Запалено возило вчера било најдено во скопски Сарај, а се уште се чека официјална потврда од надлежните институции дали со запаленото возило се превезувало лицето кое минатата недела пукаше и тешко ги рани Раде Трајковски – Штекли и неговиот соработник Колумбо во трговскиот центар „Ист гејт“.
Од Министерството за внатрешни работи засега нема потврда и за сите информации поврзани со истрагата за пукањето, упатуваат на Јавното обвинителство.
Според информациите на Фокус, пукачот на Штекли се превезувал со „ауди“, а претходно на социјалната мрежа „Тик-Ток“ беше објавена фотографија од автомобилот.
Освен фотографија, на социјалната мрежа, каде осамнуваат и нови закани против Штекли, има и информации дека полицијата го знае лицето што го превезувало пукачот на Штекли, но не го открива поради неговата поврзаност до Шеваљ Муареми од групата „Грчец“, кого пак, според она што се објавува го штитат високи полициски структури.
Запаленото возило е најдено по овие објави на „Тик-Ток“.
Штекли по втор пат беше пукан во „Ист гејт“, но вториот пат заврши со тешки повреди. Иако Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кажа дека имаат осомничен за пукањето, засега нема уапсен.
Од Јавното обвинителство пак се чекаат официјални информации поврзани со запаленото возило во Сарај.