среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Волшебникот од Оз (Шипковица)

Волшебникот од Оз (Шипковица)

Верувам, многумина од Вас се сеќаваат на енигматичниот Волшебник од Оз, и малата Дороти која заедно со кутрето Тото, Лимениот човек, Дрвосечачот кој нема срце, Лавот кој нема храброст, Страшилото кое зборува, го бараат мистериозниот Волшебник од Оз за да им ги реши проблемите.

Па така во оваа, наша, волшебна земја, некои ја нарекуваат Македонија, a некои ја сметаат за Оз, се јави мистериозниот ВОЛШЕБНИК од Шипковица. Како и во книгата на Баум, кога се подигна завесата, зад која се криеше волшебникот, сите останавме, неми…во чудо.

На Али Ахмети, како најуспешен политичар во последните две децениии во Македонија (според времето на непрекинато траење на политичката сцена), патем да не заборавам, најдобар војсководец во Источна Европа, и литерарен љубител (повозрасните паметат кога се сликаше со книга во рацете), верувам дека му е познато на кој постулати се темели моменталниот светски поредок – Вестфалскиот договор, надополнет на Јалта и Потсдам. Како и тоа дека моменталните светски случувања се токму во спротивставените ставови по однос на новиот светски поредок.

Позицијата која ја застапува Ахмети, се сомневам дека ќе победи, впрочем тоа е трета опција која не е земена во разгледување. Но, за судирите околу идниот нов светски поредок, како и за третата опција која ја застапува Ахмети, во некоја друга прилика.

За да не го навредам, „најуспешниот“ македонски политичар, околу познавањето на Вестфал, Версај, Јалта итн, ќе се задржам само на она што сеуште некој, со подсмев, го нарекува Устав на Македонија. Патем Али и булументата која владее 20 години во Македонија од таа света книга, да друже Ахмети (ова „друже“ според твоата Марксистичко-Ленинистичка идеологија) за државите “свети книги” се уставите или темелни (основни) закони, направивте „алваџиски тефтер”. Имено, согласно  „алваџискиот тефтер”, во Македонија, Премиер може да биде секој полнолетен граѓанин кој не е правосилно осуден, „цитат од уставот за пратеник, премиер, правото да се бира и да биде биран”, и така е од пред Твоите сулуди војни, односно никаде не е запишано од која националност, верска, политичка, сексуална определба или боја на кожа мора да биде. Да ве подсетам, во една прилика на таа позиција атакуваше, мојот драг пријател, г-дин Поликарп Симеон, попознат во Македонската јавност како Џими, Македонец од Нигериско потекло.

Вие, како добар познавач на марксистичката теорија и историја, подолг временски период бевте во „ленинистичко-марксистички“ групи, и сигурно добро ви е позната разликата помеѓу народ и нација. Токму така, иако многу пред Маркс, во 1648 во Вествал е поставен светскиот поредок врз основа на државата и нацијата. Верувам дека од марксистичката историја, познат Ви е и одговорот на Хенри Григориевич Јагода дадено на прашањето од обвинителот Андреј Вишински, на неговото судење во 1938 година.

Жалосно е Ахмети што вашата политичка трансформација се движи од крајност во крајност, секогаш бирајќи ги политичките филозофии без иднина, стигматизирани од цивилизираниот свет. Патем, како и секој ВОЛШЕБНИК – АЛХЕМИЧАР си се обидел (или твоите „недоквакани“ советници се обиделе) во твоето обраќање кон Македонските граѓани, да создадеш амалгам од говорот на Мартин Лутер Кинг „I have a dream – Јас имам сон“ од 1963 година и говорот на Рафсанџани во ООН од 2007 година. Промашено, бидејќи колку и да ги сметаш Македонските граѓани за глупави и лекомислени, сепак се уште не е изгубен интелектуалниот субстракт, а тоа значи и интелектуалната и институционална меморија на народот. Но…Ти си знаеш. Процесот на уништување на „алваџискиот тефтер“ не е завршен, можете да вметнете што сакате во него и веројатно во вакви околности со другар ти Заев може и да ти помине, па дури тоа да биде и Апартхејд. Со Заев Македонија одамна е земја на чудата.

Но…еден ден, а тој ден ќе дојде многу бргу, Македонските граѓани, независно на кој Бог се молат, ќе ги раскинат прангите во кои не ставивте, ќе ја напушти крвавата Прокрустова постела и ќе ги сруши Вашите Потемкинови села.

Се има  свој почеток и крај и за се има свое време. Иако, како убеден марксист, сте атеист. Само по потреба верник, текстов ќе го завршам со цитат од Куранот во Сура 5:82 „И секако ќе видиш дека на верниците најблиски пријатели им се тие што велат: Ние сме Христијани“.

Верувам знаете дека Пророкот овие зборови ги кажа кога беше принуден да во емиграција во Абисинија ги засолни своите следбеници и тоа кај Христијаните кај Патријархот на Етиопија. Сура 10:94 ,,Ако се сомневаш во тоа што ти го објавуваме, запрашај ги тие што ја читаат Книгата што е пред тебе објавена“.

 

На денот на Св.Александар Александриски

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов