Насловот е инспириран од книгата „Возот в снег“ (хрватски: Vlak u snijegu), роман за деца на хрватскиот писател Мато Ловрак, објавен во 1931 година. Очигледно нашите патници со возот на релација Скопје Битола имаат материјал за објавување, цели 90 години по случките кои ја инспирирале книгава.
Искрено, навистина не ми е јасно како во 2022 година, железничка дестинација од 229 километри се вози 4 и пол часа (макар и застанувала скоро 25 пати, на секоја селска станица), а експресни возови нема, а и кога ги имаше тоа беше еден кој возеше 3 часа, застанувајќи само во Прилеп, Богомила и Велес.
Нели железницата се подели на Транспорт и Инфраструктура? Зарем не е паметно да се дадат приватни линии и до Кичево, и до Битола, и до Гевгелија, и до Кочани, и до Граница со Косово или до Србија, па ако има интерес и понатаму. Зошто да фрчат комбиња и скапан автобуси? Превозниците ако се умни ќе организираат превоз од железничките до селата и периферијата на местата кон кои превезуваат. Возовите нудат безброј поволности, комодитет, простории за пушачи, за јадење, нема гужва во сообраќајот, се патува низ живописна природа, капацитетот е огромен (и по неколку стотици лица, во зависност од вагоните) и сигурен сум е поефтино, отколку некое комбенце или бусче.
Неодамна пишував токму за важноста на железницата. И поради транспортот и развојот на индустријата, трговијата и бизнисот, но и поради мобилноста на населението, туризмот, преку граничната соработка. Претходната Влада, на крајот на нејзиното владеење почна да ги интензивира активностите за враќање во форма на Железницата. Се реконструира скопската железничка, станиците низ државата, почна со средување на пругата кон Косово и Грција, кај Битола, и се купија неколку нови гарнитури патнички возови, како и стотина транспортни вагони. За жал, сево ова е премалку. Железницата малку се користи, постојано има незадоволство кај вработените, возовите се сведени на минимум, а премногу често им се случуваат дефекти па патиците заглавуваат среде дивина со саати, многу често и без греење.
Ќе се присетам на октомври 2003 кога и јас патувајќи кон Битола окапав во расипан воз, па стигнавме среде ноќ патувајќи од Скопје до Битола речиси 10 часа.
Мала држава сме, со солидна инфраструктура. Транспортот треба да се либерализира и приватизира, да се воведат стандарди, да се примаат стручни кадри, а не администрација, возовите треба да има често и редовно, и да се основно средство за транспорт, а на секоја железничка да има евтини и бесплатни паркинзи, од нив да трга организиран јавен превоз и такси возила.
Од актуелнава власт, ништо не очекувам. Се надевам следната ова ќе го стави како нејзин приоритет, но и дека дел од развојот ќе го планира во близина на железничките линии и коридори. Само така ќе ја забрзаме економијата, а и заживееме внатрешноста. Следното е поврзување на мрежата внатре во државата, а и приклучок кон меѓународните коридори.
Сами си го ограничуваме развојот. Скапана железница, лош градски превоз (и во Скопје и во градовите низ Македонија), лоши патишта (иако се тешиме и лажеме дека се супер) кои на сето тоа имаат и изгор патарини, место да ставиме годишни вињети.
Иднината е во железнички сообраќај низ цела Македонија, но и низ Скопје и периферијата, како и поврзаност со сите соседи. Секако, и патишта со добар квалитет и без патарини, туку со еднократна годишна уплата за фондот за патишта.
Сите зборуваат се Европа и ЕУ интеграција. Без ред, поредок и инфраструктура, напред нема. Не може во ЕУ, а состојбите да се полоши од 1991 година.
Александар Ристевски