сабота, 4. ноември 2023. Вести денес: 70
home Млади таленти

„Како ли јас да пораснам“ стана хит и за новите генерации: Ја препеја талентираниот Милан во „Дајте музика“

„Како ли јас да пораснам“ стана хит и за новите генерации: Ја препеја талентираниот Милан во „Дајте музика“

Родителите во денешно време често коментираат дека нема детска програма на телевизиите која може да ги замени “нашите времиња“. Оваа теза ја побива секоја епизода на новите сезони од „Дајте музика“, крупен проект реализиран под палката на актерката Весна Петрушевска-Бејби.

Се врати квалитетната програма за деца, безвременските детски хитови, шегите, поучните епизоди. Преку дружбата со славните личности од нашата сцена се прави комбинација која е полн погодок.

Децата од  „Дајте музика“ освен што настапуваат со нови песнички, ги препејуваат и постарите детски хитови со кои растеа генерации и генерации.

Ако зборуваме за безвременски песни изведени од дете за деца, не е можно да не ја спомнеме култната „Како ли јас да пораснам“. Ако сметавте дека е подзаборавена, сега можете да бидете спокојни.

Новата верзија е препејана од Милан Данчев, талентираното дете кое ги примами симпатиите на публиката во улогата на Цонде од „Дајте музика“.

Ова дете кое ја обожава глумата и пеењето, го заслужи своето место во рубриката „Млади таленти“ на КУРИР.МК.

-Кога се емитуваше епизодата во која ја пејам „Како ли јас да пораснам“, девојчињата во училиште веднаш ме пофалија. Рекоа дека тоа е моја химна. Дел од нив веќе ја знаеја, дел мислеа дека е моја. Добив многу пофалби кои навистина ме израдуваа, вели Милан.

Згодите и незгодите кои ги доживуваат во епизодите, како и за време на самото снимање, за Милан претставуваат игра низ која учи многу за животот. Пред се, колку е важно другарувањето.

Милан е дел од Актерската школа  на Весна Петрушевска повеќе од една година.

-Таму постојано учиме нешто ново. Секој час ни е нова лекција. Уживаме иако имаме обврски бидејќи сето тоа го правиме низ дружење. Ги  слушаме советите на Весна, а таа ни дава голема поддршка. Тоа е поттик за нашиот талент, кога позната актерка ни е ментор во тоа што сакаме да го правиме, раскажа Милан за КУРИР.

Големо доживување за него е да се запознава со гостите кои ја збогатуваат секоја епизода во „Дајте музика“.

-Снимањето понекогаш беше напорно, но интересно и во него уживавме сите. Се дружевме меѓу себе, а се радував кога ни гостуваат славните личности и се запознавав со нив, истакнува талентираниот Милан.

Милан веќе има понуди за снимање на реклами и спотови. Иако по години е мал, тој функционира како професионалец. Сериозно ја има сфатено својата улога и професијата во која се гледа себеси и во иднина.

 

Најнови вести