Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен жител на Жабени за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 12 мај, во неговиот автомобил држел пиштол марка „Застава“ со калибар 6,35 мм и шест куршуми за тој пиштол. При претрес, пак, во неговиот дом во Жабени биле пронајдени и една автоматска пушка со калибар 7,62 мм и 15 куршуми од тој калибар. Оваа пушка претставува оружје чие набавување и поседување е забрането за граѓаните.
Надлежниот јавен обвинител предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.