среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Поп во најава, пропаднат правник, кризен премиер или …

Поп во најава, пропаднат правник, кризен премиер или …

Насловот на колумната ја претставува македонската општествена и политичка реалност. Впрочем, како што тоа го кажа во својата емисија еден мој пријател нашата денешна реалност е „освета на повторувачите“. Поточно, жално е тоа што со Македонија владеат неуспешни, лица под маски, кој својот успех го нашле во политиката, а со цел исклучиво остварување на личен бенефит, болните амбиции, суети, фрустрации и на прво место материјална добивка. Затоа и не сум зачуден од изјавата на Заев дека и со три-четири наставни часа дневно, ете нему ништо не му фалело па дури станал и премиер. Ова е потполна спротивност на сите нормални вредности кои треба да ги гради едно општество, а тоа се: знаење, образуваност, трудољубивост, посветеност, постојана надградба, чесност, хуманизам и друго.

Резултатите од тригодишното владеење на СДС се веќе видливи, а сега на виделина и во пракса излегува и нивната животна филозофија со која го трујат општеството. Матрицата на Заев за неквалитет, незнаење, простотилок, безидејност и неработа се вкорени во СДС и опасно притиска врз целото општетство за да го претвори во мочуриште кое со плиток ум ќе смрди и ќе не труе. Токму затоа и не е чудно што наследникот на Заев, сегашниот „технички“ а во пракса вонреден и потполно ополномоштен премиер Спасовски е едно потполно олицетворение на целата животна филозофија на СДС и потврда за тоа зошто сме на оваа дереџе на кое се наоѓаме денес.

Не е срамота да не се успее да се стане свештеник на Светата православна црква, пред се затоа што да се живее и со личен пример да се носи крстот Христов и на тој начин да се проповеда е исклучителна целоживотна жртва. Оваа жртва е и жртва која ја дава семејството на свештеникот. Уште поголема е жртвата да се дојде до Христа како монах. Поаѓајќи од овие факти не е никаков проблем човек да не се успее да се прилагоди на свештеничкиот живот и да прифати да го носи крстот Христов засекогаш како свештеник. Едноставно во светот е многу полесно и постојат многу професии кои не бараат таква жртва.

Така нашиот јуначки вонреден и потполно ополномоштен премиер, се обиде да биде правник. Пропаднат правник во обид или приправник во пракса е тоа што го видовме во реалноста. Трагедијата е во тоа што од правник без правосуден испит и секретар на општина Куманово (тоа е истата онаа општина чии градоначалник јавно кажа дека се чувствува оставен од владата и тоа онаа на СДС чии член е и тој самиот), со манирите на локален мешетар,

кандидатот стана технички премиер. Од тука доживеа успешна политичка трансформација во вонреден и потполно ополномоштен премиер секако без согласност на Собранието, а со неразбирливо прифаќање од страна на опозицијата.

Што тоа направи или изработи овој вонреден и потполно ополномоштен премиер или во реалноста наша кризен премиер?

Ништо повеќе од една „успешна“ политичка кариера во чии рамки сега вежба врз нас за да го надомести (а впрочем никогаш не се надоместува одамна пропуштеното) знаењето и во фаза на еклатантно и видливо незнаење да се справи со настанатата криза се обидува да научи нешто. Но, како велат старите „теле се учи, вол не се учи“. Во оваа состојба на учење, единствено што вонредниот и потполно ополномоштен премиер знае тоа е како да манипулира, да води политикантство на грбот на граѓаните, а во тоа еднодушно му помага целата негова вонредна и потполно ополномоштена влада со чинење или со активно не чинење (замижување и замолчување).

Откако ги утврдивме овие општи постулати, да видиме што се случува на терен и што ќе ни се случува во иднина, а при тоа, политичката себе промоција и предизборна кампања на Манџурискиот кандидат и членовите на неговата влада нема да ги сметаме за конкретна и плодотворна работа на терен од интерес на граѓаните.

Во „неговото“ Куманово, а според зборовите на градоначалникот Димитриевски и според делата се гледа колку го смета за свое, се случува хаос во секој поглед. Најголем проблем е профитерството од нелегална продажба на прехрамбени продукти, особено овошје и зеленчук кои по енормни цени се продаваат низ уличките околу затворениот градски пазар, при што на пример можете да најдете лимони по 130-150 денари за килограм.

Паниката и несигурноста кај граѓаните е втората видлива состојба на општа психоза која резултира со масовно купување на прехрамбени производи кои пак се со зголемени цени во однос на нормалните. Ова веројатно од економски аспект владата го смета за нормално нели при зголемена побарувачка се зголемуваат и цените. Но, не е така, вообичаено при зголемена побарувачка треба да се зголеми понудата односно производството.

Пристапот кон иднината е особено интересен. Еве само како куса поука во надеж дека вонредниот и потполно ополномоштен премиер ќе го надомести изгубеното. Најпрво, кризата како поим нема еднострано значење, а што отвора простор за субјективно толкување на истата и мешање со вонредни случувања и катастрофи, и тоа е видливо во пракса во Македонија, односно имаме непотребна вонредна состојба. Кризата претставува социјална конструкција која зависи од околностите и која во рамките на теоријата на секуритизацијата може да се издигне на ниво на клучно сигурносно (безбедносно) прашање, но со заеднички обележја: закана, временски притисок, несигурност и недостиг на информации. Секоја криза има свој циклус и со неа и нејзините ризици се управува во четири фази: превенција, приправност, реакција и опоравување. За да може да се управува со кризите рационално и со полн капацитет на расположливите ресурси потребно е да се има изграден и организиран систем.

Е тука е главниот проблем. Ниту Муртинскиот ниту Манџурискиот кандидат незнаат што значи организиран систем за управување со кризи, а ниту нивните кадровски решенија во ЦУК, ДЗС, Министерство за здравство и другите институции тоа не го знаат како што немаат претстава ниту за ресурсите со кои располагаат ниту пак за тоа како успешно да се употребат.

Кризниот премиер (ова е најдобар термин, бидејќи самиот тој предизвикува кризна состојба), ги испушти фазите на превенција и приправност пред надоаѓачката пандемија и сега во фазата на реакција повторно заедно со неговата вонредна влада презема некоординирани и задоцнети решенија. За очекување е овие решенија дека нема да дадат одлучувачки позитивен резултат дури нема да ја забават кривата на пораст на заболени и веројатно таа ќе го надмине предвидениот владин број од 2.500. Секако тоа што ќе го регистрираат и покажат во јавност, бидејќи се однесуваат слично како СССР во времето на катастрофата во Чернобил.

Сепак најтешка ќе биде последната фаза „опоравување“. За оваа фаза видливо е дека владата нема никаква идеја како да ја спроведе и со какви резултати би била спроведена, освен дека сака да не задолжи со една милјарда и малку повеќе евренца. Задолжувањето ќе оди секако со уредба со законска сила, а дел од парите или поголем дел од парите ќе завршат за предизборна корупција дури и на институции како што е тоа примерот со нивното СЈО, како и за вработувања во јавната и државната администрација.

За да го утврдат и спроведат овој план, а вината да не биде врз нив, смислиле „генијален“ план. Впрочем, комбинацијата на манџурискиот и муртинскиот кандидат во ликот и делото на „успешниот“ кризен премиер е dream team за манипулации, лаги и измами на сопствените граѓани. Така, сега ќе ја најдат формулата за свикување на Собранието за која тврдеа дека не постои (сетете се дека за тоа им помогна и Талат), а еве доказ дека СДС не се во кавга со ДУИ, туку дека работат координирано. Во врска со моделите како може да биде свикано Собранието кое се самораспушти колешката Каракамишева објаснуваше и пишуваше, но силните политички експерти беа незаинтересирани, а академската фела со исклучоци остана нема. Свикувањето на Собранието ќе биде со една единствена цел, а тоа е да се потврдат уредбите на владата на кризниот премиер и да станат легален закон и по завршување на кризната состојба.

На овој начин, вонредниот и потполно ополномоштен премиер од поп во најава, пропаднат правник-приправник ќе го потврди својот статус на успешен политички манипулант и пред очите на сите нас ќе ни потврди како од неквалитет и незнаење во жална Македонија може да се изгради „успешна“ политичка кариера.

Последната одлука е во рацете на Собранието, на пратениците од било која политичка провиниенција. Едноставно е, треба да докажат дека барем на крајот од својот мандат нема да дозволат да бидат минорни послушници и полтрони. Ќе ја имаат неповторливата историска шанса да ја сопрат оваа пропаст на Македонија и играта на политичките манипуланти која ќе донесе несогледиви последици.

Само треба да се одважите и да направите три клучни работи:

Прво, да не ги потврдите уредбите со законска сила на владата на кризниот премиер,

Второ, да ја урнете оваа влада и веднаш да предложите експертска влада која ќе знае како да извлече Македонија од актуелната и претстојната криза и да организира избори

Трето, да ја укинете вонредната состојба и на новата влада да и дадете можност да се справи со кризата преку едномесечна работа во кризна состојба и според законот за кризи.

Едноставно е само треба да се има храброст да се спречи изживувањето кое го имаме на дело од страна на Муртинскиот кандидат и попот во најава, пропаднатиот правник и вонреден кризен премиер или едноставно манипулант.

Секако, да не заборавиме, потребна е и човечка доблест и достоинство за да не се подлегне на нивните политички уцени и „убедувања“.

 

Во шестата недела на Великиот пост

На денот на влегувањето на Господ Иисус Христос во Ерусалим – Цветници

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов