Христијан Андовски, ученик во средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес, освои второ место во финалето на Европскиот квиз на парите – најголемо европско натпреварување во сферата на финансиската едукација. Победниците ги објави Европската банкарска федерација (ЕБФ) – првото место го освои претставник на Шпанија, а третопласирани се претставници на Чешка.
Второто место во Европа Андовски го освои во конкуренција на голем број натпреварувачи од 28 држави. Според податоците на ЕБФ, преку онлајн-платформата Кахут (Kahoot!), оваа година, бројот на учесници на Европскиот квиз на парите е значајно поголем во споредба со минатата година.
Ова е втор успех за наши ученици на Европскиот квиз на парите. Минатата година, кога нашата земја првпат учествуваше во овој квиз, европски вицешампиони беа Викторија Панова и Марко Инѓилизов од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, коишто претходно беа победници на националниот натпревар.
Македоската банкарска асоцијација (МБА) соопшти дека повторувањето на успехот на европско ниво од младиот велешанец Андовски уште еднаш потврдува дека интензивното вложување во финансиската едукација на младите од земјата веќе дава видливи резултати – и преку интересот на младите за стекнување знаења во областа на финансиите, но и преку подигнување на нивото на нивната финансиска писменост.
-Дополнителен показател за ова е и тоа што годинава, во големото европско финале на Европскиот квиз на парите, најбројни беа претставниците на нашата земја. Андовски ја имаше искористено можноста што годинава ЕБФ ја даде заради глобалните околности со пандемијата на Ковид-19, во финалето на Европскиот квиз на парите, преку онлајн-пристап да можат да учествуваат сите заинтересирани, вклучително и учениците коишто претходно не учествувале во националните натпреварувања, наведува МБА.
Македонската банкарска асоцијација го организира учеството на нашата земја на Европскиот квиз на парите во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и со поддршка од министерстата за финансии и за образование и наука.
МБА најави дека во претстојниот период се планираат и други заеднички активности во сферата на финансиската едукација, приспособени на можностите додека е во тек пандемијата. (МИА)