четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Загубено образование, разорен систем

Загубено образование, разорен систем

Прошетав низ трговскиот Рамстор во Центар. Таму истакнати таблоа од ученици од повеќето факултети и дел од средните училишта. Во зависност од тоа кој е бројот на апсолвенти, многу нешта ќе ви станат појасни.

Сатанизацијата на одредени струки како тешки или неатрактивни во голема мерка придонело на осипување на кадрите. Најзагрижувачки е кога ќе видите наставни смерови со по еден, двајца, тројца. Навистина жално! Посебно кога се работи за струки, кои креираат наставен кадар. Тоа значи дека во догледно време, државата по одредени насоки нема да има наставници, дури и да ги задоволи основните потреби.

Речиси никој не се запишува на физика и на хемија. За жал, овој тренд го има скоро две децении, но се приближуваме кон дното. Ова сето е ресидив на политиката и локалните моќници. Порано се силеа и само одлучуваа кој ќе биде учител по основните и средните, сега се доведоа во ситуација, да сакаат да примат било кого, ама нема кандидати.

Интересно е што одредени образовни или студиски програми се запишуваат едвај по неколкумина што доведува до замирање на одредени струки, кои прашање е на време кога ќе почнат да се пополнуваат истите со кадри кои се несоодветни.

Проблемот е што самото образование оди на принципи „кому иде“ и секогаш на прво место се приоритетите на политиката, или пак на одредена лоби група на професори, а не тоа што пазарот бара, но и она што една држава мора да го има со одредена макар и минимална квота.

Друг проблем е што искреиравме како општество образование според квоти, па имаме паралелна едукација на кадри на македонски и албански во средното стручно образование и на факултетите, не гледајќи дали има реален дефицит или суфицит на истите. Еве прашање до сите: Што ви менува на кој јазик стекнал диплома монтер на клима уреди, или готвач, или ракувач со вилушкар?

Немам впечаток и дека концептот за доживотно учење функционира. Имате еден куп луѓе кои имаат по 40 или 50 години кои не се искористени на пазарот на трудот, а пред 30тина години учеле одбрана и заштита, марксизам, металургија или некоја струка за која денес реално на пазарот на трудот нема понуда. Дури и инвестициите кои државата ги брка кај странските инвеститори, нема да даде ефект затоа што нашето население се намалува. Ем нема природен прираст и се помалку има новороденчиња, но и поради иселување.

Главниот проблем покрај лошите образовни и студиски програми, се неретко и негативната селекција (лошите кадри) која го прави самото образование одбивно за младите, но и системската корупција, каде со пари или влијание може да се добие се‘! Тоа што денешната младина го гледа, не го премолчува, како некои генерации пред неа, а овој пат има и опции, работа и од дома, времена работа во странство, но и трајно иселување.

Концептот „Како до сега“, веќе не функционира. Во ниту една сфера од живеењето, а посебно во образованието. Кога ќе видам кој се‘ се стекнал со највисоко академско звање, и кој се’ ја учи младината, сфаќам колку сме долу.

Поразително е што немам впечаток дека ќе се направи квалитативен напредок во скоро време. Она што го викаат реформа, каде историја, географија и некакво си граѓанско општество ќе го спојат во едно по мене, не е реформа. Реформа е доколку ги скратите непотребните единици од програмите. Во 90тите ние учевме глупости од типот на колку овци има во Австралија и колку волна таму произведуваат, а по историја пола година учевме за цели хронолошки периоди кај соседите и целиот Балкан, па целата историја на Европа. Проблемот е во обемот и приоритетите.

Имам впечаток дека и самите не знаеме каде тераме. Основното образование треба да го едуцира младиот човек помалку или повеќе за се’, за да му ги отвори хоризонтите кон тоа каде сака да се насочи. Оние со повисоки оценки и амбиција да растат сос своите знаења, треба да се насочат кон гимназиско образование или некоја потешка струка, но бројката на гимназии и слободни места не смее да е повеќе од половина. Останатите треба да се запишат на струки кои после 3 или 4 години би им овозможило веднаш да најдат работа и солидно да заработуваат. Изминатите дваесетина години создадовме еден куп ликови со дипломи од гимназија кои не знаат каде тераат.

Јас самиот сум човек кој завршил средно стручно образование. И тоа во ниту еден момент не ме ограничило да сменам и струка, и да се преквалификувам или да дооформам знаење во друга област.

Жално е што агендата на државата е денес за утре или се менува поради политиката, партиите или јазична и етничка застапеност, а не според барањето на стопанството и државните институции. Патем, што сакате од држава во која се менуваат министри во клучни ресори секоја година, држава во која нема учебници, држава во која директорот или деканот/ректорот, не е лице професионалец кое го спроведува и организира образованиот процес, туку лице кое мисли дека е некаков менаџер и „тезгари“ со екскурзии, патувања и јавни набавки?

Е затоа не не’ бива, драги мои! Време е за ресет. Целосен! Од корен! А немам впечаток дека се оди во тој правец кој го посакувам. Не за друго, туку ради негативната селекција, за која едек куп пати сум пишувал и зборувал.

Разбуди се народе! Освести се, не биди себичен следејќи го ситниот личен интерес. Барај стандарди, ред и поредок. Барај подобро утре и за себе, и за идните поколенија!

 

Александар Ристевски