Иван Јордановски е младиот талент чија сторија денес ја пренесува КУРИР.МК.
Тој има 9 ипол години и си го исполнува својот сон-тренира фудбал.
Навидум станува збор за обично момче кое одлучило да спортува, но приказната за Иван ќе ви го стопли срцето.
На 6-годишна возраст му беше дијагностициран дијабетес. Но, наместо пречка, Иван одлучи токму тоа да биде неговата најголема мотивација.
Дава се од себе да успее и да ја исполни својата мисија, а тоа е сите пари кои некој ден ќе ги заработи од својата професија да ги донира и да им помогне на децата со иста дијагноза.
БРАВО за Иван!
-Прво тренирав ракомет во Вардар кај Адријана Будимир. Иако навистина има одлично искуство, длабоко во себе чувствував дека мојот спорт е фудбалот. Со поддршка на родителите, одлучив да почнам да тренирам фудбал. Сега сум дел од ФК Фамос и тренерите го препознаа мојот голем талент, па многу ми помагаат да се надоградувам, вели Иван за КУРИР.
Дијабетесот, вели, не му претставува никаква пречка, но она на што многу мора да внимава поради дијагнозата е исхраната.
-Дијабетес ми кажаа дека имам пред три ипол години. Прашав што значи тоа и како ќе влијае на мене и мојата професија. Единственото на кое морам многу да внимавам е искраната. Мора здраво да се хранам и да внесувам многу витамини и протеини за да можам да тренирам. Знам што не смеам да конзумирам и се придржувам кон тоа. Во тренинзите воопшто не ми пречи, раскажува младиот фудбалер за КУРИР.
Редовно ги следи фудбалските натпревари и сака да научи нови техники за натпреварите кои ги игра тој секоја сабота. Најверно навива за Реал Мадрид.
-Кога играа во Македонија бев да ги гледам. Тоа е мојот омилен клуб. Од тие фудбалери може многу да се научи и јас сакам да го искористам тоа во најдобра смисла. Моја неостварена желба е да го запознаам Кристијано Роналдо, искрено одговара Иван.
По патот на својот идол, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Иван освен со фудбал сака да се занимава и со снимање на реклами.
Често посетува кастинзи каде исто така добива големи пофалби и убави зборови.
Што го прави најсреќен? Секако, кога ќе постигне гол.
-Радост ми претставува секој тренинг, секој натпревар. Но секако дека сум најсреќен кога ќе постигнам гол. Тоа многу влијае на моето расположение, но пред се и на здравјето. Секој мал успех ја одржува стабилна и мојата самодоверба. Навистина понекогаш ми е напорно на тренинизите, но ако сакам да постигнам успех, мора редовно да вежбам. Многу сум му благодарен на својот тренер Оливер Младеновски за разбирањето кое го имаше и ме прими во својот клуб и покрај здравствените проблеми кои ги имам, истакна Иван за рубриката „Млади таленти“ на КУРИР.МК.
Следува делот кој воодушевува. Голема мисија за младо момче.
-Во иднина себеси се гледам како познат фудбалер. Нема да се откажам од напорните тренинзи и учење постојано на нешто ново. Затоа себеси си дозволувам да го кажам ова, дека еден ден ќе бидам познат во фудбалот. Сакам да заработувам многу пари во мојата професија, но не за јас да станам богат човек, туку да помагам. Парите кои еден ден ќе ги заработам, јас ќе ги донирам за децата кои го имаат истиот проблем како мене. Можеби нивните родители не можат да си дозволат да им платат што треба, затоа јас сакам да им помогнам, заклучува малиот херој Иван.
Талентот за фудбал го има наследено од својот дедо, па сака со овој спорт да ги „зарази“ помалите од него во семејството. Слободното време го поминува со своето мало братче за кое вели дека во иднина ќе го носи на тренинзи и ќе го учи да го засака фудбалот.