Навистина сме генијални ко нација. Седиш, читаш, слушаш и се паѓаш од смеење. Масовна хистерија, паника и страв од Корона вирусот. Не дека самиот вирус не е опасен. Проблемот е што не знаеме да се справиме со нештата и одиме во екстреми. Едни паничат, друго користат и заработуваат.
Сево ова што се случува само е доказ и потврда дека живееме нездраво и се е изместено. Дека народот е параноичен, уплашен, лековерен и подложен на манипулации. Дека медиумите немаат никакво чувство за општествена одговорност, туку се спремни да пласираат се, само да има сензационализам, од што би привлекле гледаност и читаност. Политичарите не ги анализирам, посебно не овие од актуелната власт. Луѓе кои беа спремни да направат и продадат се за да дојдат на власт, да на месец два пред избори прават се што треба за да се додворат на рајата, не се вредни ни да се споменат. Тие дополнително креваат тензија.
Да се разбереме, во целост ја сфаќам загриженоста на стручните лица и здравствените работници. Тие си ја знаат работата, информирани се, и даваат прецизни смерници како секој од нас да се однесува. Зголемено ниво на лична хигиена, често и редовно миење на раце со сапун и се пропратно што веќе се спомена. Почитувајте ги инструкциите на докторите, а не квази информации од сајтичња, новинарчиња и политиканти.
Но не можам да го сфатам користољубивото однесување на масовно купување медицински маски, и обидот да се препродаваат за 5или 10 пати повисоки цени. Неетички, хокштаплерски.
Не можам да сфатам дека луѓе купуваат 100 кила брашно, 10 кила масло и ги празнат рафтовите. Не можам да сфатам да се откажуваат спортски натпревари. Цела Европа превзема мерки и се продолжува непречено, Лига Шампиони тера, Евро лига кошарка, ние одложуваме селски карневали и панаѓури, и фудбал меѓу селски екипи.
Сево ова со вирусот Корона покажа и некои други општествени недостатоци. Дека во школите, градинките, факултетите нема сапун. Дека не се одржува основното ниво на хигиена. Дека доколку влезете во јавен градски превоз ќе сфатите дека има еден куп луѓе се скарани со сапунот и пастата за заби. И не, не е само до стандардот, туку до нарушените животни навики, летаргијата, незаинтересираноста.
За самото име, кое пак беше и досега доста популарно. Корона е вид на атмосфера од плазма на Сонцето или друго небесно тело, која се протега милиони километри во вселената. Најлесно се гледа за време на тотално помрачување на Сонцето. Терминот доаѓа од латинското „corona“ што значи круна.
Покрај светски познатото пиво, исто име кај нас има и кумановско погребално претпријатие, хотел во старата чаршија во Скопје, одма карши Чифте амам, гледам дека од порано е име на маркети, фурни… така да, имево Корона или ќе им донесе профит или ќе ги уништи. Друго нема!
А Балканот не би бил Балкан доколку не удри на сеир. Веќе две песни излегоа во Србија и во Босна. Креативни ликови!
Шала на страна. Мора да сме сериозни и одговорни. Медиумите место да креваат паника и хистерија, правилно и одговорно да информираат. Да се санкционираат оние кои како прекупци, лажно билдаат цени на медицинските маски. Политичарите да не ги злоупотребуваат состојбите. Образовните институции да си добијат итен надзор и оние кои неодговорно ги менаџираат да бидат санкционирани. За поздравување е интервенирањето во скопскиот јавен превоз, иако тоа мора да е редовна постапка, а да се интервенира кај приватните превозници, нивните возила се подвижни кочини.
Време е да почнеме сите да се однесуваме одговорно, и не само инцидентно. Постојано и во континуитет. Да ни стане начин на живеење.
Александар Ристевски