вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Кога имаш нестабилна Влада…

Кога имаш нестабилна Влада…

По загубените локални избори пред речиси две години, оваа актуелна политичка структура е во тешка криза. Не дека претходно им течеше мед и млеко, и дека владееја без утки, но пред локалните избори опозицијата беше нокаутирана, демотивирана по корона летните избори во 2020та, а и со многу персонални, структурални, но и материјални предизвици.

По цунамито на локалните есента 2021ва, потопот на актуелната власт трае, и се продлабочува. Почна со оставката на Заев по самите избори, па со гласањето за ново парламентарно мнозинство, исчезнувањето на Кастриот Реџепи, кој од жена му дознал дека ќе влеземе во ЕУ, преку еден куп афери злоупотреби, промена на Беса, со Алтернатива, па со Алијанса, со што се трошеше опозицијата кај македонските Албанци, преку што се јачаше ДУИ, а СДС опстанува на власт приклучен на апарати.

Нај интересно е кога премиерот Ковачевски ќе рече дека имаат стабилно мнозинство. Еден куп аналитичари и политички коментатори го повторуваат истото, но во реалноста не е баш така. Да беше стабилно мнозинството, немаше секоја собраниска седница да се мачи за кворум. Немаше да менува коалициски партнери како чорапи, а и министри исто така. Речиси да нема министерство кое не изротира по 4-5 министри во изминатите 7 години. Единствено Оливер Спасовски е константа, се друго беше на отстрел, со исклучок на уште еден два ресори каде беа само по двајца министри, до сега.

И секако, се секоја промена, нова агенда, нова стратегија, секој влече на своја страна, нема конзистентност на политиките и проектите, останува само еден заеднички именител – клиентелизмот.

Да се вдомат кадри, да се заземат институции, да пројде некој голем тендер, и да се поделат проекти.

„Купен мир и тишина, пострашни од…“ што би рекол Ристо Вртев, во онаа легендарната од Архангел.

Мнозинството кое е фиктивно стабилно, е во основа темелот на нестабилноста. Стабилен е само интересот, кој во моментот кога ќе исчезне кај едните,  се бараат нови „стабилизатори“ за да се купи време. Но, очигледно се истрошија стабилизаторите, па од таму и паниката. Сега притисокот од сите страни е токму кон опозицијата која по секоја основа беше шиканирана и масакрирана политички сиве овие 7 години.

Власта оди до таму што свесно саботира проекти на локално ниво, или ескивира со предвидените општински блок дотации, со што покажува дека запрениот процес на децентрализација само потврдува колку штета нанесува. Имено, доколку централната власт не сака да соработува со одреден општини кои не делат иста сфера на интереси, таа општина ќе тапка во место и нема да може легално избраната локална власт, да ги реализира проектите за кои добила доверба.

Но, и покрај сите овие опструкции големото мнозинство на опозициска градоначалници тераат повеќе од добро и ги реализираат планираните проекти, иако централната власт со сите сили ги опструира.

Тоа само потврдува за состојбата во која се наоѓаат „Стабилните“! Сега дилемите се дали избори со се претседателските па да си изгубат на купче, или ќе го мачат народот за има избори на секои 3 месеци, со избори среде лето? Гледајќи го нивното однесување, и тоа нема да не изненади.

Оваа власт е политички мртва. По сите можни аспекти. Дури и проектите со кои мислеа дека ќе поентираат (како Бехтел и Енка), уште толку ги до закопа, и ја потврди длабоката корупција и клиентелизам во кој се навлезени.

Во следните месеци ќе гледаме една валкана кампања, релативизирање на состојбите, барање виновници, етикетирање, обид за преговарање, но и за прикривање на трагите на сторените дела. Со менувањето на кривичниот закон, и со амнестијата која ја планираат, уште толку потврдуваат дека во моментот само тераат кризен менаџмент и обид за да ја намалат штетата од катастрофата која следи.

Секако, исплатите по сите основи, бројните тендери и набавки, ќе доживеат врв, знаејќи дека ќе мора да ги плаќаат и поткупат сите оние излажани и разочарани кои им давале поддршка, а биле влечени за нос.

Да се надеваме дека и тие гласачи ја научиле лекцијата, и дека тие ќе бидат токму оние со не гласање ќе им го зададат последниот удар и трајно ќе ги пратат во историјата.

До тогаш, слободно нека намигаат и нека праќаат „пољубци“.

 

Александар Ристевски