среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Власта „класифицирано“ ве лаже!

Власта „класифицирано“ ве лаже!

Кога читам и слушам што челните луѓе на актуелната власт користат како изговор за глупостите кои ги прават, се прашувам две работи: дали се тотални аналфабети или пак се толку самоуверени во некаквата поддршка која веруваат дека ја имаат од некој повисок надворешен фактор, што мислат дека се што прават ќе помине неказнето?

Ова што се случува со постапката за автопатите кои што треба да се градат, навистина ги мина сите граници. Договор „во четири очи“, надзор од фирма за гаќи, 300 милиони евра за експропријација за која планирале да пазарно обесштетуваат и дивоградби, а и не се знае кого се, затоа што и траса финална се нема направено, огромна сума над она што првенствено се најавуваше, плус еден куп пенали кои речиси сигурно ќе се случат, плус одредби кои се кршат со законите кај нас, а кои ако власта ги истурка, ќе мора да имаат ретроградна важност, затоа што договорот веќе е потпишан ама по актуелни закони според кои потпишаното е невалидно.

Ова со автопативе е само врвот на ароганцијата и чаламот на една неспособна и длабоко корумпирана власт, која не знае каде тера. Едните без компас, со Премиер и лидер без изборен легитимитет, како инсталирана марионета, и вторите, опиени од моќта и превласта која ја имаат над неспособниве „лузери“ и опиени од дваесет години власт. Тим од соништата. Сигурен сум дека ќе има еден ден филмови, серии и документарци. Вакво фарсичен политички тандем немало.

И ова е само мал дел на се’ она со што секојдневно е загадена и затруена јавноста. Обичниот народ не може да ги испофаќа сите лаги, злоупотреби и глупости, кои на дневна основа се случуваат. Дури и јас, кој се трудам да ја „филтрирам“ секоја побитна вест, ми минуваат низ прсти еден куп афери и злоупотреби. Дури стана банално да се зборува за злоупотреба на службени ресурси, ненаменски трошења, за непотизам, за фиктивни огласи, неправилни систематизации, за хајка против неистомисленици. Тоа е веќе денес секојдневие. Претпоставувам дека повеќе играат на карта дека се ќе пројде, ќе се заборави, забошоти. Барем така било до сега.

Како се приближува крајот на оваа несреќна Влада претпоставувате и самите што ќе се случува? Ќе се оди на поделба на народот, каде тие ќе бидат големите Европејци, а сите останати душмани и  про Руси, про Кинези, ретроградни, бла бла…

Потоа ќе почнат судски хајки и обвиненија кон лица за кои ќе сметаат дека ќе направат штета на некој од опозицијата, или пак случаи кои ќе ја дефокусираат јавноста.

Притисоците, репресијата, заканите, казнувањата и заплашувањата кон неистомислениците ќе растат, посебно кон оние кој гласно зборуваат или се спротивставуваат и конфронтираат.

Ќе се примат нов контингент на вработени за кои нема потреба, плус уште три пати повеќе „договорци“, а местата кои се упразнети и потребни ќе седат така, затоа што овие од власта  немаат такви профили, а со самото тоа ги уништуваат институциите и самата држава на долг рок.

За крај, ќе се истурат милиони евра на црна кампања за да на изборите има ниска излезност за гласање, а оние на кои власта им „завршила работа“ ќе бидат притискани и уценувани да ги поддржат, дополнително плашејќи ги дека доколку нив ги нема, другите ќе ги остават на улица.

Дечки, вака веќе не оди! Имавте шанса и ја прокоцкавте. Вие сте се’ она што народот не го очекуваше. Тотално потфрлање и разочарување. Место квалитет, менаџери и лидери, донесовте мешетари, полтрони, полуквалификувани фаци  со дипломи, дури и повеќето се со фалц уверение за англиски јазик, сигурен сум (деновиве актуелно, но и во пракса очигледно). Дури и тестот за интегритет го укинавте за да одредени „дилајли“ напредуваат.

Навистина ми е жал што периодов само се потврдува дека правната држава и институциите на системот не функционираат, затоа што еден куп случаи очигледно се „во фиока“ иако јавно опозицијата, а и одредени медиуми со писмени докази презентираат пред јавноста секојдневно злоупотреби. Токму овие тела и органи, место да бидат оние кои ќе удрат на маса и ќе покажат како се бранат државните интереси, спијат и уживаат во благодетите (а наскоро и енормните покачувања на плати) кои власта им ги овозможила. Затоа и се’ ќе си остане „класифицирано“, заедно и со нивниот рејтинг и доверба кај народот.

За крај што да се каже, освен дека: „Власта „класифицирано“ ве лаже!“

 

Александар Ристевски