Навистина е забавно кога гледате дека амбасадорите и политичките претставници на големите сили, едноставно, а сепак суптилно, во јавноста ги газат претставниците на актуелната ненародна власт.
И Германија, и Холандија, и Австрија, и Велика Британија, и САД, еден по еден, почнаа в лице да им шлапаат, што се не чини. Ако! Малку е! Затоа што нештата кои ги потенцираат се само оние за кои тие самите ќе мора да дадат отчет во нивните држави. Нема реакции за сите други недоследности и криминали. Очигледно и самите почнаа да сфаќаат дека употребната вредност на оваа ненародна структура е готова, завршена.
Странските претставници се жалат за тоа како се трошат силните пари кои со години се слеваат во одредени ресори и институции, а не само што нема резултати, туку од година во година, состојбите се полоши. Ќе се испостави дека ликовите кои водат и раководат со институциите и државните органи каде што се слевале сите овие средства, само ја дале својата лојалност кон донаторите, пред се за општествено политички теми, промена на закони, устав, гласање или што и да е, а за парите кои се земаат и трошат, се прави една кула од карти, и се’ се реализира фиктивно.
Тоа долги години се правеше со невладиниот сектор. Имаше невладини кои трошеа милиони, правеа еден куп дисфункционални и фиктивни проекти и манифестации, кои немаа никаква општествена додадена вредност, само беа средство за финансирање на ликови кои потоа се користеа за политичко идеолошка борба во предизборието. Секоја чест кон оние малкумина кои останаа доследни и професионални во се она што го создаваат низ годините.
Од кога сите тие ликови влегоа во власта, се виде дека не е целта да се финансира граѓанското општество, туку самите ликови кои за помали пари сега ќе мора да работат во својство на државата, плус да се справат со бројни ограничувања како што се законски одредби, постапки, тендери, јавни набавки. Но на крајот се’ се сведува на тоа дека не се инвестирало во државата и во системот, туку во послушници и марионети, кои парите на „западњаците“ си ги користат за себе и некоја своја лоби група или клан.
Проблемот на „западњаците“ е што таргетирањето им е лошо. Човечките ресурси. Кога ќе одбереш хиена, која ти се смешка, па кука, па се жали од репресија и дискриминација, па вели немаме пари и финансирање, и на се што вие ќе кажете, вели: „Се согласувам!“, тоа е тоа!
Човек кој е идеалист, кој се бори за кауза, за подобро општество, подобра држава, е бунтовен кон се, а посебно доколку забележи дека некој сака да го купи и манипулира. Вашите пулени се бунтовни само кон идеалот на Македонецот за слободна, самостојна и независна држава. Затоа и никој не ви верува повеќе, ниту пак во пораките или „таканаречените“ добри намери.
Македонецот, но и политичките претставници на македонската национална десница уште по осамостојувањето се заколнаа на западна интеграција. Од друга страна пак, тие кои вие ги имате под свое, и нивните родители, беа полтроните на југословенството, сакаа да се остане во сојуз со Србија, во новата „Србославија“, тие правеа јавни хајки кои слободарските Македонци и им лепеа етикети дека се Бугари. Тие ги направија внатрешните конфликти со македонските Албанци, и со тетовскиот универзитет 1994та, и со бит пазарските настани во 1995та, и со градоначалниците на Тетово и Гостивар и немирите околу употребата на знамињата во 1997ма. Е таа структура, денес е на копче на одредени претставници на западот, промовирајќи ни европеизам. Ете, на тој начин, токму вие кај народот искреирате евроскептицизам. Алал да ви е! Го ангажирате она најдолното и најподмолното во општеството, клиентелистите и јудите.
Право на избор треба да има секој. Никој во една сериозна држава не смее да биде репресиран, навредуван, понижуван или омаловажуван, по ниту една основа. Но, во оваа држава имате луѓе кои се осудени за тероризам, а тие се родољуби и патриоти кои наивно влегоа во еден фингерај и настрадаа, додека луѓе кои тргнаа против државата и полицијата и војската, се во Собранието, водат државни институции, општини, јавни претпријатија.
Претпоставувам дека полека но сигурно сфаќате каде е проблемот, нели? Сфаќате и вие дека оваа трипер коалиција меѓу ДУИ, СДСМ со приврзоците и Алијанса, е мртва и во распад. Дека секојдневно тонат и пропаѓаат како политички субјекти, а дека ја разградуваат државата. Дека мала група на луѓе стегна огромно богатство и дека одредени кланови и фамилии, за само неколку години станаа мултимилионери. Дека судството докажа дека се осудуваат само потрчковците и наивните, а дека се друго може да подмачка, забошоти и купи.
Каква е состојбата јас гледам кога ќе видам кого каните на приеми и коктели. Не си ги ажурирате листите, тие кои вредат или ги изоставувате или тие ве игнорираат, а опкружени сте со ликови кои многу често, пет пари не вредат. Патем, дали свесно или случајно, оние кои се од десницата се 99% заобиколени. Знам од себе! Сум присуствувал на неколку приеми каде ќе видам еден двајца десничари, неколку полтрони и прелетачи, шака полуинтелектуалци кои мислам дека ќе фатат тезга и секако, сите комплет на купче социјалдемократи и нивните деривати, заедно со комплет структура на речиси сите албански партии.
Џабе ги форсирате! Немаат употребна вредност. Ни работна, ни професионална, најмалку политичка. Нека не ви е мерило дали и колку лајкови и срциња се добиваат на социјалните мрежи или колку меѓу себе се јачаат. Сите тие ќе станат општествени маргиналци, оној ден од кога ќе бидат сменети и разрешени. Додадената вредност на Македонија ја даваат некои сосема други ликови. Ликови кои имаат и чест и образ, умни се и способни, со визија за напредок и развој, и да си ја сакаат бескрајно земјата, а со вас ќе зборуваат на ниво на еднакви партнери, а не како ваши вазали и лакеи.
Уште малку, и тоа ќе биде! Ќе ги истрпиме актуелниве уште малку, па потоа ќе биде забавно, сигурен сум. А дотогаш обрнете по детално внимание што и како финансирате, зошто нема резултати од истото, и секако, ажурирајте си ги списоците за приеми и коктели.
Александар Ристевски