Туристичко угостителската комора на Македонија денеска објави дека илјадници угостителски објекти кои тие ги застапуваат нема да ги користат мерките на Владата бидејќи, како што посочија оттаму, се недоволни и селективни и ќе придонесат за нивно дополнително задолжување.
– Ние овде од сектор угостителство од сите градови сакаме да дадеме до знаење дека сме свесни оти подобри мерки нема да добиеме. Затоа сакаме да и соопштиме на Владата дека угостителскиот сектор, односно субјектите кои ги застапуваме нема да ги користат најавените мерки и дека средствата можат да ги насочат директно кон сите кои остануваат без работа или во сектори каде мислат дека ќе постигнат ефект. На овој начин институциите можат директно да им помогнат без притоа дополнително да не задолжуваат со кредити за придонеси и наталожени трошоци, изјави Мартин Ангеловски од Туристичко угостителската комора на Македонија.
Тој посочи дека сите би сакале да ги задржат своите вработени, но оти нема да можат бидејќи немаат приходи, со оглед на тоа што тие беа први затворени, а веројатно и последни ќе бидат отворени, иако не се знае кога би било тоа. Се работи, рече тој, за мали фирми кои немаат резерви и не можат да го понесат товарот од оваа криза.
Ангеловски информираше дека веќе е почнат процесот на одјавување и според нивните информации повеќе од 60 проценти од вработените низ цела Македонија се одјавени. Како што рече, според неофицијални информации, станува збор за околу 15.000 лица.
Тој истакна дека мерките кои ги презема и ги донесе Владата не ги опфаќаат сите, оценувајќи дека тие се рестриктивни и недоволни и ќе го зголемат товарот во угостителската дејност со задолжувања.
– Значи мерките не важат за никој кој претходно има земено каква било субвенција, сега не може фирмата воопшто да користи. Ако за еден човек вработен земале мерка која што, на пример, излезе минатата година за зголемување на плата, таа субвенција на придонеси од страна на државата или ако имате мерка за вработување на лице над 50 години за субвенција на придонесот од државата, сега таа фирма не може да аплицира за новите мерки. Дополнително за тие 14.500 денари сега секоја фирма треба да се задолжи до износот на придонесите, односно до брутото плата. Тие средства ние треба да ги обезбедиме во момент кога не функционираме и не се само тие трошоци во угостителството, сите имаме кирии, сите имаме режиски трошоци, други давачки, значи не е мала сумата што ние треба да ја поднесеме како што ни се апелира, објасни Ангеловски.
Во однос на тоа дека многу работниците се жалат оти им се нуди да потпишуваат спогодбени договори за отпуштење, а со тоа не можат да го користат надоместот за невработеност, Ангеловски рече дека Владата најавила оти ќе се погрижи за сите што ќе останат без работа да добијат надоместок.
– Со моменталниот закон не можат да го користат тој надомест. Владата со мерка број 4 најави дека сите што ќе останат без работа ќе се погрижи да добијат придонес и се повика на членот од законот каде што искажува колкав е тој придонес, а тоа е 50 проценти од нето платата во изминатите 24 месеци. Тоа би требало според наше разбирање, зошто така кажа и премиерот, да биде мерка број 4 од уредбите сега што ќе излезат, посочи Ангеловски.
Тој информираше дека во овое дејности биле вработени околу 29 илјади лица, во околу 6.000 правни субјекти.