Во периодот од месец 21. 05.2020 година до 30.09.2021 година обвинетите Д.Р. и К.Т. создале група со цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, а како припадници на групата станале обвинетите Б.К, Н.Л., З.Т., С.К., П.М. и Ѓ.П. за чие извршување групата станала функционална целина.
Обвинетите преземале дејствија за остварување на целите на групата – стекнување противправна имотна корист од неовластена од надлежен орган, продажба на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости на купувачи од РС Македонија и странство. Добрата биле пронаоѓани со неовластено истражување и ископување на регистрирани и нерегистрирани археолошки локалитети и тоа Вртекица – скопско, Сливица, Герман – скопско, Белица – Македонски Брод, Горно Јаболчица – кичевско, Долно Јаболчиште – Велес, Мочурлива вода, Чатал камен, Туњ, Чиндиро Кале, Медов Дол, Градиште – Црно Езеро, Ломница, Ченгово Кале, Бајрамова Круша, Ивањевци, Ивени, Болдовенци, Журтче- крушевско, Ловор, Лутики, Добрушево, Лопатица и други археолошки локалитети низ целата територија на нашата држава. Испитувањата се вршеле без дозвола од надлежен орган, со употреба на сонди, метал детектори и дронови, а за ориентација биле користени сателитски снимки, карти и рачно пишани текстови и преданија. Потоа со употреба на хилти, копачи, и други градежни алатки и градежна механизација се вршеле археолошки ископувања и минеролошко петрографски истражувања. Пронајдените артефакти – добра под привремена заштита и природни реткости, обвинетите ги присвојувале и иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело ги прикривале на непознати безбедни локации или во своите домови. Во меѓувреме стапувале во контакт со Н.Н. припадници на групата по потекло од Р.Грција, Р,Турција, Р.Албанија, Р. Хрватска, Р.Србија и САД на кои како заинтересирани купувачи добрата им ги продавале за договорен износ. Купувачите добрата под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, без дозвола од надлежен орган, ги изнесувале надвор од границите на РСМакедонија, со што е нанесена трајна штета на археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции.
Со дејствијата опишани во диспозитивот на Обвинителниот акт сите лица се обвинети дека сториле кривично дело Злосторничко здружување од чл.394. На Д.Р., К.Т., Н.Л.,З.Т.,С.К,П.М. и Ѓ.П им се става на товар и кривичното дело Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од чл.264 ст.2 од КЗ, додека Д.Р., К.Т., Б.К. и Н.Л. се обвинети и за кривично дело – Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од чл.266 ст.2 вв со ст.1 од КЗ. Обвинетите Д.Р. и Б.К. сториле и кривично дело – Прикривање од чл.261 ст.3 вв со ст.1 и ст.2 од КЗ.
Со Обвинителниот акт предметниот обвинител му предложи на судот спрема обвинетите да ги продолжи претходно изречените мерки притвор и куќен притвор.