сабота, 9. март 2024. Вести денес: 0
home Колумни

МОРА(л)на!

МОРА(л)на!

Се сеќавам дека кога Венко Филипче дојде на министерското столче верував дека додека е добар доктор, не може да биде лош министер. Но одамна си дозволив да оценам дека се случи спротивното, па политичарот го погази докторот.

Дека Венко Филипче е професионалец кога носи бел мантил, тоа никој не може да му го одземе, освен самиот себе. Но дека Венко Филипче се загуби во политиката додека носи кошула, и тоа е исто така факт.

Година и пол дебатираме како министерот за здравство се справи со менаџирање на корона кризата во Македонија. Сите се правевме доктори и експерти додека коментиравме политика.

Зошто доцнеа вакцините, зошто условите за лекување беа лоши, зошто мерките беа катастрофални, зошто рестрикциите не го дадоа посакуваниот ефект и зошто истите ги немаше кога беше најпотребно? Си ги поставувавме овие прашања додека читавме загрижувачки извештаи за заразени и починати од коронавирус во Македонија. Сите бевме вознемирени, некои немаа страв, други од страв развија анксиозност и панични напади. Едни се вакцинираа, други се против. И тоа мора да биде ЛИЧЕН избор на поединецот.

Живеевме така секој ден, од март 2020-та година. Коментиравме колку се заразиле, колкумина оздравеле.

И одеднаш, една кобна ноќ, ни се одзема и разум и срце. Болка која не се опишува и трагедија од невидени размери се случи во Македонија. 14 лица во ковид-центарот ИЗГОРЕА ЖИВИ. Починаа на местото каде дојдоа да се спасат од болест. Таму каде дојдоа да бараат помош, таму од каде што семејствата ги чекаа да излезат живи и здрави.

Не треба многу да зборувам за тоа што се случи таа ноќ во Тетово. Сите бевме сведоци на ХОРОР филм во живо. И сите подеднакво го доживеавме тоа. Ни останува да чекаме истрага од институции и поединци.

Но изгледа министерот Филипче не се информирал каква истрага следува и што истата треба да покаже и докаже. Па ќе чека, како што самиот вчера соопшти, истрагата да покаже дали тој треба да си поднесе оставка.

Народот од Филипче бараше МОРАЛНА одговорност, а институциите и обвинителството можат да му побараат КРИВИЧНА одговорност. Морал или имаш или немаш.

Ги видов вчера моите колеги, новинари, како со неверување ги слушаат одговорите кои Филипче ги даваше на нивните прашања. Докторот кој знае како со пациентите кои лежат на стол за операција, мора да знае дека граѓаните не се под анестезија.

Дефиницијата на Википедија вели:

Морал — збир на правила на определено општество или општествена класа за содржината и начинот на меѓусебните односи на луѓето и на човечките заедници. Моралот разликува помеѓу доброто и лошото и претставува правец во филозофијата кој како предмет на изучување ја вклучува етиката, што всушност опишува начин на живеење т.е., став кон животот со свест за дисциплина.

Добрите дела се нарекуваат морални и оние личности што така постапуваат луѓето ги ценат како морални. Лошите дела се означуваат како неморални и луѓето ги оценуваат како неморални личности кои така се однесуваат. Моралот е една од најважните карактеристики на човекот.

Друга дефиниција за моралот гласи дека моралот е збирот од постапки со кој се препознава што е добро и така да се однесува, а што е лошо и така да се оценуваат постапките на другите.

 Моралот има три извори:

  • првиот извор е општеството(заедницата), што значи дека мнозинството луѓе се сложиле што е добро и така ќе постапуваат.
  • вториот извор е самиот човек(единката) кој го создава моралот според сопствени идеи и постапки, но и овој морал се оценува во заедницата.
  • третиот извор можат да бидат сознанијата од минатотои од целиот свет, се мисли на мудростите и искусувањата од минатото за прашањата на доброто и злото.

Облици на изразување на моралот: моралните судови, правила, вредности, однесување, СОВЕСТ, карактер и должностите.

***

Не е потребна некоја посебна интелигенција или образование, по основната дефиниција, да сфати секој дека Филипче ако имаше СОВЕСТ и МОРАЛ вчера требаше да изјави:

„Од морални причини, до завршување на истрагата, давам оставка од функцијата министер за здравство на Република Македонија“.

Но тој изјави:

„Имаше повици за моја оставка. Дозволете да кажеме дека од одговорност не бегам ниту ќе бегам. Но ќе чекам да заврши истрагата. Поради тоа што и овој период има потреба од менаџирање на кризата околу кризата во Тетово, сето тоа што значи процес на завршување на обдукционите наоди. По завршување на истрагата ќе донесам одлука дали ќе поднесам оставка. Навистина се сочувствувам со сите членови на семејствата на загинатите, но ќе чекам да заврши истрагата“.

После ваква трагедија и по, СЕ НАДЕВАМ, независна истрага, нема да има време за одлуки. Јавното обвинителство не може да одлучи дали некој има морална одговорност. Краен рок за поднесување на морална оставка беше вчера, на прес-конференција. Секоја секунда потоа е предоцна.

Не е само министерот Филипче на листата функционери кои требаше да покажат доблест и да признаат дали ги прекршиле моралните норми, како што нема да биде Филипче осамен додека чека официјален извештај кој поединец има барем трошка вина за трагедијата од невидени размери, за црниот 8-ми септември. Но се чини, од докторот Филипче, најмногу очекувавме таква одлука. По којзнае кој пат политичарот го потисна здравствениот работник и му го урна кредибилитетот и достоинството.

Кога гневот во душата ќе ни помине и емоциите од трагедијата ќе стивнат, сите ние ќе се вратиме на секојдневието. Но тие 14 семејства ќе останат завиени во црно, а горчината ќе ја чувствуваат додека се живи. Никаква одговорност и оставка, никаков епилог од истрагата, нема да ја намали нивната болка.

***

Коронавирусот зеде жртви и од моето семејство, како и од мои познаници. Немав можност да се поздравам со никој од нив, ниту па достоинствено да ги испратиме во вечните почивалишта. Почитувавме мерки и рестрикции.

Дел од членовите на моето семејство многу тешко поминаа додека се лекуваа и одлично сум информирана во какви услови беа хоспитализирани, како доаѓавме до лекарска помош и до лековите кои не можеа да се најдат.

Филипче вчера изјави дека му е тешко да ги опише чувствата кои ги има по трагедијата во Тетово. На сите ни е тешко, министре.

Чувствувам тага и лутина, борејќи се и сама со последиците кои коронавирусот ми ги остави. И од прва рака, од лично искуство знам дека кобниот 8-ми септември не е единственото што сите засегнати треба да го имате како тест на сопствениот морал.

Од дното на душата изразувам сочувство до семејствата на загинатите.

НЕКА ПОЧИВААТ ВО МИР

 

И. Ефремовски