Министерството за внатрешни работи на Република Македонија добило барање од Австриската полиција за соработка поради терористичкиот напад што синоќа се случи во Виена, при што се убиени четири лица, а повредени се најмалку 17 луѓе.
-Австриската полиција преку Европол достави барање за соработка и информации околу овој случај и од страна на Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се постапува, соопштија од МВР за МИА.
Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер денеска потврди дека напаѓачот кој синоќа го изврши терористичкиот напад во центарот на Виена потекнува од Република Северна Македонија, дека имал 20 години, имал македонско потекло и бил осуден за терористичко здружување.
Министерот го кажа и името на убиениот терорист – Кујтим Фејзулаи, кој на 25 април минатата година во Австрија бил осуден на 22 месеци затвор поради обид да отпатува во Сирија за да се приклучи на Исламската држава.