Сè уште се одвива истражна постапка за сообраќајната несреќа на патот Штип-Кочани, во којашто 21 годишно момче загина, а едно беше хоспитализирано во Клиничка болница-Штип. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека утринава во болницата се донесени две момчиња, од коешто едното поради тешките повреди на главата починало, а второто се здобило со повреда скршен заб и по направените снимања и прегледи од страна на лекарите е пуштено на домашно лекување.
МИА утринава информираше дека момче прегази двајца другари, едниот почина во штипската Клиничка болница, а вториот се бори за живот. Според СВР Штип околу 5.20 часот било пријавено дека на магистрален пат Штип – Кочани, на место викано „Брилијант“, патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Т. од Скопје, удрило во 21 годишниот А.Ѓ. од село Кадино, скопско и во А.П. од село Трубарево, скопско, кои претходно патувале во истото возило. Двајцата се здобиле со повреди и биле пренесени во Клиничка болница Штип, каде што во 7.15 часот А.Ѓ. починал, а кај А.П. биле констатирани телесни повреди.
Според првичните информации петмината момчиња Новата година ја поминале во Штип, по што во раните утрински часови веќе на пат кон Скопје се случила несреќата. Во Полициската станица-Штип се земаат исказите од момчињата, како се случила несреќата, по којашто момчињата веднаш го имаат пренесено својот 21 годишен другар во болницата во Штип.