четврток, 4. јануари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

За чии интереси работи владата на СДСМ?

За чии интереси работи владата на СДСМ?

Македонија е земјата која треба да се откаже од македонското малцинство во Бугарија и од македoнскиот јазик, преименувајќи го во „службен јазик на РСМ“, како и брзо „да ја заврши работата“ со експертската комисија за историските прашања (односно, да капитулира)… ако не сака да добива ново вето од добриот сосед во кој се колнат Заев и Димитров.

Ова се т.н. „придобивки“ од Договорот за добрососедство со Бугарија што ни ги продава владата на СДСМ во замена за градење на некакво пријателство со дел од соседите – базирано на уцени од позиција на сила кои постојат само затоа што има кој да капитулира пред нив и да потпишува вакви договори од свој сопствен интерес. И ова ни се продава како нова „вредност“ која станува дел од заклучоците од 25 март во контекст на проширувањето на ЕУ и добивање датум за преговори за Македонија и Албанија.

Тоа е резултат на доследноста на Унијата кон своите членки, односно на некои членки на Унијата во однос на Македонија, која и досега со години беше заглавена во  предворјето на истата поради еден ирационален услов кој ни беше поставен за отпочнување на пристапните преговори, а тоа беа разговорите околу проблемот кој Грција го имаше со нашето уставно име. Сега Грција нема проблем, бидејќи Заев и Димитров „им го решија“ со потпис на преспанскиот – но проблем има Бугарија кој Заев и Димитров го прифатија, исто така со потпис на договорот за т.н. добрососедство.

Знаевме дека влегување во брзо решавање на отворените прашања на Балканот ќе не соочат лице влице со соседите. И се соочивме – со негации и уцени. Актуелното прашање е до каде ќе се оди со „добрососедството“ со Бугарија, кога Заев, Димитров и СДСМ им понудија на тацна се што можеше да им се понуди. Се откажаа од името на државата, нејзините историски симболи, самата историја ја понудија да биде поделена како да се работи за бизнис зделка позади законот во една македонска општина… а сега ни го бараат и јазикот. Проблемот на оваа власт (еден од многуте) е што има цена на пазарот на „добрососедството“ со Бугарија.

Македонија е држава со исклучително слабо лидерство кое е корумпирано и е подготвено на се’ за да остане на власт. Лидерство без минимум национална  свест и гордост. Лидерство кое очигледно работи за туѓи национални интереси и свесно ги „ситни“ своите позиции.

Реалноста во имплементацијата на Договорот на Заев и Димитров со Бугарија не’ увери дека ништо од македонскиот идентитет не е забетонирано, како што тврдеше  власта.  Се е предмет на пазар во кој се подготвени на се’ и ништо не е сигурно. Сигурнa е само нашата сервилност и подготвеност да даваме, продаваме или да делиме се’ (бидејќи сме биле ист народ, како што вели З.З.), а за возврат да не добиеме ништо. Само нови уцени. Тоа е реалноста на добрососедството со Бугарија потпишано од нашата капитулантска власт. И обезличени се’ уште немаме ни датум за преговори со ЕУ. А за членство „ќе почекаме“.

Да се биде дел од Европа без национален идентитет е пародија. За да бидеме  дел од Унијата мора да го унапредуваме нашиот личен интерес како македонска нација. А во договорот за добрососедство со Бугарија и оној за името со Грција не можам да видам ништо од тоа. Освен бришењето на нашата колективна национална меморија, како уште една етапа во „редефинирањето“ на нашиот идентитет и државност.

Во ниту една друга арена на политиката, партиското единство и националното единство не се сметаат за клучни, како во работите што се однесуваат на безбедноста и надворешната политика. Во овие прашања, политичките партии се очекува да ги остават настрана своите разлики, со цел да се постигне единство низ партиските линии. Во Македонија тоа не може да се случи, затоа што СДСМ своеглаво и како по агенда, спротивно на референдумскиот крик на народот и со очигледни уцени преку судските полуги го „истурка“ преспанскиот договор, а одбива да учествува во формирање на националните црвени линии за договорот со Бугарија, на кои инсистира ВМРО-ДПМНЕ.

Ние сакаме да веруваме дека надворешната политика на Македонија е одредена од демократски избрани лидери кои го дефинираат и штитат општото добро на граѓаните и нацијата што ја претставуваат. Тоа е она во што ние сакаме да веруваме. А реланоста не убеди  во спротивното. Имаме политичка приватизација на националниот интерес од СДСМ подредена на желбите и потребите на нашите соседи.

Партискиот интерес на СДСМ денес, создава услови за геополитичка катастрофа утре, во која веќе сме втурнати со Договорите со Бугарија и Грција. Очигледно дека начинот на кој владеачката партија ги разбира интересите на македонскиот народ и држава е се’ само не национален интерес. Односот на оваа власт ме потсетува на познатата изјава на Луј 14-ти: „Државата, тоа сум јас“. И кога некој живее во антидемократска заблуда дека „тој“ е државата и „тој“ одлучува во името на сите, оваа монархистичка изјава може да се прошири за да ги отслика уште попрецизно денешните „стечајни управници на нашиот идентитет“. Па така, нашата власт би додала дека „само нашиот личен интерес е државен интерес“. Тоа е недозволиво во современиот демократски свет во кој приватизација на државата и нејзините интереси е се само не европски манир.

 

Игор Дурловски