„Внукот на Џорлев“. Кога за прв пат излезе на сцената единственото што луѓето го знаеја за него беше дека потекнува од едно од најславните музички семејства во Македонија. Кога запеа, коментарите беа дека поседува одличен талент и дека во музичките води, не впловува “со врски“.
Огнен Здравковски е талентираниот млад пејач, кој неколку години ја прави Македонија горда со своите настапи дома и во регионот.
Крвта не е вода. Тој е внук на легендата на македонската фолклорна музика Наско Џорлев, син на неговата ќерка Софче и внук на вујко му, маестро Зоран Џорлев!
Тој е младиот талент, кој во интервју за КУРИР говори за почетоците, успесите, советите кои ги добива….
Кога сфати дека музиката ќе стане твоја животна определба? Кој ти беше најголема поддршка?
-Музиката е мојот живот уште од кога се родив, уште од кога бев бебе живеам и растам со музика. Кога имав 6 години моите родители ме запишаа во нижото музичко училиште во Скопје. Една година одев само на солфеж, да научам ноти, потоа наредната година почнав да учам да свирам на виолина. 7 години свирев на виолина и потоа престанав, поради оправдани причини, ја скршив раката и имав итна интервенција, па не смеев да свирам една година, а требаше да се запишувам во средно. Бидејќи не смеев да свирам се запишав на пеење и од тука почна се. Во сето ова уште од почеток, па до ден денес најголемата поддршка ми се моите родители и мојата сестра, вели Огнен за КУРИР.
Колку е предност, а колку маана, во вакви стандарди на македонска музичка сцена, да бидеш дете на славни музичари?
-Пред се пресреќен сум што потекнувам од ова семејство. Голема предност е што ги имам нив секогаш позади мене, ама искрено никогаш не сум го користел тоа. Не ме буткале и не ме терале да правам нешто на сила. До сега се што имам стекнато и постигнато се трудам да го направам сам без нивна помош. Ако го носев презимето “Џорлев”, ќе ми беше дупло потешко отколку до сега. Ама сепак сите знаат чиј сум и од кое семејство доаѓам, така да колку што е тоа убаво понекогаш и не е бидејќи треба многу да се внимава за се како правам и што правам, ни откри младиот пејач.
Со своите настапи во „Ѕвездите на Гранд“, од лани ја правиш горда Македонија. Кои се твоите очекувања од оваа сезона?
-Годинава одиме до нови победи. Веќе почнаа подготовките за вториот круг, а и во секој момент очекувам повик од мојата менторка Марија Шерифовиќ, да ме викне да одам во Белград и да се спремиме како што треба. Моите очекувања за оваа сезона се да влезам во финалето на Ѕвезде Гранда и да снимам песна со спот за Гранд Продукција, а понатаму како рекол Бог така нека биде, рече Огнен за КУРИР.МК.
Каде може јавноста да те слушне и во нашата земја?
-Моментално сум со настапи низ градовите во Македонија. Последно пеев во арената „Борис Трајковски“ на концертот во чест на Тоше Проески, вели тој.
Кој е најдобриот совет кој си го добил за кариерата од маестро Џорлев, а што те советува мајка ти?
-Од мајка ми и вујко ми добивам совети цело време совети. Вујко ми секогаш, пред секој мој настап ми вели „Пеј како што пееш дома пред мене, биди опуштен мисли на убаво. Дај го максимумот“.
Од мајка ми секојдневно добивам совети за пеење. Со неа работам и се подготвувам за сите мои настапи. Таа е мојот најголем ментор, истакна Огнен Здравковски во интервјуто за КУРИР.