вторник, 6. февруари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Се распродадовте, и дресовите на фудбалерите дојдоа на ред!

Се распродадовте, и дресовите на фудбалерите дојдоа на ред!

Не ми се верува дека се удри по се што е свето на Македонецот. Секојдневно се распродава и уништува се она што за секој Македонец значи се на светот. Едноставно, се случува распад на системот и криерање на некаква хибридна нација, раја која живее на една територија. А јасно е, во истата Македонци ќе нема. Ќе има „граѓани на Република Северна Македонија“.

После сите понижувачки чекори на државата, после сите отстапки, откажувањето од уставното име, од идентитетот, од јазикот, следното беше силувањето во сферата на културата, називите на институциите. Сега молиме и преговараме за историјата, иако од добар дел од неа веќе се откажавме. На големо се тера да се растури и образовниот систем преку редефинирање на историските вистини. За крај, дојде до спортот.

Прво гордо се истопори Кошаркарската федерација која побрза да го смени името во Кошаркарска федерација на Северна Македонија. Дури и гордо шлапна со огромни букви преку цел дрес NORTH MACEDONIA. По тој чекор, ниту ги гледам, ниту навивам за нив, ниту ги поддржувам, а искрено, сеедно ми е дали некогаш воопшто ќе се пласираат на едно првенство.

Ова што денес се случи со Фудбалската федерација на Македонија само покажува дека ликови или структури роварат и го трујат од корен сето она што на Македонецот му е свето, за што живее, со што се гордее. Да направите дрес на националниот тим, во кои варијанти ги нема националните бои е грдо, селски, одвратно, понижувачки. Да промените прекрасен црвен дрес, со сонце на градите, со дрес во бордо боја со некакви контури од рис, да 15 дена пред првенство е велепредавство. Да жолтиот дрес го направите црн со портокалово е навредливо. Кој ви дозволил да си подигрувате со чувствата на народот, на навивачите?

Велите дека сме биле рисови? Извинете, но навивачите се нарекуваат ЛАВОВИ. Не може федерацијата да не крсти и прекрстува. Кој и дал такво право? Сте напишале: Балкански рис. Национален симбол со особини со кои може да се идентификуваат фудбалерите и навивачите, без оглед на полот, годините или националната припадност!?! Врз основа на што дојдовте до резултатот дека рисот е животно со кое се идентификуваат и мажи и жени, и различно годиште и различната “национална припадност“? Претпоставувам лавот пречи на жените и на одредена возрасна група? Инаку има само една национална припадност, затоа што една нација е, една држава, без оглед дали Е со она „Северна“ или без. Претпоставувам сте мислеле на етничка припадност?

Како и да е, срам да ви е за потегот. Го уништивте задоволството на многумина, ни го згадивте учеството на Европско. За ова некој МОРА да сноси одговорност. Доста е за предавствата кои секој ден некој ни ги приредува. Доста е! Што ли ќе е следно!?

 

Александар Ристевски