Уште една одвратна нова година за Македонија и македонскиот народ. После годините на прогон и предавства, дојдоа две ужасни Корона години кои ќе растурија, отуѓија, десеткуваа, разболеа. И таман народот помисли дека ќе излезе од стегите, почна руско-украинската воена криза, која реперкуираше со енергетска криза, а истата ја осакати македонската дисфункционална економија и исплива на површина сите проблеми кои со години се ставаа под чергиче.
Во основа претходната 2021 заврши добро. Актуелната централна власт на СДС, ДУИ и приврзоците и клиентелистите кои одат лево десно, загуби катастрофално на локално ниво. НЕ беше победничкиот резултат толку триумфален колку што предизвика да падне Пинокио, но и скопскиот „кмет“ кој си тераше по свое. Иако не се направи ново парламентарно мнозинство, надежта беше дека ќе увидат и самите дека долго вака не можат, и дека токму оваа 2022 ќе се самораспуштат и ќе се оди на избори.
Сепак, да очекувате од лик кој не победил на избори, ниту пак бил инволвиран директно во изборниот процес, да отстапи власт, тешко! Истото се однесува и за Интегративците. Кога повторно би се случило да ја држат половина Влада и сите клучни финансиски ресори, моќни институции и јавни претпријатија? Сега и никогаш повеќе! Токму таа даде моќ ги разузда дел од носителите на јавни функции, но и нивните најблиски, па секојдневно гледаме чалам, покажување супериорност и надмоќ на противниците, но и над рајата.
За злоупотребите да излезат на виделина, ќе почекаме. Додека не се ослободи системот, нема да се мрдне ни милиметар во позитивна насока. Тоа може да се случи само доколку дојде целосно нова структура кои ќе процесуира се што се случувало во изминатите години.
Енергетската криза и војната во Украина на површина исфрлија еден куп „валкан веш“. Конечно сфативме дека немаме земјоделие, за кое се делат стотици милиони евра годишно помош. Сфативме дека и за тоа што се произведува, нема пласман. Сфативме дека сме енергетски зависни и во подредена положба, и дека тоа што со години се уништуваше, а не се создаваше ни се удри од глава. ОД земја која произведува струја, и остварува профит, дојдовме да сме држава во која сиромашниот народ и малите фирми страдаат, а пари лапаа трговците.
Ние сме држава во која во време на криза, се збогатија трговците и банките. Ниту едните ниту другите не прифатија дел од кризата, па да ја намалат добивката. Напротив, лапаа ко луди токму во овие времиња на криза. Им благодариме, нема да биде заборавено.
Слично е и со дел од големите фабрики во слободните зони. Да излезе податок дека во време на криза некој имал чист профит од десетици милиони (една од фирмите скоро 80 милиони евра), а да не вложат ниту евро во македонскиот спорт, доволно говори за тоа дека нешто ќе мора да се менува и во односот на државата кон нив. Ние ги потпомагаме со пари од буџетот, а тие кон општеството, спортот, културата, инфраструктурата, ништо! Ви благодариме!
Во оваа моја пред новогодишна колумна ќе финиширам со неколку мои желби:
- 2023 да биде изборна година. Година во која актуелнава власт ќе се соочи со револтот на народот и ќе замине во историјата. Комплет, целата, топтан!
- Се надевам дека потоа ќе следи широка дебата, и дека првите реформи ќе бидат во сферата на обвинителството, судскиот систем, но и сите антикорупциски тема, инспекциски служби, но и во Собранието, анкетни комисии и слично.
- Дека реформи ќе следат во образованието, по цела вертикала, од претшколска возраст, преку основно, средно, високо, но и начинот на стекнување на повисоки звања.
- Дека конечно ќе има расчистување на сите можни видови на злоупотреби, од најбанални (паркирање, узурпирање простор, бучава, хигиена), преку системскиот непотизам, тендери, форсирање на неподобни и неспособни кадри, до национални предавства, и ставање на сопствената држава во подредена положба.
- Се надевам и дека ќе се модифицираат и техниките за санкционирање, со реална конфискација на имот и средства, принудна работа, но и изградба на нови казнено поправни установи.
- Се надевам дека државата ќе престане да биде најголемиот работодавец, и дека реалниот сектор има потреба да прими еден куп лица и добро да ги плати, а токму државата е таа која ќе треба работникот да го заштити од злоупотреба на дел од работодавците.
- Се надевам дека ќе изнајдеме сили, сите ние, да престанеме да бираме ликови кои нешто ќе ни дадат, туку лица со чест, образ и интегритет. Дека ќе дојдат ликови кои баш ќе бидат слуги на народот. Година, две, три, пет, и потоа ќе си одат, т.е. ќе се вратат таму од каде што дошле, и ќе продолжат со својот живот, а не натовени, и како средни бизнисмени, преку ноќ.
- За крај, се надевам, дека сите ние ќе излееме од етничките спреги, митови и фрустрации и ќе почнеме да ја почитуваме државата и нејзините симболи. Се надевам дека сите тие кои по ова прашање со огрешија, дека ќе одговараат.
Среќна 2023 година Македонијо. Среќна нова драги мои Македонци, каде и да сте!
Александар Ристевски