недела, 3. декември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Колапс во угостителскиот сектор, а Битиќи вели нови мерки за поддршка АКО е потребно

Колапс во угостителскиот сектор, а Битиќи вели нови мерки за поддршка АКО е потребно

Угостителскиот сектор повторно е најпогоден од новите рестриктивни мерки кои ги донесе Владата. Со целосниот хаос кој настана поради јасно недефинирани мерки, угостителите децидни дека тие се најпогодени со новите мерки кои ги донесе Владата.

Децидни се во барањата дека мерките мора да се прилагодат и да се донесат нови, а нивните барањата ги испратиле и до Владата. Велат дека неопходно е да се земе во превид дека воведувањето на новите мерки и рестрикции значи сериозно ограничување во работата на туристичко-угостителскиот сектор поради што и треба да се планираат економски мерки за поддршка.

И додека угостителите јавно говорат дека потребна им е поддршка, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека нови мерки за поддршка на угостителите ќе се донесат АКО има потреба.

-Како секогаш ги пратиме донесените рестриктивни мерки и доколку заеднички одлучиме дека финансиските импликации се толку големи што бараат одредена поддршка ќе седнеме и ќе разговараме. Секако мерките ќе бидат за тие кои се најмногу погодени, рече Битиќи во одговор на прашање дали Владата размислуваме за некоја нова мерка за поддршка на угостителите и граѓаните заради неодамна донесените рестриктивни мерки.

Посочи дека воведените рестриктивни мерки се привремени.

-Да се надеваме дека здравствените бројки ќе укажат дека полека ќе можеме да се вратиме во нормалниот живот, а ако тоа не е возможно и досега сме докажале дека носиме мерки за стопанството кога е тоа потребно, потенцира Битиќи.

Од почеток на пандемијата угостителскиот сектор е еден од најпогодените од мерките кои се носеа. Голем број луѓе останаа без работа, а дел од сопствениците беа приморани да ги затворат локалите.