четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Млади таленти

Нејзин идол е Каролина Гочева, а таа е новата македонска надеж: Запознајте ја Талиа Василова (ФОТО)

Нејзин идол е Каролина Гочева, а таа е новата македонска надеж: Запознајте ја Талиа Василова (ФОТО)

Талиа Василова е талентираното девојче од Кавадарци на чии успеси Македонија треба да биде горда.

Таа беше дел од меѓународниот фестивал во Загреб „Чаробна фрула“. Меѓу 69 солисти од вкупно 12 држави, нашата Талиа го освои високото второ место во нејзината категорија.

Талиа беше единствен претставник од Република Македонија.

Солист, балерина, пијанист. Многу професии за едно мало девојче, а сепак постигнува успех на секое поле.

Таа е денес дел од рубриката „Млади таленти“ на КУРИР.МК.

-По  освоеното трето место во Бугарија каде настапував со песната „Црно и бело“ од Калиопи на меѓународниот фестивал „Златни Јаболки“ пријавена од мојата менторка Даниела П. Маџункова, ми беше промовирана мојата авторска песна „Балерина“ со текст на Тиана Димова, музика Даниела П. Маџункова, аранжман Васко Ристов. Со таа песна бев пријавена и одобрена за натпревар на Меѓународниот фестивал „Чаробна Фрула“ во Загреб. Пеев на 1-ви и 2-ри декември, во полуфинале и финале. Освоив второ место од организацискиот одбор на фестивалот, вели Талиа во изјава за КУРИР.МК.

Нејзина најголема поддршка е семејството. Родителите и братот ја следат во секој чекор и се горди на нејзините успеси, како во земјава, така и надвор од неа.

Свесна е дека освен натпреварувачки карактер, настаните имаат и други цели кои таа, во оваа возраст, треба да знае добро да ги искористи.

-Во Загреб стекнав нови пријателства, искуство. Се дружев со деца од различни земји кои изведуваат различни песни и имаат поинакви од моите сценски настапи. Заедно си ги учевме кореографиите и си разменувавме идеи и искуства. Тоа беа незаборавни моменти кои ќе ги паметам долго и секогаш ќе ми служат како потсетник, кажува малата талентирана Талиа.

Секоја награда за неа е само мотив плус да продолжи да работи и создава. Веднаш по високото второ место кое го освои, таа веќе има нови планови.

-Во блиска иднина се спремам за наша авторска песна како „Танини“ заедно со мојот брат Никола кој свири кларинет. Соработуваме со Дарко Сарденков,  директор на  фестивалот „Си-До“ кој ќе се одржи во април 2019-та година. Во тек е реализирањето на нашиот втор видео спот. Првиот беше за класична музика, каде јас бев балерина. Сега се очекува да биде готов и нашиот втор спот за кавер на песната „Две лири“ од Каролина Гочева, која ми е најголем идол и обожавам да ги пеам сите нејзини песни и ги следам сите нејзини настапи и концерти, вели Талиа за КУРИР.МК.

Пред ова талентирано девојче веќе стојат низа предизвици. Ја очекува нова промоција, многу настапи, фестивали. Се подготвува за настапи со танци кои ги подготвува во клубот Линеа кавадарци.

Може да се пофали со бројни дипломи и награди, а ние и посакуваме исполнување на соништата и  многу награди.

Најнови вести