Во тек разговорите за новиот антикризен пакет, се зголемува бројот на индустрии што бараат помош
Интензивно течат разговорите за новиот, петти антикризен пакет мерки што треба да обезбеди финансиска поддршка за граѓаните и стопанството.
Според најавите, угостителството, транспортот, туризмот, тутунарите и медиумите ќе бидат во фокусот на петиот сет мерки, како директно најпогодени сектори на кои им е неопходна помош.
Но, да бидат вклучени во антикризниот пакет побараа и други индустрии: музичарите, организаторите на настани и претставниците на фото и видео дејностите. Некои дури формираа и комори за здружено да делуваат.
За новиот сет мерки вчера седница одржа и Економско-социјалниот совет. На седницата присуствуваа Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Конфедерацијата на слободни синдикати и Организацијата на работодавачи.
ССМ побара да продолжи финансиската поддршка за исплата на плати, но искажа и неколку други барања: надоместот на плата за отсуството од работа поради зараза од КОВИД, изолација и самоизолација да изнесува 100 проценти од основицата утврдена со закон, спроведување јавни набавки од страна на државните органи исклучиво од домашните компании кои не отпуштиле неосновано работници и не злоупотребиле од финансиската поддршка за исплата на платите, работниците кои користеа мерки како хронично болните, бремени жени, чување на дете до 10 години да бидат исплатени во висина на нивната плата, без нејзино намалување и истовремено да се води грижа за мајките кои користеле породилно отсуство, а им престанал договорот за вработување по кој било основ, како и да имаат право на платено на породилно отсуство.
– Точно 11 месеци сме соочени со невиден предизвик, 11 месеци сме без можност за работа и без остварување приходи, а не знаеме уште колку ќе трае кризата, реагираа компаниите членки на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП).
Тие сметаат дека државата ги заборавила и дека не се третирани соодветно на состојбата во која се наоѓаат. Предупредуваат дека се пред колапс и оти мерките што досега ги понуди Владата не се доволни зашто намалувањето на прометот во нивниот сектор, како што велат, е и до 100 проценти.
– Иако нашата работа подразбира гласност и многу врева, одлучивме во оваа криза да делуваме одговорно и тивко, со намера да покажеме дека сме конструктивен партнер во борбата против пандемијата. Но, тоа не значи дека треба да бидеме заборавени или игнорирани. Затоа, бараме итно и веднаш да бидеме издвоени како една од најзагрозените дејности од пандемијата, а во претстојниот пакет мерки за помош да бидеме вклучени соодветно на состојбата во која се наоѓаме, соопшти ИВАП.
Претставниците на фотографската и видео дејноста, пак формираа Комора. Здружени, апелираа дека и тие се погодени од пандемијата, дека се колатерална штета од ограничувањата за работа на угостителските објекти, дека е загрозена нивната егзистенција и дека државата ги заборавила. Затоа, како што нагласија, бараат да бидат опфатени со петтиот пакет антикризни мерки. Според Комората, голем дел од нејзините членки се микро и мали претпријатија со мал број вработени, еден до пет, па само со отпуштање на еден вработен не ги исполуваат условите за користење на владините мерки и условите за поволните кредити од Развојната банка. Поради откажаните настани и намалената работа, повеќето дуќани ги отпуштиле вработените, дел ги ставиле фирмите во мирување, а некои ги затвораат претпријатијата.
-Нашите членови се колатерална штета на забраните кои се однесуват на угостителскиот сектор за организирање и одржување семејни веселби, прослави и настани. Ние како дејност која највеќе се занимава со фотографирање и видео снимање на погоре спомнатите настани, поради забраните ги изгубивме сите договорени настани за 2020 година, а овој тренд на откажување ќе продолжи и во 2021-ва ако пандемијата не се стави под контрола, напиша Комората во дописот до медиумите, изнесувајќи повеќе барања.
Комората најави и дека деновиве, додека чека средба со надлежните по упатените барања, ќе направи статистика за претрпената штета во овој сектор од почетокот на пандемијата.
-Да бидеме опфатени во петтиот пакет економски мерки како една од најзагрозените стопански дејности, да добиеме континуирана финансиска помош за исплата на плати до завршување на пандемијата и до изготвување протоколи за свадби и организирање на настани кај угостителите, со финансиската помош за исплата на плати да бидат опфатени и отпуштените вработени кои на овој начин ќе се вратат на работа, да добиеме директна неповратна финансиска помош – грант за сите чинители во дејноста, достапност на фотографската и видео дејноста до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на ликвидноста на правните субјекти, како и повластена стапка на ДДВ од или на фотографската и видео услуга за правните субјекти кои се ДДВ обрзници, се само дел од барањата на фото студијата, видео продукциите за свадби и настани, самостојните вршители на фотографска дејност и правните лица кои вршат набавка и дистрибуција на добра.
Музичарите кои членуваат во вкупно шесте здруженија низ земјава, потпишаа Меморандум за соработка и за заеднички настап пред државните орани и институции. Тие јавно соопштија дека заедно со угостителите се најзагрозената категорија поради што бараат да бидат опфатени со новиот сет мерки.
-Ги почитуваме мерките донесени од Комисијата за здравство, имаме разбирање и ги почитуваме владините одлуки, но бараме разбирање за нашето право на егзистенција зашто најголемиот дел од нашите членови заработуваат и живеат од музички настапи во живо кои веќе десет месеци се забранети така што немаат можност да работат и да заработат за основните потреби. Затоа, уште еднаш апелираме до надлежното Министерство и до Владата, музичарите како најоштетени од корона кризата да бидат вклучени во петтиот пакет за финансиска помош, истакнаа музичарите по состанокот во Охрид.
Во однос на новиот сет мерки реагираше и месната индустрија. Но, не бараше да биде опфатена со пакетот, туку предупреди да се внимава при неговото конципирање.
-Четвртиот и петтиот пакет антикризни мерки нема да имаат ефект зашто не се правилно насочени. Владата повторно треба да ги врати картичките „Купувај домашно“, за да се насочат средствата на граѓаните кон домашните компании, оценија производителите и преработувачите на месо.
Викендов, токму за петтиот пакет и планираната поддршка, средба со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, одржаа претставници од Независната угостителска комора кои ги повторија петте барања, а во петокот средба во Владата беше одржана и со четирите стопански комори.
-Сметам дека до крајот на месецов ќе бидат оперативни мерките од петтиот пакет за економска помош на стопанството и граѓаните за справување со последиците од ковид кризата за февруари да биде апликативен за евентуалната финансиска поддршка. До крајот на неделава сакаме да ја затвориме дискусијата со нашите партнери за тоа што е прифатливо, а што не. Со нив не преговараме, туку заеднички се консултираме за да донесеме заеднички решенија и заедно да имаме придобивка од нив, информира синоќа во телевизиско гостување вицепремиерот Битиќи.
Во петтиот пакет, како што посочи, се планира да се замени мерката државна помош за исплата на плати, со бескаматни кредити за компаниите. Наместо субвенција од 14.500 до 21.770 денари по работник, компаниите ќе имаат на располагање бескаматни кредити со грејс период од 12 месеци и период на отплата од три години со вклучен грант од 30 проценти ако покажат позитивни резултати.