Пред некој ден во медиумите прочитав за реформите кои се планирани во Финска поврзани со работното време: Четири дена работа недела, 6 часа дневен труд. Само ме потсети колку всушност сме ние заостанати во таа социјалистичка матрица која не ја менуваме, колку приватниците се феудалци не мислејќи на никого, освен на себе самите.
Скратеното работно време ги оптимизира трошоците, зголемува ефикасноста, а за сите оние кои не можат да живеат од таа основна плата, простор и можност да најдат и друг ангажман, затоа што како што гледаме во Агенцијата за вработување еден куп позиции не може да се пополнат.
Месечна плата, која прво ретко каде во западниот свет ја има како таква, не за друго, како секој месец се исплатува иста плата, а има различен број на денови? Од неколку лични примери знам дека во многу земји плата се зема 26 пати, секоја втора недела (на пример, во четврток). Само кај нас постои нешто што се вика минимална плата како таква, некаков бод на сложеност на работното место. Зошто не постои работен час? Дали некој воопшто знае колку му е работниот час? Хипотетички, доколку работниот час е 1.5 евро, а вработениот работи полно работно време од 40 часа неделно, тоа се 60 евра неделно, 120 евра двонеделно за исплата, или во рамките на ново востановената минималната, ќе добие околу 240 евра месечно.
Значи дојдовме до заклучок дека минималецот часовен за МАКСИМАЛНО полно работно време, без прекувремено, работа за празник, недела и ноќен труд треба да е цирка 93 денари. Тука веќе имаме основа за развивање на самиот систем, општество, вреднување на трудот и се останато.
Огромен дел од вработените работат 6 дена во неделата, 7 до 8 часа, некогаш и повеќе, што од старт ги надминувам МАКСИМАЛНИТЕ 40 часа. Да драги мои, максимални, а не стандардни и обврзувачки. Се над 40 саати е ПРЕКУВРЕМЕНО, затоа што доколку работодавецот сака, вие може да бидете вработени во редовен однос и со 30, 32.5, или 35 работни саати. Јас сум сигурен, дека огромен дел од луѓето би работеле за 1000, 2000, 3000 денари помалку и истата саатница која е потребна во неделата, само да не работат 6 дена во неделата.
Секој ангажман, над 40 часа неделно МОРА да е платен со повисока сатница со вредност 1.5 или дупло, исто како и ноќниот труд, работењето за време на верски или државен празник, во недела.
Кога одите во моловите, трговските центри, кога се возите со такси или автобус, дали сте се прашале како им е на луѓето кои мораат да работат во недела? Како им е на оние кои работат ноќе? Токму на тој Запад, во таа ЕУ за која сите „мантрате“ и зборување. Во недела се одмара. Во сабота се работи до 4-5. Време за одмор, за семејство, за мир. Работат само продавници за алкохол, бензински и дракстори со многу поголеми цени од стандардните, затоа што за истите се плаќа и поголем данок, вработените се платени дупло, со тоа и производите се поскапи.
Се сеќавам,на една средба со граѓани во Чаир пред 5-6 години, му поставив прашање на тогашниот вицепремиер Пешевски, зошто државата не настапи по строго кон приватниот сектор по прашање на почитување на законите за работни односи и работнички права, затоа што неретко луѓе се одлучуваат за драстично помали плати да работат во државни и јавни претпријатија, само затоа што во нив се чувствуваат по безбедно, по сигурно, им се почитува сатницата и правото на одмор, боледување и одредени бенефиции кои се нормални за современиот свет. Одговорот кој го добив, е дека сето тоа е природен процес, и дека со нивото на невработеност во моментот илузорно е тоа да се прави и дека конкуренцијата и побарувањето на пазарот ќе го стори своето.
Тоа време дојде побрзо отколку што очекуваа политичарите. Заборавија сите на одливот на кадри и масовното иселување, дали сезонско, дали трајно. На народот, пред се на младите им пукна филмот да бидат нечии робови. Дел работат од дома „аутсорс“, друг дел одат заработуваат и се враќаат, трети целосно кренаа раце од државата и трајно се иселија.
И таа невработеност која ја имаме сега од 17 отсто е нереална. Еве зошто! Имате голем број лица кои не бараат активно работа. Домаќинки или лица со приходи и имот, издржувани лица, кои се пријавени во „Завод“ и немаат намера да се вработат кај работодавец. Така што, бројот на лица кои бараат работа е многу помал. Имате еден куп луѓе кои заработуваат нудејќи он лајн услуги, дизајн, превод, креатива, маркетинг, копирајтинг, сајтови и што ли уште не. Повеќето парите ги земаат преку Косово или Грција. Последната категорија се лица кои се во зрели години или се целосно неквалификувани.
Предлагам да се овозможат неколку работи.
- Да може да се пријават законски за работа лица над 14 години за работа и работни задачи пред се во услужните дејности, но не повеќе од 25 часа неделно. Да не биде проблем дали се редовни ученици или студенти. Обемот на работа до 35 или до 40 часа неделно, да биде дозволен во периодот јуни, јули, август кога се на летен распуст. Ова би овозможило голем број млади луѓе да бидат продуктивни, чесно да заработуваат а да не им влијае врз самото образование, плус работодавците да не мора да вработуваат дополнителни лица на полно работно време.
- Истото се однесува на пензионерите, зошто да не се даде можност за нивен дополнителен ангажман до 25 часа неделно, и покрај тоа што се пензионери. Голем дел од нив, по пензионирањето се целосно пасивизирани, а може да се стават на пазарот на трудот и дополнително да заработат.
- Да се воведе работен час како мерка за плаќање како нето износ, плус на него платени придонеси, некакви симболични за да се спречи даночната евазија, плус за да се зајакне пензискиот и здравствениот систем.
- Исплата да биде на секои две недели, секој работник да добива 26 плати годишно, со тоа што предвидениот регрес за годишен одмор, или досегашната 13 плата, би се исплаќала два пати, како поранешниот регрес за годишен одмор, на два пати, еднаш во јуни/јули, и еднаш пред Нова година. Така секој работник би добил 28 двонеделни плати. Регресот за годишен одмор треба и мора да се предвиди и вклучи и во јавниот сектор и администрацијата.
- Државата да даде дополнителна мотивација, субвенции и даночни ослободувања за менаџерски осигурувања, пензиски планови, животни осигурувања за вработените во фирмите, но и јавните и државните институции. Факт е дека природниот прираст се намалува, животниот век расте, а ваквиот пензиски систем кој го имаме на долг рок е неодржлив. Приватниот сектор и приватната иницијатива знае што прави, но самата држава мора да ги следи и да ги предвидува чекорите. Тоа е всушност работата на државата. Не да владее со нас, туку да биде сервис на приватната иницијатива и современите текови, но и да ги заштити обесправените од некои современи феудалци.
Време е државата и оние кои ги спроведуваат државните политики да престанат да мислат на луѓето како само гласачи и бројка, туку да покажат визија и да потпомогнат да се покачи општествената конкурентност, да има флуктуација на работниците, да растат платите. Ако немаме среќни и добро платени работници, народот ќе продолжи масовно да се сели.
Се надевам дека со своите идеи и предлози, барем малку ќе предизвикам да се отвори дебата за тоа каде треба да менуваме, да стимулираме, да се надградуваме. Заврши времето на експерименти и импровизации.
Александар Ристевски