„Ако имаш библиотека и градина, имаш сѐ што ти треба” вели Цицеро (106 – 43 пред новата ера)
Нема народ на земјината топка кој помалку знае за својата историја од Македонците.
Македонците, ,,благодарение“ на политичката шизофренија се на добар пат да ја загубат ,,библиотеката“ (метафора за образованието, знаењето, способноста за логично размислување и аргументирано заклучување, историјата, корените), и од земја лична и убава како рајска градина, да создадат депонија за токсичен отпад.
Секој современ народ го брендира својот јазик, своите историски ликови, легендите кои се раскажуваат по селата и градовите и од тие прават приказна. Приказна која, зависно од визијата на уметниците, понатаму стануваат книга, филм, театарска претстава, играна серија… ама тоа некако изгледа многу далеку за еден народ кој не знае кој е Филип Втори, Христо Татарчев, Тодор Александров, Даме Груев, Коста Солев Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Крсте Петков Мисирков… и плејада други маестрални умови кои низ нивното непресушно перо пишуваат за македонското девојче, македонската вечна борба за слобода, за македонскиот непокор…
Деновиве прочитав едно многу добро прашање, кое еве веќе неколку дена се обидувам да си го одговорам самата на себе. Што е ново во политиката со соседните држави кон Македонија, после Ѓорѓи Димитров? Ништо. Ама баш ништо. Иста политика, исти ставови, исти барања, исти аргументи, исти тези, ист вокабулар.
Епа, што е ново тогаш? Нова е спремноста, мои сограѓани, на компромис. Спремноста на нашата политичка „елита“ која седи во удобни фотељи , каде забораваат до каде им се границите. Границите за кои можат а за што не смеат да помислат да преговараат. Нова е спремноста да се избрише македонската историја која ја создавале сите оние кои не дозволиле покорување сите овие години.
Не ми е потребно истражување од 4000 и кусур испитаници, за да ме убедите дека македонските ученици наводно се изјаснале дека историја не ми е потребна. Не само што не верувам во истото, туку сигурна сум дека на овај напатен народ, бројките не му значат веќе ништо. Им треба конкретни дела, видливи со окото на неговото секојдневие.
Јас и овој народ сакаме нашите деца да знаат за Питу Гули, Јане Сандански, Гоце Делчев. Сакаме да се восхитуваме на храброста на петте струмички студенти, да раскажуваме за Елпида Караманди, Мирка Гинова, Таки Даскало, Ѓорги Наумов, Мара Јосифоска, со гордост да зборуваме за целиот Битолски партизански одред “Пелистер” итн.
Сакаме да гледаме играна серија за големата љубов на Гоце Делчев, Јанка Охриѓанката! Колкумина од нас знаат дека тоа била љубов од невидени размери?
Колкумина од денешната политичката „елита“ знаат дека Гоце оставил аманет пред да тргне во Востание? Нормално, скоро и да не слушнале дека постои такво нешто а не пак, дека тој бил „да му ја чуваат Јанка и татковината!“.
Незрели, себични „високи друштва“ и политичари, се обидуваат да не лишат од македонската историја. Вековниот сон на сите кои лежеле затвор за ние денес да си играме мајтап со Македонија, никогаш не бил нивен сон, трагично но вистинито.
Чуму ни се резолуциите на ЕП за ОМО Илинден Пирин и за Македонците во Бугарија, кога и сами знаеме дека немаат обврзувачка сила, па така ни Бугарија ни Грција нема да треба да го менуваат законодавството, освен ако политичката иницијатива на ЕП не биде преточена во законодавна иницијатива од Европската Комисија, па да помине низ европските парламентарни лавиринти. Се останато е само пуста надеж на секој Македонец, каде и да се наоѓа во моментот, дека нештата ќе се подобрат.
Затоа да не ве чуди што историја ја нема во новиот „совршен“ концепт за образование, што пари за наука во новиот Буџет за 2021 година „ нема ни за епрувета“, да не ве чудат картичките за лапачки по кафани, ваучерите за одмор, па и (не)грижата за „Купувај домашно“, која се претвори во „пу, пу не важи“ концепт…сведоци сме дека се претвори во „Купувај, што ќе стигнеш“.
Нит им било некогаш гајле за своето, домашното, нити пак за маката на македонските тутунари, оризари, млекари, овоштари… ни за секоја капка пот на земјоделецот кој поштено си го заработува секој денар. А како да им биде кога никогаш не ја прочитале „Тутуноберачите“, нели?
Сосема на крај, време е Гоцевата раса, да излезе и да каже “ДОСТА е!” . Доста е за сите тие што ни го ускратуваат правото на припадност и на дедовина! Доста е, за понижувањата, доста е за секоја солза што е пролеана за самостојност и непокор на оваа држава!
Колумна на Викторија Трајков, доктор на економски науки