Тоа што последните два месеци е актуелно е договорот со Бехтел и Енка, со кој за баснословни суми (за кои како што гледаме ќе надминат и 2 милијарди евра) ќе се градат неколку делници низ Македонија, со средства директно од буџетот.
За почеток да кажам, дека финансирање на проекти од овој тип, и со олку голем износ, директно од буџет, во најмала рака е неодговорно и несериозно. Со таквата одлука правите да државата нема денар за ништо друго во сферата на инфраструктурата во следните 5-6 години. Место да се најдат меки долгорочни кредити, или да се добие некој грант од Европа за инфраструктура и помош за изградба, ние се ставаме на плеќите на и така оптоварениот државен буџет.
Друго, кој е тој кој ги одбра трасите и врз кој приоритет? Еве, ќе речеме дека тоа што Тетово-Гостивар ќе се гради во целост нов од корен со 6 ленти и надвозници е добра идеја. Да поддржиме дека Гостивар-Букојчани (пред Кичево) е исто така приоритет. И кракот од Подмоље до албанската граница. Но, врз основа на што се реши како приоритет да се гради автопат Прилеп Битола? Вие на таа делница ниту имате голем проток на сообраќај ниту пак застој! Да се градеше автопат Битола-Ресен-Охрид е сфатев. Да се градеше Велес-Прилеп под Бабуна, ќе речев секоја чест. Да се правеше автопат до грчка граница, ќе разберев. Дури и да беше делницата Битола-Демир Хисар-Кичево, ќе речев уште подобро. Автопат меѓу Прилеп и Битола во моментов нема да смени ништо, ниту пак да донесе, а доколку на истиот ставите патарина (што ќе го направите), само ќе биде заобиколуван и луѓето ќе се пренасочат на стариот пат. Актуелниот е доволно добар и доволно брз, а работата на оваа делница не е никаков приоритет.
А што се приоритети? Забораваме дека Катланово (Скопје) – Велес не е автопат. Тоа е некаква импровизација од порано, со огромни кривини, и најчесто ограничување на 80 на час. Автопатот треба да оди паралелно со делницата Велес-Скопје со барем две места за ислучување, затоа што денес имате состојба во која доколку тргнете во еден смер, нема враќање назад дур не ја извозите цела делница меѓу Скопје и Велес. Да не заборавиме дека тоа е главната траекторија север-југ не еден значаен европски коридор. Плус, покрај ова, треба да се води сметка и на железницата, затоа што истата е потребно да се крене горе, на повисоко, и поради потенцијални проекти на Вардар (проект Вардарска долина) затоа што денес самата пруга меѓу Скопје и Велес оди ниско покрај самата река.
Железницата е сосема заборавена. Имаме поранешна одлична мрежа како потенцијал која само треба да се награди. Наместо тоа, ние ја уништуваме во целост. Дали покрај автопатот се размислува да се направи барем основна инфраструктура за понатаму на делницата Кичево-Охрид-Струга-Албанска граница. Доколку не се прави, а се потрошат олку многу пари, би било комплетен идиотизам. Затоа што тоа би го развило и заживеало коридорот Поградец-Либражд-Елбасан-Рогожино-Каваја, па се до Драч, каде Македонија би излегла со пруга директно на море, а не некои други начини како што некој не убедуваше. Е тоа е проект кој и треба на Македонија. Се друго е глумење, а позадината е сосема трета.
Со пруга треба да се спои и Битола со Охрид, преку Ресен. Секако и Сопотница (Демир Хисар) со Кичево. Кружењето на возот од Велес за Прилеп преку Богомила, треба да се скрати. Или со тунели од страницата Васил Антевски Дрен, или од Градско-Шивец, па за Прилеп.
Велес и Трубарево треба да се главни станици за претовар, царинење, и на стоки и на патници. Имаат прекрасна инфраструктура која стои така, неискористена, како гробница на стари вагони. Срамота е да нема железничка линија до Скопскиот аеродром, но и до тој во Охрид. Зошто секој кој ќе слета, да не може дома да си отиде удобно, со воз? Секаде во светот тоа го има. Дајте им на луѓето опција да бираат. Идиотизам е да слеташ ноќе и да чекаш автобус 3 саати, а таксист да ти бара повеќе пари од колку што ти е авионскиот билет. И тоа е само доколку одите до Скопје. А ако сте за Велес, Прилеп, Битола? Колку тоа ќе ве чини?
Државата треба да ја среди и доврши инфраструктурата и да ја стави на пазар. Кој ќе го врши превозот помалку е битно. Доколку некои авто превозници и сопственици на автобуси, камиони, автомобили се загрижени за својот профит, нека купат/изнајмат возови и локомотиви и тие нека учествуваат во организираниот превоз. Доколку сакаме напредок и во сферата на индустријата, и во трговијата, но најмногу во туризмот, ова ни е единственото чаре.
Држава е онаа која знае да осмисли стратегија, на направи план, и без оглед која влада доаѓа, стратегиските цели да ги тера до крај. А тоа ќе може само доколку крупните одлуки се носат со консензус, а не да има надгласување и терање инает. Актуелната власт со случајот Бехтел и Енка, а уставните измени, со промената на името и референдумот и со уште еден куп закони докажа дека не знае каде тера, и дека со овој акал, напред нема. Затоа и ништо од нив не очекувам. Овие мои размислувања се однесуваат за некоја наредна структура, која се надевам дека нема да размислува од денес за утре, дека ќе има визија и дека нема да биде полтронска и водена само од личните интереси. Да се надеваме, нели?
И да, Македонија треба да има барем уште два до три аеродроми, за карго и но за превоз на патници, како алтернативни дестинации. Еден во источна Македонија (струмичко е најсоодветно), во Пелагонија (битолско), и евентуално уште еден во Полошкиот регион. Сите тие мали аеродроми треба да бидат пропратени со железничка и соодветна патна инфраструктура.
Доколку се ова се направи, Македонија ќе има вртоглав економски раст, а сево ова ќе го мотивира населението тука и да живее, да планира живот, да гради и да се развива. Истото ќе привлече и туристи, но и луѓе од страна кои ќе сакаат тука да живеат, престојуваат или поседуваат имот.
А кога ќе има инфраструктура, ќе има и оператори кои ќе организираат квалитетен и брз превоз до секоја дестинација.
Александар Ристевски