Во текот на вчерашниот ден надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице од гостиварско, за сторено кривично дело кривично дело – Трговија со луѓе, предвидено и казниво по член 418-а став 1 од Кривичниот законик.
Според пријавата, осомничениот во периодот од средината на март 2021, па сè до 20.03.2022 во Гостивар, во угостителски објект со кој управувал, со употреба на сила и закана, како и со злоупотреба на својата положба, подолг временски период подведувал на вршење проституција повеќе женски лица, наши и државјанки на Русија, Украина, Србија, за одреден паричен надоместок. Жртвите биле и трудово експлоатирани, со што осомничениот се стекнал со противправна материјална корист. Експлоатацијата по пат на проституција се вршела во самиот угостителски објект на подрачјето на Гостивар, како и на други локации и објекти во Гостивар и Тетово.
При извршените претреси од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на угостителскиот објект и претрес во деловни простории што ги користи угостителскиот објект затекнати се осомничениот, три странски државјанки од Србија и една македонска државјанка, како и шест лица гости во објектот. Осомничениот е лишен од слобода и на предлог на јавниот обвинител кој ценеше дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, од Судија на претходна постапка му е одреден притвор во траење од 30 дена.