На 4 декември се празнува Воведение на Пресвета Богородица.
Народот овој празник го нарекува Пречиста, што одлично ја доловува неговата смисла. Тоа е празник на воведувањето на пресветата девојка Марија во Ерусалимскиот храм.
Првосвештеникот Захарија ја воведе не само во храмот, туку и во Светињата над светињите, т.е. во најсветото, најчистото место на храмот, каде што никој никогаш не влегуваше, освен првосвештеникот, и тоа само еднаш во годината.
Така, Бог преку света Захарија, кој беше надвор од себе и обземен од Бога, ја прослави умната и телесна чистота на Марија, која подоцна стана врата на спасението, т.е. го прими во себе, го носеше и го роди Синот Божји, истовремено и Син Човечки, Христос. Најчистиот се роди од најчистата утроба. Затоа и празникот е Пречиста.
На овој ден особено е важна чудотворната литиска икона од манастирот Света Богородица Пречиста-Кичевска.
Оваа икона има интересна историја бидејќи претставува еден од ретките примери во нашата средновековна уметност на кој се преземени подоцнежни зографски интервенции, но стариот иконопис е зачуван и само делумно обновен и досликан. Таа интервенција ја има направено големиот иконописец Дичо Зограф.
Ова е накратко нејзината историја:
– 1642 год. – иконата е иконописана од засега непознат иконописец. Таа е двострана – на едната страна е Св. Богородица со дете а од другата Исус Христос. Сликана е во два слоја.
– 1868 год. – Дичо Зограф ја реставрира и ја пресликува зашто била доста оштетена. Ја слика според стариот урнек како што самиот запишал под неа.
– Според народното предание оваа икона прелетала од испустениот Кнежински манастир „Св. Ѓорѓи“ и застанала на дрвото над светата вода кај старата црква на манастирот „Пречиста Кичевска“.
– По обновата на црквата во 1848 год. кога и изворот е обграден во самиот манастир на северозападниот дел од храмот, иконата е поставена на еден камен проскинитар до самиот извор.
– Чудесната моќ на оваа икона е пренесена преку чудотворните солзи кои се толкувале како одраз на љубовта на Богородица кон грешниот човечки род. Богородица е помошничка на сите верници и нивна застапничка, која лечи духовни и телесни болки.
– Деловите на иконата околу рацете и ореолот на Св. Богородица, се опковани во сребро и токму тие со векови на верниците Македонци и други православни од Кичевско, им служеле како своевидно поштенско сандаче за пораки до „другата“ и возвишена страна. Имено токму под раката и ореолот т.е опкованите со сребро делови, во испакнатините, верниците ставале пишани пораки со молитви и желби до Св. Богородица.
Верувањата се дека на овој ден жените без пород треба да појдат во манастир посветен на Богородица, а оние кои имаат деца да оставаат дар на иконата на Дева Марија. Најважно е од срце да се помолите!