сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Македонецот има сопствени битки, доволно ни беа туѓи!

Македонецот има сопствени битки, доволно ни беа туѓи!

Многумина се шокирани и изненадени од актуелните состојби и воени дејствија во Украина, не сфаќајќи дека тоа е секојдневие веќе со години во една Сирија, која физички е исто оддалечена како и Украина.  Военото решавање на одреден конфликт е лошо и катастрофално, но тоа не е единствениот начин на кој се води војна. Светот со години е во своевидна специјална војна која се води со разни биолошки  оружја, со санкции, забрани, ограничувања, блокади, а најмногу со пропаганда и лажни вести.

Зарем сите вие кои живеете во Македонија, немате впечаток дека против вас како народ и како нација се води војна? Зарем можете да кажете дека во 21век, е нормално некој во континуитет ве блокира, ограничува, негира?  Најголемата сила на еден народ, и севкупно, една нација е во сплотеноста, обединувањето зад некоја идеја и имањето став. За жал, ние сме земја на полтрони, а очигледно големите сили имаат таква моќ да ги селектираат одгледуваат и промовираат истите.

Загрепската филхармонија во Хрватска, го отстранила од репертоарот Петар Илич Чајковски затоа што имале музичари Украинци кои биле депресивни. Да не биде покусо и Македонската опера и балет, сега пејоративно наречена НОБ, во 5 до 12 го откажа концертот со Руски романси. Браво, генијално! Јас потполно сфаќам во време на војна и санкции да има мерки кон агресорот, во целост. Ама фарса е луѓе мои, да се негира светско музичко наследство старо 100-200 години за дневно политички цели. Едноставно, не! Тоа ме потсетува единствено на однесувањето на нацистите на Хитлер кога палеа книги со тематика која не им се допаѓа.

Во време на современа технологија, научен напредок и поголема свест, класичното водење на војна треба да е минато. За осуда е се она што се случува во Украина, од друга страна не можам да ја сфатам твитер објавата на Украинската амбасада во Македонија која дава контакти на луѓе да бидат борци во некаква Меѓународна легија. Дали некој им кажал дека тоа во Македонија е кривично дело според член 322-а?

Срце ме боли кога гледам дека македонскиот народ се дели по прашањето на тоа кој дали е за Русија или за Украина. Јас претпочитам сите да бидат за Македонија. За жал, само неколку стотини, од време на време по неколку илјади, бевме оние идеалисти кои окапаа по улиците, пред Собранието и пред Владата, борејќи се за Македонија. Мнозинството си остана дома и преќуте се’!

Браќа и сестри Македонци, и сите вие на кои Македонија им е се што имате. За почеток, чувајте си го домот и сопствената земја. Не влегувајте во игрите и манипулациите на оние кои не делат и караат меѓу себе. Си ги вадиме очите, а Македонија тапка во место. Светот ќе смогне сили, војната во Украина ќе стивне, големите ќе ги решат работите меѓу себе.

Да не бидеме како Македонците по Втората светска војна. Да не бидеме како Македонците во Балканските војни. Поделени, разделени, изгубени, раселени. Заземаме страни во битки и војни кои не се наши, ништо од тоа немаме, а на крајот сите ќе ни го свртат грбот. Да се грижиме за Македонија.  Ставовите на државниот врв, како земја членка на НАТО се тие кои што се, ние како народ треба да тераме агенда која е во интерес на Македонија и македонскиот народ.

Сочувство за сите недолжни и цивилни жртви во Украина. Одбивам да бидам поделен со став дали сум за Украина или Русија. Искрено се надевам дека наскоро ќе има мир, дека проблемите ќе ги решат, но во моментов побитно ми е како Македонија ќе се справи со вртоглавиот раст на цените, со енергетската криза, со овие воени профитери кои додека народот страда лапаат огромни тендери. Загрижен сум за менталното здравје на Македонецот, за тоа што снемува доктори и медицински персонал, што школството и високото образование ни се на колена, и што народот се мрази. Што е поделен, исфрустриран и раскаран. Што седи дома и се кара на социјални мрежи, а за тоа време некои гниди го крадат и си ги селат и децата и капиталот во странство.

Жал ми е, што не ја гледате големата слика, а таа е, додека сите вие се карате, тепате, колнете, некој прави пари. Не влегувајте во туѓи агенди. Сакајте се, чувајте си ги фамилиите и најблиските, и не заборавајте, Македонија пред се’!

Колумна на Александар Ристевски