четврток, 11. јануари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Што може да очекуваме на 15 јули!?

Што може да очекуваме на 15 јули!?

Оваа изборна кампања по многу нешта е специфична, а и ќе остане запаметена и за истата ќе се раскажува. По сите потези кои ги повлече актуелната власт во времето на нејзиното владеење, турбуленциите во најголемата опозициска партија пред две години, целосниот пад на некои политички субјекти и растот на други, оваа кампања во голема мерка ќе остане и запаметена по немањето можност да се види реалната мобилизација по митинзи и јавни средби, поради коронавирусот. Сите анализи се засноваат според пулсот на граѓаните, и анкетите.

А токму скандалот кој е во преден план деновиве, е поврзан со анкетите, по што многу нешта дополнително ќе ја кристализира состојбата на терен. Имено, на деталната анкета на Џон МекЛафлин, американец кој работел анкети и сондажи со американскиот претседател Трамп, се вели дека ВМРО ДПМНЕ има повеќе од значајно водство во 5 од 6 изборни единици, во кои во 1ца и 2ка, би победиле со 1 до 2 пратеници предност, како и во 5ка, додека во 3ка, па и во 4ка СДСМ ги чека потоп со многу поголема разлика во бројот на депутати, а единствено место каде во имале еден пратеник плус за СДСМ, тоа било во 6ка, пред се’ поради коалицискиот партнер, Беса.

По објавата на МекЛафлин, експресно излезе СДСМ со анкета направена од страна на Брима Галуп каде изнесе податоци дека тие водат и дека бројките се обратни, но се случи нешто неочекувано. Од Агенцијата демантираа дека има таква анкета, па дека ја спровеле, ама не кажуваат по чија нарачка итн. Навистина конфузно, несериозно, и пред се незаконски, затоа што според член 77 од изборниот закон, имаат законска обврска, да се објават и прашањата, и примерокот и нарачателот на анкетите.

Една кратка сондажа и анализа за тоа како ќе пројдат политичките субјекти на гласањето следната среда. Мојата анализа се заснова врз сето она што досега го видов и чув, но и проценките од анкетите, направените дебати и соочувања. Проценката е за севкупните резултати, иако се водам според претпоставките за секоја изборна единица, индивидуално, но и севкупната општа слика.

– Опозициската ВМРО ДПМНЕ според мене, ќе биде победник на овие избори. Прашањето е само каква ќе биде таа изборна победа. Дали ќе биде уверлива и стабилна (со над 50 и нешто пратеници, и со десетина пратеници повеќе од владејачката коалиција предводена од СДСМ) или пак помала предност, која ќе им го отежне потенцијалното составување на влада. Доколку повторно предноста е незначајна како во 2016, ќе остави простор за дополнителни преговарања и отстапки, и можност за нова малцинска Влада. Токму затоа на ВМРО ДПМНЕ и е потребна видлива предност над директниот конкурент.

– СДСМ со оглед на ширината на својата коалиција и вклучување на огромен број субјекти, и да освои повеќе од 40 и кусур пратеници, едвај 30тина ќе бидат од нивните членови. Сите останати, вклучувајќи ја и Беса, ќе се стават на располагање на најсилниот политички субјект при преговарањето за формирање за нова влада. Единствениот нивен спас е тесен пораз или пата-пата позиција, при која би се обиделе да со поголеми отстапки, дојдат до 61 пратеник.

– ДУИ иако започна еуфорично и со обид да кај обичниот македонски Албанец игра на турбо фолк национализам, мислам дека и самите се свесни дека повеќе изгубија отколку што добија со оваа своја кампања. Едноставно, маневарскиот простор е намален, посебно од кога ги изиграа ВМРО ДПМНЕ во 2016, а и начинот на кој функционираа со СДСМ во последните 3 години. Како никогаш досега, имам впечаток дека двете големи партии (ВМРО ДПМНЕ и СДСМ) имаат желба тие да не се дел од новата Влада. ДУИ како политички субјект има силна мрежа, инсталиран кадар во институциите на системот и бизнис заедницата, но очигледно го има изгубено најзначајниот фактор, а тоа е поддршката од обичниот народ. Плус, принципот на постојани ротации и фрлање во оган на битни позиции на млади, неискусни партиски кадри само потврдува дека не е целта на општествена интеграција, туку владеење на структура во континуитет, на неопределено време. Плафонот им е помеѓу 10-12 пратеници. Не верувам дека севкупно ќе имаат повеќе од пола пратеници македонски Албанци, што остава можност да дури бидат заобиколени при составување на новата Влада.

– Алијанса и Алтернатива се уште каскаат зад ДУИ, но и е разбирливо, ако се земе во предвид дека водат тук таму некоја општина и дека како структура, огромен дел од времето во плурализмот од 1991 навака биле опозиција. Имаат потенцијал и квалитет во своите редови, но за да бидат прифатлив владин партнер ќе мора да заборават на сепаратистичката реторика, принципот на „вие и ние“, и да почнат да мислат за програма во која темите ќе се однесуваат на целата популација. Секако и за промена во кампањите и програмите да го користат македонскиот јазик. Забележав дека добар дела од понудата, пред се за инфраструктура и економија се слични со опозициската ВМРО ДПМНЕ, што е за поздравување. Сметнам дека меѓу нив и ДУИ, разликата нема да биде повеќе од два до три пратеници.

– Бeса го изигра најголемиот шах на овие избори. Влезе на готово со СДСМ, избоксува да има барем 4 пратеници, а реално ако одеа сами на избори ќе имаа еден или два. Направија да бидат фактор, а и основа за преговарање во било која следна влада. Паметен потег на Касами, за да спаси што се може по поделбата каде Алтернатива се издвои од базата. Доколку успее да испреговара и за влез во идна влада (дури и истата да ја оставува ВМРО ДПМНЕ) ќе се ојача и зацврсти, во спротивно ќе потоне и згасне.

– Левица е партија која од кога сите ја погребаа по многуте внатрешни делби, успее да воскресна ко Феникс. Откако Апасиев го смени статутот и од претседателство, моќта ја зацврсти во себе, партијата профункционира и почна да расте. Кај народот ги добија симпатиите со правната помош за „малиот човек“ во бројни судски и правни спорови, но и поради цврстите ставови за почитувањето на Уставот и бројните кршења на законот при одлуките за менувањето на Уставот и многу законски акти и норми кои оваа влада ги направи. Не очекувам блескави резултати од нив, но искрено се надевам дека ќе имаат барем еден до два пратеници, кои ќе го ојачаат и зајакнат Собранието. Се сложувам со мотото „Левица во парламент“. Таму им е местото, макар и со еден пратеник.

– Глас за Македонија ми се интересен политички субјект во кој има се и сешто. На едно место имаш се‘, од поранешни комунисти со патриотска матрица, разочарани десничари, но и обичен чесен народ кој се уште не може да си прости ни себе ни на големите партии што се ни се случи ко држава. Лично, имам почит кон добар дел од ликовите во Глас за Македонија, но не верувам дека ќе направат нешто позначајно. Доколку воопшто освојат барем еден пратеник, би им честитал, ако не можам јасно да проценам во која изборна единица им е ударната сила. Би биле освежување во парламентот.

– Интегра како политички субјект не ми е јасна. Пред се негативната реторика, агресивниот јазик на нејзиниот лидер и плукањето по опозицијата наместо кон власта. Футуристички проекти вредни милијарди и ултимативниот став дека ќе освојат 20 или 30 пратеници. Имаат собрано во своите редови интересни ликови, но агресивниот напад примарно кон оние кои им се потенцијален коалициски партнер, ги прави неатрактивни за општото гласачкото тело. Иако фигурираат со над 1 отсто рејтинг, не верувам дека ќе влезат во Собранието.

– Еве, простор и време ќе одвојам и за Македонски концепт. Ги побарав на ливчето, гледам дека тоа е всушност СДУ, Социјал-демократска унија на Лазе Еленовски, оној кој беше со СДСМ, па со НСДП, па со ВМРО, за да на крај стане амбасадор преку ДУИ. Реално, повеќе очекував да се заедно со ГДУ на Колев. Инаку, им ја прочитав програмата. Добра програма, повеќе од солидна, има добри идеи. Сепак, не верувам Нема да остварат некој по значаен резултат. Прво, затоа што многумина ги гледаат како отпадници од ВМРО ДПМНЕ, второ заради неискрениот однос по прашањето со источниот сосед и трето поради дел од екипата, вклучувајќи го фронтменот Богојески, кој не престанува со напади по своите идеолошки браќа.

– Екипата од „Никогаш северна, само Македонија“ влече име од она што просечниот Македонец го скандираше по улиците изминатите 3-4 години. Допадлива парола, која на таа екипа, нема да и донесе многу гласови. Сепак народот гласа за опиплива програма и за личности со авторитет и кредибилитет. Не верувам дека ќе освојат значаен број гласови.

За останатите политички субјекти нема што да се каже, нивното влијание ќе биде на ниво на статистичка грешка. Искрено, за добар дел и се сомневам дека спротивен табор ги одржува, за да направи штета на своите противници. Жално е што и еден Мендух Тачи, со неговата ДПА, се сведе на тоа да се бори за едно место, неговото, во 6ка. За кое се сомневам дека и ќе го добие. Со таков рејтинг му останува само да се заканува со војна, како деновиве. Жално!

Александар Ристевски