сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Фудбалот го обедини народот, до другите е дали ќе ја сфатат пораката!

Фудбалот го обедини народот, до другите е дали ќе ја сфатат пораката!

Сите велат дека не треба да се мешаат спортот или културата, со политиката. Како ли не сфаќаат дека севкупното живеење е политика и борба за доминација?

„Војната“ е природна состојба на човекот, според Томас Хобс.  По својата природа, човекот му е на човека волк (Homo homini lupus). Бидејќи секој човек е потенцијален непријател на другите луѓе, кај секого се јавува страв да не биде нападнат и уништен, а стравот и недовербата водат кон некаква војна. Имено, најдобриот начин за човекот да се одбрани од другите луѓе е да ги осуети нивните намери така што ќе ги покори. Оттука, природната состојба на луѓето се одликува со војна на сите против сите (bellum omnium contra omnes). Во таа состојба, не постои праведност ниту мир, туку секој има право да прави сè што е потребно да се заштити и да ги покори другите луѓе, така што човековиот живот е „осамен, беден, валкан, суров и краток“.

Така да, да престанеме со морализирање за тоа дали вчера машите навивале фино и дрско, дали имале почит или не! Каква бре почит, таа држава и нивната политичка свита, сака да лоботомира еден цел народ, го блокира напредокот на државата, вие ми зборувате дали сме ги исвиркувале или навредиле? Боже, Боже, колку биле нежни! Тие кои секојдневно не нарекуваат Северомакедонци во медиумите, тие кои ни викаат дека сме Бугари, тие кои ни го негираат цело минато, оспоруваат јазикот и идентитетот, сега сме требале да се грижиме за нивните чувства? Искрено, гајле ми е за нивните чувства. Единствено ми е мило, што направија обичниот народ да знае како Бугарија како држава гледа кон нас. Да се разбереме, не бугарскиот народ, посебно не Македонците во Бугарија, кои колку сака да ги негирате се значаен дел од вашето општество, туку вашите политички и медиумски елити, како и онаа група на национал фашисти кои негираат се што е македонско. Но таквите се ликови за кои Бугарин е и Исус, и Никола Тесла, и вонземјаните и Атлантида, претпоставувам и Мајкл Џексон, Опра Винфри и британското кралско семејство.

Се гордеам што над 20.000 сплотени гласови на Македонци, а со нив  и еден куп наши браќа сограѓани македонски албанци, македонски срби, македонски власи, македонски турци, македонски роми, покажаа сплотеност. Во еден здив, македонскиот народ ја испеа во неколку наврати македонската химна. На крајот на загубениот фудбалски натпревар, Македонија победи. Грмеше „Денес над Македонија се раѓа“, а се испрати јасна порака пред се до македонскиот политички врв, но и до оној на источниот сосед, дека овој народ не потклекнал и нема никогаш да потклекне пред никого, колку и да го ништите и негирате. Да се надеваме дека оваа порака нашиот политички врв ќе ја разбере, затоа што никој, никогаш не победил народ.

Што се однесува до натпреварот, единствена некаква светла точка беа најголемиот дел од играчите, за кои и делумно може да се даде забелешка но не дека не се трудеа. Критиките се за сите други, па да почнеме по ред.

Навистина не можам да ја сфатам Фудбалската федерација на Македонија. Кариерата за заврши Горан Пандев. Му честитаа буквално сите, вклучувајќи го и еден Интер. Легендата на македонскиот фудбал, долгогодишниот капитен, не добива ни почит, ниту проштален меч. Срамота! Ги ставате личните фрустрации и комплекси, пред она што е востановена пракса во цел свет. Личната нетрпеливост е ваш проблем. Пандев треба да му се заблагодарите јавно пред полн стадион и да го одликувате.

За организацијата на мечот: Направивте да нема онлајн купување карти. Ги теравте луѓето да се мафтаат по продавници, за да земат билет. Не продававте карти за исток и запад, иако на запад четвртина од трибината беше со гледачи, а цел исток со 5000 места го чувавте празен за 20-30 Бугари. Створивте хаос при влез на трибините како никогаш до сега. Илјадници луѓе не го видоа почетокот, ниту интонирањето на химната. Дури и 30 минути по почетокот на натпреварот луѓе влегуваа. На јужна имаше најмалку 1000 луѓе повеќе од самиот капацитет на стадионот, седеа на скали, стоеја на влезовите. Не сум присуствувал на полошо организиран меч. Место да има 34.000 на стадионот, направивте на човек да му се одмоли од фудбал. Кога за други мечеви нема никој да ви дојде, сетете се зошто!

Секогаш на полувреме на натпревар се пуштаат македонски народни песни или навивачки (Јонче Христовски, Васка Илиева, Тоше Проески, Дени те чува), вчера слушавме америчко  “ар ен би“ и реклами за осигурување и банки.

Судијата беше капак на се’! Едноставно, го уништи натпреварот. Австриецот очигледно не е дораснат да суди ваков меч, или пак сето тоа го направи тенденциозно. Не почитуваше предност кога можеше, немаше ист аршин пре делењето на (не)правдата. По тој критериум требаше да има барем уште 3 или 4 црвени картони.

Коментар и за селекторот. Очигледно е добар за скаутирање играчи, добар тренер, но искучително лош стратег. Од кога ќе ти исклучат бек, ти да играш уште 50 минути со два шпица, нема логика. Миовски се изгуби пробувајќи и да покрива во одбрана, Милан Ристовски беше отсечен, Елмас се изгуби во средината, а на Барди душата му излезе обидувајќи се сегде да покрие или да земе и пренесе топка, па дури едно време го видовме и на бек. Вадењето на повредено играчи и играчи кои не се во форма, е веќе стандарден изговор, а муабетот дека сепак бил задоволен не ми е јасен. Загуби дури 3 пати во последните 4 меча, ги победи само аматерите од Гибралтар. Селекторе, имаш 3 пријателски до крајот на годината. Ако не ги добиеш и покажеш игра за почит, и ти ќе си завршена приказна.

И уште нешто. Навистина се одвратни политичариве од актуелната власт, кои продадоа се што е македонско, сменија име, тргуваат со се она што е наше етничко и национално обележје, а се сликале и тагирале дека навиваат „за Македонија“. Прво, баксузи сте, а сте на стадион, губиме. Второ, вие за гробарите на Македонија, северџани едни. Трето, толку обезбедување влечете со себе, што го нарушувате комодитетот на сите останати на трибините.

Доколку сакате да направите нешто корисно, дадете си оставки. А до тогаш погрижете се да имаме греење и струја, а да не банкротираме од сметките. Еве веќе втор месец од новата грејна сезона БЕГ фактурира сметки 25% поскапи од лани, а нели нема лиценца, не сте ја средиле ни работата со топланите кои се на Чифлиганец, а немате ни гас, ни мазут, ни ништо за греење, а домовите на ниски температури се ладни. Поздрав и со ЕВН со сметките за струја, направени „на ѓутуре“. Ќе одговарате еден ден за се ова што го правите.

 

Александар Ристевски