Полицијата го откри и го приведе сторителот на свирепото убиство на 36-годишниот Бекир А. од Битола, што се случило вчера околу 16.30 часот на патот за селото Беловодица, прилепско, потврдува Маријана Илиеска, обвинител во прилепското јавно обвинителство кое правеше увид, пренесува МИА.
Станува збор за 23-годишниот Енвер Т., полицаец од СВР Битола, кој од битолската е доведен на распит во прилепската полиција. Тој во СВР Битола е вработен во 2015.
Неофцијално, убиството е направено по нарачка. Тој го земал во кола Бекир и го однел во селото каде што го застрелал и го запалил.
-Ноќеска е откриен сторителот на свирепото убиство. Полицаецот од СВР Битола Е.Т, роден 1995 година го призна убиството и сега е на распит во прилепската полиција, потврдува Илиеска.
Прилепското обвинителство го смета за свирепо убиство. Вчера во 16.30 часот телото на патот за селото Беловодица го пронашол прилепчанец кој најверојатно се упатил на риболов во блиското езеро.
-Телото беше делумно изгорено, главно на главата но препознатиливо на лицето. Во себе имаше и документи за идентификација и станува збор за 36-годишен Б.А од Битола. Покрај телото се пронајдени траги од два автомобила од кои едниот, најверојатно голф и констатирано е дека е со битолски регистерски таблички. Околу телото се пронајдени четири чаури и едно зрно, најверојатно од пиштол што треба да го утврди вештачењето. Убиството е извршено свирепо. Наредена е обдукција, изјави Илиеска.
Полицијата го обезбедува местото. Малкуте жители во селото Беловодица не виделе ништо. Педесет и едногодишната Блага Мицеска вели дека нејзиниот сопруг само ги слушнал истрелите.
-Мојот домаќин слушнал пет-шест пати како пукнало. Изгледало како да е од пиштол, ама друго не знае. Беше да ги напасува кравите. Си ги прибрал потоа и си дошол дома. Јас со синот не знаевме ништо но кога се враќавме во селото имаше многу автомобили, полицајци.
Од СВР Битола велат дека МВР во текот на денот ќе информира случајот.
Извор: НетПрес