среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Македонија, вечна репарација по поразите на Бугарија

Македонија, вечна репарација по поразите на Бугарија

Комплетната светска историја не регистрирала, изнуден и наметнат договор потпишан помеѓу агресор и предавник, а да е траен.

До бугарскиот народ!

Со крајно непринципиелна, агресивно асимилаторска офанзивазлоупотребувајќи ја привилегијата што сте полноправна членка на ЕУ и без ниту еден вистински аргументсакате на сила да ја присвоите Македонија и заслепени од овој антицивилизациски и авантуристички поход не гледате дека Бугарија исчезна кај Македонците.

Ете, до каде ве донесе ирационалната политика на неколкумина малоумни токмаци и перверзни политичари, остатоци од озлогласеното, одамна заборавеното време на Тодор Живков кога и од Турците и Ромите насилно правевте благонадежни Б’лгари, ги прекрстувавте и покрстувавте а Бога не познававте, црква не признававте.

Од друга страна, кај нас преовладува, поточно речено дивее предавничко-вазалска политичка гарнитура, кајгана, која си вообразила дека себе си се наполнила со граѓаните и со право ги узурпирала, ги поседува и за нив одлучува, а кога треба некого да ослободи комплетно се заклучува во сопствените ’рѓосани вериги и никого не пушта надвор, заробувајќи ја слободата и човекот кои живеат во нераскинлива симбиоза и неможат еден без друг во своето патување низ времето.
Доста ни е од вакви политичари и вас и нас. Сега, не се потребни пребројувања, преваги, проценти на поддршка, вакви или такви, кај вас или кај нас, за вас или за нас, дури не ни треба ни љубов ни омраза, ни треба РАМНОТЕЖА.

Рамнотежата е фактор на стабилност која дозволува комфор и рационално размислување и кај бугарскиот и кај македонскиот народ, што пак како функција има трајно прифатливи решенија за обете страни без да има поразен и победник.
Ултимативно поставените барања на вашите политичари не се прифатливи за Македонија (освен добрососедство) и се апсурдни за денешно време и за меѓународните цивилизациски односи во Европа и светот.

Затоа, мирно, спокојно, без предрасуди и обвинувања да седнеме едни спроти други, вие со вашата чест и гревови, ние со нашата чест и гревови, да ја завршиме оваа навидум многу тешка ситуација која всушност е плод на мошне едноставно решение.

Ако многу често се навраќаме на изодениот пат засебно, вие и ние, не ретко и заедно, од кој често сме скршнувале, никаде нема да стигнеме.

И, ве молам ако вам тешко, со право, ви паѓаат дисквалификациите за потеклото и грдите именувања и други непристојни навреди од еден грд изминат период, што ние да кажеме за несоборливата вистина дека после секоја изгубена војна на Бугарија во која масовно се бореле Македонци на ваша страна, Бугарија најпрво галантно се одрекувала од Македонија и Македонците. Кога сте толку многу загрижени за нас, како еднаш не жртвувавте друга територија од бугарската држава или застаневте во заштита на македонскиот народ во тие договори, туку едноставно како топовско месо нé остававте на милост и немилост на одмаздничката апокалипса на окупаторските насилници кои го масакрираа македонскиот народ, сé за да се заштитите себе си, својот народ и територија. Очигледно прв приоритет ви бил вашиот народ и интересите на вашата држава, а не таму си некои Македонци што храбро крвавеле за ваши интереси, време, филозофија и мисла еднакво како и денеска. Филозофија, општопозната на сите, важно е да се искористи туѓото а да се сочува своето.

Напомнувам повторно! Сето ова се однесува на политичарите, некогашни и сегашни, на кои можеби одвреме-навреме и со некоја резерва или неодобрување, ама како по правило сте давале полна поддршка.

Ова, што денеска вашите недоветни политичари го прикажуваат како вистина за сé и сешто, а нашите тиквари залудно нé убедуваат дека се цврсти и непопустливи во одбраната на интересите на Македонија,е исто како на човек кој за жал се родил без вид да му ги опишуваш боите.

Секој народ е помудар и од најмудриот, најитриот, најнесовесниот политичар.

Вие, како народ ако се самопотценувате наспроти вашите политичари во чија градба доминира агресивност и шовинизам, тоа е ваша работа.

АМА, НАШИОТ КАМЕН Е НАША РАБОТА. Држава, народ, идентитет, јазик, историја, територија се круцијално важни елементи кои се крепост на опстанокот на една држава и народ и нема да дозволиме политиката која е многу сериозна работа, да биде уште една професија што ја упропастиле аматери, особено што како финалното решение има за цел наше комплетно исчезнување.

Едноставно, ништо не знаат, многу зборуваат, а најмногу од сé лажат. И тоа кого? Сопствениот народ, во ваша корист и сé за да ви се допаднат.

Е, нашите и вашите политичари, ако вака продолжат, против себе ќе го имаат народот, македонскиот народ, кој заради нанесената неправда модерно и цивилизациски бара минимум демонстрација на демократија од страна на бугарскиот народ.
Чисто заради меѓусебни добрососедски односи, инаку дали со ваша поддршка или без ние ќе бидеме Македонци со македонски идентитет и ќе зборуваме на нашиот мајчин македонски јазик.

Заради сето ова ние, нашите политичари – ваши службеници, ќе ги поздравиме со познатата генијална мисла на Чехов: “Замислете каква тишина ќе беше во светот доколку луѓето го зборуваа само она што го знаат.“

Не знаете ништо, замолчете и оставете ни време да уживаме во громогласната тишина на отпорот кој потоа со помош на оние кои зборуваат само тогаш кога знаат сигурно ќе се претвори во грандиозна победа на народот македонски.
На крај, уште еднаш повторно до бугарскиот народ!

Зошто, сега како полноправна членка на ЕУ и кога никој од вас не бара наплата на репарации повторно измислувате жртва? Истата, стара и секогаш добропозната жртва Македонија?
Или можеби имате барем трошка грижа на совест за досега неплатената најскапа репарација што ја должите токму кон жртвата. Не ве разбирам!