петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Го викале Лагата…

Го викале Лагата…

Македонија е земја во која на избори народот гласа според емоциите, а не според здравиот разум, а неретко и поради инает. Кога некој ќе рече дека политичарите не чинат, јас би рекол, напротив, тие се токму рефлексија на тоа што сме и какви сме ние, народот.

Се до 2006та година ја имавме воспоставената пракса, ветувај се, буквално што ќе ти текна и падне на памет и терај по свое. Буквално не се бираше што се ќе се понуди, затоа што оние кои кои ја водеа државата, единствено мислеа за личните интереси и како да го разграбат општествениот имот и да го купат за ситни пари или да си го препишан на свое име. Народот, во очај гледаше да преживее. Цветаше сива економија, сите станаа трговци, продавачи, прекупци, закупци, а некои од очај упорно седеа во фирмите осудени на пропаст.

Купишта семејства се растурија, мојата генерација ја сметам за изгубена генерација, жртва на траумите од транзицијата. Имавме затворени граници, никакви ресурси, а од лично искуство говорам дека човек не можете да отиде никаде на шалтер, или на доктор без да остави некој денар, или поклонче.

Колку сакате можете да го напаѓате и девалвирањето на владеењето на ВМРО ДПМНЕ како гарнитура или севкупен политички субјект, но факт е дена токму од таа 2006, или поточно од локалните 2005та година, се воспостави еден значаен механизам, детална програма и исполнување на ветеното.

На крај памет не ми паѓа некого да бранам, или да амнестирам луѓе за личните дела или недела кои ги направиле. Дека имало и ќе има ликови кои ја злоупотребувале општествената и политичка моќ, тоа е факт. Зборувам за големата слика, за ветувањата, за програмата и за држењето и стоењето до збор. Она што го имавме и на локално и на државно ниво, огромен дел од тоа што се вети од 2005 до 2017 и се реализираше. Мислам дека одредени градоначалници во 2013 претераа со ветувањата за стадиони, сали, огромни булевари и инфраструктурни објекти и тука и се образот дополнително, како надополнение на скандалите на државно ниво, кои ја тресеа државата.

Но, тоа не е ништо во споредба со ова што го имаме изминатите нецели 4 години. Добивам впечаток дека кога се СДСМ во прашање, народот треба да оди по логиката: „Се што ветиле, ќе направат обратно!“

И тоа по вертикала, почнувајќи од нивниот партиски лидер, па надолу. По чесно ќе беше да не се вети ништо. Барем ќе немаа хипотеки на плеќите дека лажат. Вака, што имаме? Ветување за Нов Клинички Центар. Имаа распишан тендер и обезбедени пари, ги откажаа. Бараа локации, вакви онакви за на крај да го одберат делот кад Кондово вон Скопје. Имаа тендер, проект и пари за Нов Драмски Театар. Го откажаа. Сега менуваат стакло и прозорци на стариот скапан објект, а и кровот го поправаа. Ветија тунел под Кале, одма до владата, до Пластичарска. Нема ништо од тоа. Ветија 500 километри автопат. Не успеаја да ги довршат ни оние од претходната влада, кои беа во завршна фаза. Едниот кој го пуштија, играа во тунелот оро со блех музика. Ветија дека ќе ја намалат администрацијата. Напротив, примија и вработија и шуто и рогато, а исто така избркаа еден куп, според нив неподобни. Ветија дека ќе конфискуваат имот од „големците“, дека парите ќе ги покажат на бројчаник. Напротив, парите од „големците“ не само што не отидоа во буџетот, туку им завршија во џебовите, а правосилно осуден не е речиси никој, единствено тук таму по некоја марионета. Ветија фабрики, погони, инвестиции, истите се уште ги очекуваме. Ветија децентрализација и деметрополизација на културата. Освен тезгарење и паушални стратегии, не видовме ништо. Видовме само како подобните си делат пари за проекти, толку. Ветија грижа за земјоделците.

Гледаме качени цени на овошјето и зеленчукот малопродажно, а истиот се откупува по пониски цени. Профитираа само прекупците.

На ветувањата им нема крај. Ова се само нешта што онака, ми текнаа од прва. Но најбитното, сметам дека никој никогаш нема да го заборави. Она со семето, племето, жицата, таа што го боли. Муабетот за „дали мислите дека има некој нормален кој би се осудил да го смени името?“. Да имаше таков. Камиказа, кој пред два дена на соперникот од опозицијата, 10 пати му рече дека се борел за „пуста власт“. Тоа е тоа шизофрено однесување кога верувате дека Господ ве црпнал од нивата за да го водите народот. Тој заедно со уште неколку Квинслизи, не зацрни за цел живот. Од малцинска Влада на раб на кворум, успеа да најде уште еден куп предавници и корисни идиоти, кој купен, кој под притисок, за да истера буквално се што ветил дека ќе реализира, а на народот му велеше дека не би ни помислил. Капак на тоа, сите оние кои застанаа зад него ги нарече шути и рогати и ги испцу здраво. Изговорот во негов стил, бил пијан во кафана, неколку сати, тогаш се кажувало се и сешто.

Е па драг мој народе, на 15 јули ја имаш сета сила, сета моќ, сета можност да излезеш и го растуриш комплет. Доволно ви се смешкаше в лице, а ве газеше.

Доволно ве правеше сите будали. Излезете и гласајте ПРОТИВ. Гласајте за себе. Гласајте за да си го повратите она малку достоинство кое ви го одзедоа. Гласајте против тие кои ве понижија, деградираа и лажеа в лице. Гласајте за да се спаси било што од Македонија што остана.

Целата актуелна власт треба од корен да се смени. Шанса да продолжат треба да им се даде на мал број професионалци кои одговорно тераат и работат домаќински, одговорно и во интерес на Македонија. Се друго треба да се смени од корен. Доста е со лаги, доста е со ујдурми, измами, далавери, етнички преговарања, јазични замки и тезгарења, квоти… Доста е!

Престанете да бидете себични, да гледате само за личен интерес. Видете ја големата слика. Се е паднато депресивно, меланхолично, безидејно. Парите се трошат ко луди, а ништо ново напредно не добивме. Се задолжуваме без мерка, а тапкаме во место.

Да беше дотичниот од Битола, сигурно ќе го викаа Лагата! Од разбирливи причини, а и затоа што му се кратки нозете.

Александар Ристевски