Дали УЈП најде начин како да задоцни со исплататана парите за граѓаните во проектот „Мој ДДВ“?
На ова алармираат познавачите, кои вака ја сфатија пораката на УЈП на Лукареска дека Управата за јавни приходи од 12 јуни годинава ќе прави нова пресметка на повратот на ДДВ кај граѓаните, за второто тримесечје, поради измената, кај македонските производи да се врши поврат од 20 отсто, а кај странските од 10 отсто.
Наводсно заради тоа, појаснуваат од УЈП, износот на повратот на ДДВ кај физичките лица за второто тримесечје можел да претрпи промена. Во превод, поради „новите пресметки“ најверојатно ќе се доцни со исплатата,а изговорот ќе биде времето потребно тие да се извршат и стокмат.
– Со Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица за време на вонредна состојба (,,Службен Весник на РСМ бр.156/2020 од 12.06.2020”) е регулирано – враќањето на делот од данокот на додадена вредност пресметан на прометот на македонски добра и услуги се врши во висина од 20 отсто, а за останати добра и услуги се врши во висина од 10 отсто, од пресметаниот данок на додадена вредност искажан во поединечна фискална сметка. Оваа пресметка се врши oд денот на влегувањето во сила на Уредбата со законска сила и не подоцна од 31 декември 2020 година, наведуваат од УЈП.
Додаваат дека со цел имплементација на мерката преку која се поттикнувала потрошувачката на македонските добра и услуги, Управата за јавни приходи брзо и ефикасно ја приспособи апликацијата МојДДВ преку која на граѓаните кои скенираат фискални сметки за купените македонски добра и услуги ќе им се изврши поврат во висина од 20 отсто, а за останатите добра и услуги во висина од 10 отсто од пресметаниот данок искажан во фискалната сметка.
– Со овие приспособувања за скенираните сметки од 12 јуни 2020 година, повторно ќе се изврши пресметка, според раздвојувањето на македонски добра и услуги со 20 отсто и останати добра и услуги со 10 отсто, наместо досегашните 15 отсто поврат на ДДВ. Поради оваа повторна пресметка износот на повратот на ДДВ кај физичките лица за второто тримесчје може да претрпи промена, појаснуваат од УЈП.
Дали ова е јасна најава граѓаните да се подготват на доцнење на повратот на парите од МОј ДДВ?