сабота, 4. ноември 2023. Вести денес: 70
home Млади таленти

Погледнете ги македонските убавини низ детските очи: Анастасија ја претставува Македонија пред светот на најубавиот можен начин (ВИДЕО)

Погледнете ги македонските убавини низ детските очи: Анастасија ја претставува Македонија пред светот на најубавиот можен начин (ВИДЕО)

Анастасија Анастасова со своето семејство живее во Хамбург, Германија. Но, Македонија живее во нејзиното срце.

Ова девојче, кое следниот месец ќе наполни 11 години, имаше прекрасна идеја, за чија реализација се вложи максимално и затоа со гордост може да каже дека успеа.

Нејзина мотивација се љубовта кон родната земја и убавините кои Македонија ги поседува. Не мислеше дека е доволно за тие убавини да знае само таа, па сакаше да ги сподели со светот.

Бесценето е да ги погледнете македонските богатства низ детските очи бидејќи нема нешто поискрено од детските емоции. Токму тоа стана успехот на Анастасија.

Оваа Македонка има свој канал на Јутјуб, кој го води на два јазика – германски и македонски. За да допре до срцата на сите, видеата имаат и англиски превод.

Семејството е нејзина најголема поддршка, па тие заедно работат снимање и монтажа, вложуваат свои средства, но пред сè – многу љубов.

Скопје, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Кратово, Охрид се само дел од локациите каде Анастасија направи свои мини документарци. Пред снимање се подготвува со информации кои од срце им ги пренесува на сите што ја гледаат. Снима интервјуа со славни личности од Македонија, кои наидуваат на голем интерес од страна на публиката.

КУРИР стапи во контакт со неа, поразговаравме за идејата која успешно ја реализира, за згоди и незгоди на снимањето, за идните планови…

Кој работи – тој и греши, а Анастасија ни откри две слатки случки од приказните кои секое видео ги носи со себе.

-До сега сум имала многу случки и грешки што се случувале на снимање. Нешто што можам да одвојам тоа е на Цоцев Камен со зборот “опсерваторија“ каде што ми требаше неколку пати да го извежбам и сепак не го погодив точно. Во градот Кавадарци кога снимавме, цело време го кажував град Кратово и мораше повторно и повторно да се снима. Секое видео си има своја приказна позади себе интересна, ни кажа таа.

Иако живее далеку, со мислите често е тука. Спомените за делови од Македонија биле избледени бидејќи кога за прв пат ги видела тие убавини, била уште мала. Затоа ја носи одлуката да се врати на тие места, па не само тоа, туку таму да направи видео кое секогаш ќе биде добар потсетник и промоција.

-Нешто што најмногу сум горда е тоа што сите желби и идеи што сме ги замислиле со моите родители и сме се договарале ни се исполниле. Можеби имаме еден/два проекта што не ни се исполниле и реализирале. Најмногу се радувам на тоа што Македонија ја шетаме и запознаваме од почеток бидејќи кога ме шетале моите родители порано јас бев многу мала и не се сеќавам, вели Анастасија.

Малиот професионалец веќе прави идни планови за проекти. Има желба да снима низ Аеродром, а следна цел е промоција на волшебното место – Свети Јован Бигорски.

-Имав една идеја, но не ми е реализирана ќе видиме како ќе одговорат на мојата желба. Тоа е да се сретнам со нашиот Bürgermeister во превод градоначалник на мојата населба Аеродром каде што живеев. Мојата идеја е да прошетаме низ Детската улица каде што проодев, да ја видиме мојата градинка „Буба Мара“ каде што имам се уште убави спомени од таму и да се прошетаме низ паркот со авиончето. Сакам сите мои другарчиња од Германија да го видат моето детство како изгледало. Но ќе видиме за тоа. Инаку следен проект е да го посетиме Свети Јован Бигорски и ќе ја имам честа да снимиме едно прекрасно видео, истакна таа.

Има и една порака до сите:

„Ве замолувам сите да го заследите којот Youtube канал,  тоа е бесплатно, а  со тоа ми ја давате вашата поддршка да продолжам понатака“.

Ова дете со неговата љубов кон Македонија може да биде пример и за возрасните.

Во продолжение уживајте во дел од прекрасните видеа: