Основното јавно обвинителство од Велес поднесе обвинение против три лица кои се сомничат за злоупотреби во ФКН АД Неготино. Две од лицата се осомничени како соизвршители за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а едно лице се сомничи за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од 2002 до 2006 година, двајца од обвинетите биле управители на Алскоп ГМБХ од Франкфурт и во исто време, еден од нив ја извршувал функцијата генерален директор на ФКН АД Неготино, а другиот бил претседател на Одборот на директори на ФКН АД Неготино. Тие во повеќе наврати на штета на фабриката за себе прибавиле имотна корист во вредност од 5.725.123.048,35 денари. Во ова, со умисла им помогнала и третообвинетата во својство на законски застапник на „Интер кабел“ АД Скопје.
Спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, двајцата склучувале договори и донесувале одлуки во свој интерес, без да добијат одобрување од неизвршните членови на Одборот и без да го известат Собранието на акционери. Така, без спроведена постапка и без донесена одлука од Собранието на акционери, склучиле деловни односи со фирмата „Интер кабел“ АД Скопје и со „Алскоп“ ГМБХ.
Третообвинетата не платила претходно примени фактури за извршен превоз од фирмите „Повардарие“ „Шпед“, „Поп Транс“, „Алекса Турс“ и „Макошпед“ СК, туку ги префактурирала на ФКН АД Неготино по што останатите двајца обвинети ги прифаќале ваквите фактури.
На 29 ноември 2005 година, двајцата обвинети помогнати од третообвинета, склучиле договор за пристапување кон договорот за рамковен револвинг кредитен лимит меѓу Интер кабел и Комерцијална банка со договор за залог врз недвижен имот. Кредитот со пресметаните камати во износ од 40.221.194,50 денари во целост го исплатиле на 20 октомври 2007 година на штета на ФКН АД Неготино.
На 18 септември 2007 година, еден од обвинетите помогнат од третообвинета, како законски застапник на Интер кабел, склучил договор за отстапување на побарување-цесија помеѓу Интер кабел како отстапувач-цедент, Елинг Скопје како примач на побарувањето – цесионер и ФКН АД Неготино како должник-цесус, со што побарувањето на Интер кабел од Скопје кон ФКН АД Неготино преминало на Елинг Скопје. Договорот не бил книговодствено евидентиран во ФКН и немал деловоден број, со што на Интер кабел му бил признат износ од 39.331.471,50 денари на штета на ФКН.