По дебаклот на првиот круг на локалните избори, премиерот Зоран Заев најави „гејм чејнџ“ (промена на играта), демонстрирајќи длабок јаз со реалноста и јавноста, чија порака е „гејм оувер“ (крај на играта)! Да, гејм оувер, локалните избори ако не стават крај, ќе го означат почетокот на неминовниот крај на владеењето на Зоран Заев.
И тука веднаш може да се контрааргументира, првиот круг не е дебакл, локалните избори не се завршени и Зоран Заев не живее во илузии, ја прими пораката на јавноста! Тенки контрааргументи! Доволни беа изразите на лицата на Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, министри во Владата, молкот во изборниот штаб на СДСМ, да се разбере дека првиот круг е дебакл, не во мои, наши очи, туку во очите на раководството на СДСМ. Локалните избори не се завршени, но е јасно проопозициското расположение во упоришта на СДСМ, како Карпош на пример. Во очај, на најјако се ставени негативната кампања и очајниот повик „не оставајте ме сам“. Нема посилен доказ за илузиите на Зоран Заев од полноќното тврдење дека Петре Шилегов води убедливо во Скопје. А како јавноста го перципира тоа, најдобро го илустрира пост на Твитер: „Не знам дали повеќе пати ја примивме пораката или ЕУ датумот“.
Некој изгледа ја прескокнал приказната „Царевата нова облека“! Во политиката е важно да знаеш кога да влезеш, но уште поважно е да знаеш кога да излезеш! Нешто што не го направија ниту Бранко Црвенковски, ниту Љупчо Георгиевски, уште помалку Никола Груевски и сега Зоран Заев. За првпат две анкети покажуваат дека довербата во Зоран Заев е преполовена и е пониска од таа на Христијан Мицкоски. А Зоран Заев е централен во локалниве и мисли дека им го подига рејтингот на нивните кандидати.
Како Зоран Заев и СДСМ од крвта на 27 април 2017 година и огромната доверба доверена од граѓаните стигнаа за четири години до својот крај? Да, граѓаните му доверија огромна доверба на Зоран Заев, му доверија владеење на национално и многу убедливо на локално ниво (локалните избори во 2017 година), доби и свој претседател на Републиката, Стево Пендаровски! Со изборот на директни избори во СДСМ како единствен кандидат, доби неоспорен мандат за водење на СДСМ. Едноставно ги изневери клучните ветувања за кои граѓаните му ја дадоа таа поддршка! Зоран Заев и СДСМ ветија евроатлантска интеграција на Македонија и владеење на правото и борба против корупцијата и криминалот! Промената на името, како тоа се направи, остави длабоки лузни на македонското општество, а за возврат не стигнавме до целта членство во НАТО и ЕУ! Не било наша вина, Бугарија блокирала. Не е проблем со Франција и Бугарија, туку неспособноста на нашето раководство да ги процени состојбите и ризиците и соодветно да се справува. И Бојко Борисов да му забил нож во грб на Зоран Заев, некој требало да го предвиди тоа. Да не зборувам за газењето на тоа малку национално достоинство што ни останува!
Ако некаде СДСМ целосно потфрли во ветувањата и очекувањата, тоа е темата за владеење на правото и борба против корупцијата и криминалот, напуштање на клучната парола „нема правда, нема мир“. Од амнестијата за промена на името, преку „Рекет“ и скандалозните бегства на еден куп осомничени или осудени, до случаите на корупција во самиот врв на власта. Листата е премногу долга, а исклучива одговорноста на Зоран Заев и СДСМ! Нема тука Франција, Бугарија, ова-она.
И на врвот на тоа, секојдневната демонстрација за „неспособноста“ на СДСМ.
Целиот текст прочитајте го ТУКА