четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Кој е тука будала?

Кој е тука будала?

Навистина не знам од каде да почнам. Живееме во такво хаотично време во кое нема ден да нема барем три четири афери, скандали, индиции за криминал и проневери, непотизам и што ли уште не, а барем уште десетина други случаи кои неретко поминуваат незабележано.

Ајде само навратете се на пред еден месец, или пред седум дена, или еве пред само три дена и ќе видите самите дека сето тоа што не шокирало, изненадило, изнервирало како идиотизам на некои вршители на јавна функција или експоненти на власта, се заташкува, тргна на страна, се поклопува со нешто ново и веќе го нема.

Нема одговорност, нема оставки, нека привични и прекршочни пријави, нема ништо. Ете тоа го прави негативната селекција. Селектирањето и промовирањето на морони, медиокритети и послушници на истакнати и одговорни позиции.

Сево ова што се случува со пандемијата од корона во голема мерка и се погоди на актуелната власт. Да не беше народот уплашен и под психоза, сега ќе имаше илјадници луѓе на улиците во секој град. Се задолжуваме како држава со милиони на дневна основа, а со сите тие пари место да се креира развој, само се купува социјален мир и за да опстанат уште некој ден. Власта ја напаѓа опозицијата дека не им прави кворум во Парламентот. Пазете, опозицијата е крива, зошто власта не ја бива! Генијално.

Периодов сфативме уште неколку битни работи. Дека еден куп фаци кои се декларираат за „независни“ или припадници на невладиниот сектор се ништо друго, освен полтрони и апологети на власта. Како што неодамна напиша мојот пријател Арменд Нухиу: „Апсолутно е легитимно да си активист, член на ВМРО, СДСМ, ДУИ итн и да ги афирмираш и браниш политиките на соодветните партии. Но ако си граѓански активист, треба да ја критикуваш Владата – од било кои партии таа да е составена. Не опозицијата. Бидејќи, опозицијата не имплементира политики. Ако си граѓански активист, или пак, независен аналитичар и ја фалиш Владата, а ја критикуваш опозицијата, ти не си тоа. Тогаш ти си владин апологет и корисник на владини фондови.“ Се си кажа човекот, и ви залепи еден силен шамар. Се навикнавте цели 11 години да глумите жртви, ама овие 4-5 години потврдивте многумина и кои сте и што сте. И квази архитекти, и квази новинари, и квази политичари, и квази водители, и квази аналитичари, и квази актери, и квази уметници… се покажа и докажа дека многумина се само гребатори и сејачи на омраза, кои кога имаат власт и моќ газат се пред себе и безмилосно ги трошат државните ресурси, а кога ќе се во опозиција глумат жртви и кукаат дека се репресирани. Не видов никој да гушка дрва последниве години во Скопје.

Не знам зошто дел од народот и медиумите се уште се занимаваат со одредени опозициски политички мртовци кои скокаат и рипаат, а и во филм се влезени дека се фактор, а само ја подриваат работата и трудот на опозицијата. Прашање е на време кога на сите ќе им стане јасно која им била агендата и за кого одработуваат.

Севкупно гледано Македонија тоне. Во секоја смисла. Национално, етнички, морално, етички, но најмногу финансиски. Севкупната потрошувачка моќ на народот е драстично намалена. Платите иако растат, сама вредност на истите е намалена. Еден куп луѓе се без работа. Туризмот колабира во целост. Угостителството е на колена. Текстилната индустрија драстично стагнира. Здравството е осакатено и прашање е на време кога ќе крахира. Тешки времиња во кои државата повторно троши ко луда за глупости, ангажира илјадници „договорци“ кои се непотребни во институциите, троши непродуктивно, носи нерезонски одлуки.

Народот се уште полага надеж во сите органи на прогон дека ќе излезат од стегите во кои се и дека почнат конечно да работат неселективно. И Антикорупциска, и МВР, и Обвинителството, и сите можни инспекциски служби. Ако веќе не излегуваат на терен, ако немаат дојави директни, тогаш може да постапуваат по допрен глас или како своевидни индиции да земат се она што е на социјалните мрежи.

Конечно, прашањето кое се поставува е: Кој е тука будала? Ние, јавноста, народот кој гледа што се случува и не ни се верува што прават, или големците на власта која сметаат дека можат да прават еден тон проневери и будалаштини, мислејќи дека тоа туку така ќе пројде, незабележано и неказнето, порано или подоцна?