Дека креирањето на една нација (на секоја нација, да се разбереме) е вештачко и е процес кој се базира на политичка агенда, тоа е повеќе од јасно. Смешно е кога некој од соседите ќе каже дека сме вештачка нација. Нацијата е поврзана со државата, следствено на тоа, сите нации се вештачки. Од друга страна, етничката припадност на еден народ или помала заедница е прашање на култура, традиција, обичаи и фолклор, а меѓу другото и на јазик и вера во повеќето случаи.
Кога сме кај фолклорот, традицијата, музиката и се’ она што се случува на Балканот, сите секојдневно гледаме. Имено, секој од секого позајмува и преработува, во главно музика која има заразен ритам, па Србите, Бугарите и Македонците, порано тоа го правеа од Грција, па Турција, сега се почесто од Романија. Но тогаш се знае кој е автор на музика, а изведувачите само ќе си склопат текст на сопствениот јазик и се тера.
Сите поголеми хитови на нашиот Драган Вучиќ српската естрада ги преработи и преведе, но се знаеше дека тоа се негови нумери.
Ова што се случува во изминатите 20тина години години со нашиот источен сосед станува смешно и го нема никаде во светот. Имено, буквално се крадат пасни од современи македонски автори, кои се со име и презиме, и ги насловуваат како народни песни, дека истите биле „бугарски песни од Македонија“, и со истите креираа имиџ на некакви патриоти.
Жал ми е за огромен број од население во соседна Бугарија што веруваат дека истите се препеви на стари бугарски песни, затоа што такви НЕМА! Едноставно не постојат! А овие кои им ги нудат како такви се авторски дела на великанот Јонче Христовски, на Васка Илиева, на Александар Сариевски, Никола Бадев, но понови од Војо Стојановски и други автори.
Гледам како цела кариера прават на некакво си негување на традиционална бугарска музика, музика која не постои како таква, затоа што истата која ја „негуваат“ е македонска. Истата имала автори со име и презиме, снимена е пред 40, 50 или 60 години во студијата на тогашните републички телевизии во Скопје, Белград или Загреб. Но, пропагандата која се шири, се труди да го лоботомира локалното население во Бугарија, и да претстави дека ние тука во Македонија сме збунетите, со испрани мозоци, кои бесрамно им крадеме од „б‘лгарштината“. Луда работа.
Дури и нај хард кор македонската песна која е едвај 30тина години стара „Една мисла имаме“ ја искривоколчија и направија „големо-бугарска“ песна. Ем е песната украдена, ем се прави фалсификат на самиот текст, која пак служи за лоботомирање на обичното бугарско население.
Погледнете, видете, споредете:
Каде и да одиш, каде и да шеташ, не се срами, не се плаши, Македонец да си.
Една мисла имаме, еден живот живееме, Македонија цела да е, секој да ја знае.
Ако некој рече: – „Македонија е мала“, има уште два-три дела за да биде цела.
Една мисла имаме, еден живот живееме, Македонија цела да е, секој да ја знае.
Ние не сме Грци, Бугари, ни Срби, чеда сме на Александар, гордост македонска.
Една мисла имаме, еден живот живееме, Македонија цела да е, секој да ја знае.
Истата песна после десетина години прерасна во ова:
Къде и да одиш, къде и да шеташ, не се срами, не се плаши, българин да си.(x2)
Една вера имаме, един живот живееме, България цела да е, секой да я знае.(x2)
Ако някой рече България е мала, има още осум дела, за да биде цела.(x2)
Една вера имаме, един живот живееме, България цела да е, секой да я знае.(x2)
Ние не сме гърци, османци, ни сърби, чеда сме на Аспаруха, гордост най-българска.(x2)
Една вера имаме, един живот живееме, България цела да е, секой да я знае.
А ова е најновата верзија:
[x2:] Къде и да одиш, къде и да шеташ, не се срами, не се плаши, българин да си.
[x2:] Една вяра имаме, един живот живееме, България цяла да е, всеки да я знае.
[x2:] Ние не сме други, руснаци и американци, чеда сме на Аспаруха гордост най-българска.
[x2:] Една вяра имаме, един живот живееме, България цяла да е, всеки да я знае.
И сега, кога ќе земете дека и Лихнида кајче веслаше, Македонско девојче, Ако умрам ил загинам, Ај засвирете ми чалгии, Јовано Јованке, Слушам кај шумат шумите, дел од изведувачите од источниот ни сосед, си ги присвоиле како свои, се ви станува јасно.
Присвоена, адаптирана и злоупотребена. А тамошниот народ се лаже и се лета, и тажи за нас, тука во Македонија кои сме биле окупирани и србизирани, ама тие ќе се борела за нас. Дури и еден турбо фолк рапер, како Устата, си зеде за право да сними песна во која глуми историчар и навредува. За крај кутриот беше изненаден што илјадници луѓе го нападнале. Бедно и жално.
Комшии Бугари! За почеток, почнете да го користите гугл, и не само на бугарски. Сомневајте во секој кој што сака да прави кариера на темата Македонија. Никој не ви замерува да си ја сакате државата. Ама не мешајте национална припадност и етничка. Матична држава на секој Македонец е Македонија. Македонецот говори на македонски јазик. Да, секако, истиот е стандардизиран по 1945, а светски и официјално признаен 1974 година. Јазик се стандардизира кога имате држава. И? Дали значи дека пред тоа Македонците немале јазик? Смешно! Црковниот јазик, и архаичната кирилична азбука која се уште вие ја користите, не ви припаѓа вам, туку на сите Славјани, а истата без оглед на државниот јазик во одредена земја, се уште го користат православните цркви. Грубите фалсификати кои се прават денес, не водат никаде, туку само кон делби и омраза.
А историјата? Историјата секој и секаде си ја толкува на свој начин и за сопствени потреби. До сега никаде за ништо на виделина не излегла апсолутната вистина. Но, да се блокира нечиј интеграциски процес, само поради фрустрации од минатото е ниско, долно и безобразно.
Да се надеваме дека ќе си ги отворите очите и нема да дозволите медиокритети политичари и псевдо научници да го нарушат односот трајно, помеѓу двата народи, и уште повеќе меѓу двете нации.
Александар Ристевски