Секој оној кој мислеше дека со решавањето на спорот со Грција, дека се е завршено и дека Европа не чека со раширени раце, тешко се излажал.
Грција, исто како и ние, беше притисната да попушти во врска со нашето членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, но очигледно сите заборавија на она што бугарската држава го прави и спроведува. Имено, како да се заборави дека самиот концепт на Бугарија како држава и основата на Бугарскиот национален идентитет е силно сврзана со самите Македонци и Македонија како територија.
Тоа е принципот на накриво засадено дрво. Истиот проблем го има и Грција, ден денес. Тоа е кога се форсира по секоја цена идентификувањето со државата, а негирањето на различностите. Кога националното се поистоветува со етничкото. Да, и една Турција, и една Русија, и една Франција, и Германија, и Шпанија национално ги обединиле помалите заедници и направиле истите да се идентификуваат според нацијата, но не им забраниле да ги чествуваат, величаат или искажуваат своите корени, потекло, традиција, фолклор.
Апсолутно негирање на постоење на Македонци е смешно, навредливо, тоталитарно, фашизоидно. И еден да има, тој мора да има право да е каже дека е тоа што вели дека е, Македонец. Но, ајде што ни Бугарија, ни Грција не признаваат дека ги има кај нив (Грција единствено вели дека има Грци славофони), туку се оди чекор напред па еден куп веќе маргинални политичари во Бугарија, кои им се дава шанса да медиумски роварат, велат дека ниту тука во Македонија, Македонци нема! Навистина не ми е јасно зошто самата нивна држава, Европската унија, европратениците, амбасадорите, не реагираат на оваа форма на фашизам?
Луѓе, на Балканот чисти држави нема, немало, ниту ќе има! Лојалноста кон државата е убава и потребна, но етничката, јазичната, културолошката поврзаност е она што е богатство на светот, и токму таа различност е прави колоритни, креативни, космополитски настроени.
Мене ми е навистина жал кога гледам луѓе кои се со македонски корени, а се од Бугарија, и од петни жили ја бранат бугарштината, очигледно обидувајќи се, пред се себе си да се убедат дека се во право. Како инаку би го разбрале мотивот да дремат на социјалните мрежи, да читаат македонски сајтови, да гледаат македонски интервјуа и да се расправаат за нешто за што не ја засега нивната држава? Јас кога отворам сајтови од Бугарија, Србија или некоја друга балканска држава се интересирам за музика, спорт или култура. Како и секој обичен човек. Опседнатоста со тоа кои се и што се Македонците, и потребата да не ослободат од некакво си србоманство за кое веруваат дека не одбугарчило, во најмала рака е смешно, и е на ниво на патологија.
Мислам дека севкупното население и во Македонија и во Бугарија, но и сите соседи на Балканот треба да зборуваме, да комуницираме. Бугарите за почеток ќе мора да сфатат, Македонците не се, не биле и не сакаат да станат Бугари. Да, Бугарија ни е блиска земја, во неа македонската преродба егзистирала, творела, се развивала. Многумина со железната завеса се поделиле на две страни (четири поточно) на границите. Но за разлика од тие во Бугарија кои го прифатиле во целост националниот идентитет на таа држава и станале Бугари, треба да разберат дека ние тука не станавме Срби, туку напротив, го развивме, зајакнавме и оформивме МАКЕДОНСТВОТО. Ја возобновивме црквата, стандардизиравме и осовременивме јазикот, креиравме национална академија, универзитети, музика, зачувавме фолклор и што ли уште не! Од друга страна, бугарија како држава ден денес поддржува присвојување на се што е македонско, обидувајќи се да го претстави како свое. Најголемата фарса е кога современи македонски песни од автори како Васка Илиева, Јонче Христовски, Бадев, Сариевски, па дури и еден Војо Стојановски ги препеваат, модофицираат и претставуваат како свои. Тоа од наша страна никогаш не било правено.
Стравот го разбирам! Една третина од современата бугарска нација зборот Македонец го чувствува како дел и од својот севкупен идентитет. Истото го има и во Романија, и во Турција на пример, но самите држави немаат проблем со „македонството“ на таа група граѓани кај нив, затоа што истата не е толку доминантна како во Бугарија.
Македонија и Бугарија ќе мора да се зближат и да комуницираат, но и да се почитуваат. Токму тоа е и целта на обединета Европа и на самата Европска унија. За почеток, помалку шанса барем таму да се дава на политички маргиналци, а во бугарската јавност да се канат мислечки луѓе од Македонија. Не, не мислам на полтрони кои ќе одат таму да им се додворуваат, па со сила ќе пробуваат да зборуваат бугарски, туку луѓе со интегритет, интелектуалци, уметници. Истото треба да го направиме и ние.
Мора да почне интензивно да се работи на инфраструктра. Автопат или експресен пат од Скопје до Софија, повеќе гранични премини, авионски линии од Скопје и Охрид, за Софија и Варна, железничко поврзување, енергетско поврзување, а потоа да се продолжи со меѓу општинска преку гранична соработка, факултативно изучување на двата јазика во двете држави, универзитетска соработка и слично. Ако не можат да се разберат етнолозите, историчарите и дел од општествените науки, тогаш дај да ги поврземе физичарите, хемичарите, математичарите, машинците, електрашите и останатите природни и технички науки. Следно е да се отворат лекторати на македонски и бугарски јазик возвратно, и се она што следи.
Бугарија мора да излезе од стегите на минатото, да се соочи со негирањето и асимилацискиот порив и живеењето во некои нереални бајки од пред 100 или 150 години. Македонија мора да ја прифати Бугарија како земја чиј народ има силни историски, но и семејни врски со нас и да почнеме да работиме на она круцијалното, справување со криминалот, непотизмот, корупцијата, даночната евазија, и се она што не спречува да бидеме и ние и тие, убаво место за живеење. Џабе им е и нив ЕУ кога живеат супстандардно и лошо.
Ајде за почеток да зборуваме, но со најсилните умови, со најдобрите, со највредните, со бизнис заедницата, со оние кои имаат визија и желба им е напредок. Доста беа политички полтрончиња и медиокритети, желни само за власт и некакви колонијални филмови.
На Бугарија и одговара Македонците да се обединат во европското семејство, да бидат во една заедничка федерација како што е Европската унија. Исто како што македонските Албанци се фактор за стабилност во Македонија, Македонците се фактор за стабилност во Бугарија. Бугарија има шанса со новата Влада да докаже дека научиле нешто од Европа, е не дека се заглавени со теории и ставови од 19от век.
Александар Ристевски