недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Бектеши: Проектот за коридорите 8 и 10-д ќе се реализира – тоа е завршена работа

Бектеши: Проектот за коридорите 8 и 10-д ќе се реализира – тоа е завршена работа

Бектеши ги повика антикорупционерите да бидат поекспедитивни и да излезат со нивните наоди имајќи предвид дека веќе го имаат договорот.

Пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе се усвојат, проектот ќе се реализира, тоа е завршена работа и тоа треба да им биде јасно на сите, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши одговарајќи на новинарско прашање.

Одговорот на Бектеши доаѓа откако денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска објави дека го добиле договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ што ДКСК го побара како дел од документацијата за предметот кој го отвори во однос на проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д.

„Во однос на законите враќање назад нема. Ја имаме една од најголемите реномирани компании која ќе биде изведувач, а тоа е ‘Бехтел’ во конзорциум со ‘Енка’“, рече Бектеши.

Министерот Бектеши ги повика антикорупционерите да бидат поекспедитивни и да излезат со нивните наоди имајќи предвид дека веќе го имаат договорот.

„Има институции, ДКСК, Обвинителство, па и другите, нека си ја завршат својата работа. Владата ги заврши своите работи, сега законите се во Собрание, очекуваме пратениците што побрзо да ги усвојат и да почнеме да работиме што ќе влијае позитивно и во делот на економијата имајќи предвид дека над 50 отсто од договорот ќе се реализира од домашни економии, а ние очекуваме тоа да биде и над 70 отсто“, додаде Бектеши.

На прашањето за состојбите во ДУИ и дали очекуваат пратениците од „огнената“ група да не ги гласаат законите за коридорите, Бектеши без конкретен одговор рече дека ДУИ е најстабилна партија во Северна Македонија.

„Утре да излеземе на избори ДУИ секогаш ќе победи бидејќи ја има довербата од страна на граѓаните и гласачите. Тоа сме го докажале и ќе го докажеме кога и да е потребно“, рече Бектеши.

Од ДКСК денеска рекоа дека веќе е формиран тим од четворица советници за анализа на предметот, но дека не можат да кажат рокови, иако, како што рече претседателката Ивановска, тој предмет им тежи најмногу и со сите сили се вложени за да се сработи побрзо.

Покрај Антикорупциската комисија, и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите објавени во медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10-д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, на крајот на март отвори предмет по допрен глас.