четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

НЕДОЗВОЛИВОСТ НА ТАЈНА ДИПЛОМАТИЈА

НЕДОЗВОЛИВОСТ НА ТАЈНА ДИПЛОМАТИЈА

Имајки ја предвид дефиницијата дека легитимитетот за владењето власта го добива од граѓаните, несомнено е дека владеењето треба да биде за сметка на полезноста на граѓаните и во функција на граѓаните. Тоа се и основните постулати на една современа демократија.

Спротивно на ова, секојдневно и во континуитет се носат одлуки за начинот на спроведување на власта кои одат во секој друг правец, само не во правец кој би значел полза за граѓанинот, а сега и со самоиницијативно пристапува кон менување на Македонската историја, и тоа ни помалку ни повеќе, туку со искривување на светската историја.

Способноста за зачувување на ваквото основно човеково право не е поврзано само со свеста на човекот, туку и со моќта на оној кој е овластен да се грижи за ова неотуѓиво право и да го спроведе за сметка на граѓаните на сопствената држава, на граѓаните кои има обврска да ги застапува и претставува.

Не е никаков грев луѓето да имаат различни погледи за исти настани, но да се негира сопствената историја, со искривување на светската историја, единствено со цел да се удоволи на барањето на едната страна, целосно занемарувајки ги интересите на другата – сопствената страна, е повеќе од срамно и недозволиво.

Од тие причини, ниту е дозволиво, ниту е прифатливо да се коментира дека Македонско-Бугарските преговори ќе бидат обелоденети кога ќе дошло време за тоа.

Обелоденувањето на преговорите е сега и во овој момент, во моментите додека траат преговорите. Тоа е така затоа што граѓаните имаат право да знаат за каква нивна иднина се преговара, а политичарот има за обврска тоа да го соопштува на граѓаните во сите фази на преговорите. Тоа е суштината на демократијата. Тоа е суштината на поделбата на власта на законодавна – извршна – судска.

Премиерот како претставник на Извршната власт е должен да го известува Собранието како претставник на Законодавната власт за сите постапки кои ги превзема или има намера да ги превземе. Премиерот како претставник на Извршната власт е должен да ги известува граѓаните за текот на секоја фаза од преговорите, иако воопшто и нема добиено мандат од граѓаните за потпишување на Договорот за добрососедство со Република Бугарија.

Тоа е така затоа што во секое цивилизирано општество постои општо прифатен став дека дејството на моќта на власта треба да биде контролирано, а ќе биде контролирано само доколку односите помеѓу државата и граѓаните се двострани, а двострани настануваат исклучиво со запознавање на граѓанството за сите потези на власта кои се од значење за самото граѓанство.

Тоа е така затоа што националниот интерес има приоритет над интересот на билатералните односи, а секако има приоритет доколку билатералните односи се засновани исклучиво на желбите само на едната страна.

Правото познава институт кој укажува на тоа дека „незнаењето не ја исклучува одговорноста“, а заради тоа требаше претходни консултации со стручната јавност, како и добивање мандат од граѓаните за пристапување кон такви активности.

Примери во историјата има многу во делот на завршување на политичка кариера заради прескокнување на потребни елементи при превземање на непотребни чекори.

За превземање на непотребни чекори во авијацијата постојат две правила – Првото е дека секое полетување е незадолжително.
Второто е – кога ќе полеташ, секое слетување е задолжително.

Зоран Заев незадолжително полета, но сега задолжително ќе треба да слета. Како ќе слета најверојатно за сега само тој самиот знае.

Тоа се во суштина и причините поради кои Обединетите Нации не ја прифаќаат тајната дипломатија.

Причината е едноставна – спротивна е на интересите на граѓаните.

Една стара изрека во делот на владеењето вели – „Со вакви методи човек може да освои власт, но не и слава“, но власта без слава не поминува, а тоа ќе го покаже блиската иднина.

Адвокат – М-р. Стојанче Геровски