Единицата за внатрешни работи – Одделение за криминалистички работи Ѓорче Петров на 07.06.2022 поднесе кривична пријава против Г.Т.(39), Н.К.(25), Ф.Ф.(30) и Н.Н.(41), сите од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека во група извршиле вкупно 30 кривични дела за да прибават за себе противправна имотна корист.
Од нив, 11 кривични дела „фалсификување на исправа“, предвидено и казниво по чл. 378, две кривични дела „прикривање“, по чл. 261 став 3, едно кривично дело „несовесно работење во службата“, по чл.353-в, шест кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл. 353, шест кривични дела „помагање“, по чл. 24, четири кривични дела „поттикнување“ по чл. 23 во врска со „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353, сите според Кривичниот законик со што се стекнале со вкупна имотна корист од 13.179.464 денари.
Имено, првопријавениот Г.Т. во декември 2020 година набавил возило „бмв“, со сообраќајна дозвола од ЕУ, која ја приложил во станица за технички преглед во Скопје и по извршениот технички преглед ги поднел на обработка документите на шалтер во МВР, по што станал сопственик на возилото, стекнувајќи се со противправна имотна корист од 2.519.440 денари. Во март 2021, набавил уште едно возило „бмв“ и возило „мерцедес“ од земја на ЕУ, каде по извршениот технички преглед и обработка на податоци третопријавениот, вработен како референт во Сектор за управно надзорни работи, ги внел во информатичкиот систем на МВР, по што првопријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 41.781.472 денари, односно 2.861.320 денари. Во јули 2020, Г.Т. набавил и „рено“ од земја на ЕУ, а третопријавениот податоците од возилото по извршен технички преглед ги внел во информатичкиот систем на МВР и без да има осигурителна полиса, која дополнително е вметната, му овозможил на Г.Т. да стане сопственик и да се стекне со противправна имотна корист од 709.632 денари. Во август 2020, првопријавениот набавил возило „фиат“ од земја на ЕУ, а во мај 2021 набавил „тојота“ од странство, а третопријавениот ги обработил документите и ги внел во информатичкиот систем на МВР, овозможувајќи му да стане сопственик на возилата и да се стекне со противправна имотна корист од 967.120 денари, односно 1.550 денари.
Второпријавениот Н.К. во мај набавил „порше кајен“ од земја од ЕУ, каде по извршениот технички преглед ги поднел документите на шалтер во МВР и вработениот му овозможил да стане сопственик на возилото и да се стекне со противправна имотна корист од 2.852 денари, а четвртопријавениот Н.Н. по извршени проверки преку МВР констатирано е дека повеќе пати управувал возила со непостоечка, односно фалсификувана исправа.
Од страна на полициски службеници од ОКР Ѓорче Петров извршен е претрес кај горенаведените лица во дом и други простории каде се пронајдена и одземена документација која што е сопственост на МВР – Одделение за управни работи Скопје, во која биле пронајдени и одземени седум оригинални досиеа за возила кои беа под сомнение за извршените кривични дела.
Од страна на Судија на претходна постапка за Н.К. и Ф.Ф. е одредена мерка притвор, за Г.Т. е распишана централна потерница, додека за Н.Н. во тек е постапка за дополнителна истрага.