На 14.08.2022 во периодот од 01.00 до 04.00 часот од страна на полициски службеници од СВР Битола заедно со Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ и Одделот за специјални полициски операции беше извршена акциска контрола во угостителски објект на ул.„Македонска Фаланга” во Битола. При контролата биле констатирани повеќе прекршоци од Законот за прекршоци против јавен ред и мир, Законот за лична карта, Законот за оружје и Кривичниот законик, а во врска со неовластено производство и пуштање на дрога и психотропни супстанци.
Имено, од страна на полициски службеници биле лишени од слобода Љ.Н.(36) од САД со привремен престој во Прилеп, И.Т.(22) од Скопје и Г.С.(24) од Прилеп, бидејќи кај нив е пронајдена и одземена прашкаста материја. Тие се приведени во полициска станица Битола и против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Од слобода се лишени и И.Ј.(38) и Х.К.(24) од Битола, поради тоа што кај нив биле најдени нож и боксирач, со што постапиле спротивно на Законот за оружје, како и П.Ѓ.(24) од Битола, кој го нарушил јавниот ред и мир и агресивно се однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејства. По документирање на случајот против тројцата ќе следува соодветна пријава.
Вчеравечер (13/14.08 2022), согласно планот „Безбедно лето 2022“ од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за униформирана полиција, СВР Битола-ОВР Прилеп во содејство со Управата за јавни приходи, Државниот трудов инспекторат и Државниот пазарен инспекторат беше извршена акциска контрола и на подрачјето на Прилеп, со која беа опфатени повеќе угостителски објекти.
При контролите од слобода се лишени М.Г.(18) и И.М.Т.(28), бидејќи при преглед кај М.Г. била пронајдена и одземена марихуана, а кај И.М.Т. прашкаста материја. Во угостителскиот објект на ул„Орде Тутески“ во Прилеп во 00.40 часот биле затекнати и приведени двајца малолетници од Прилеп, кои биле предадени на родителите против кои ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Во угостителските објекти констатирани се и низа неправилности од страна на инспекторатите: неиздавање фискални сметки, непријавени работници, немање дозвола за работа на тераси во објектите и друго, за што ќе бидат изречени глоби.
Во текот на изминатата вечер беше спроведена и акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се шест возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, шест за возење без возачка дозвола, еден за измината важност на возачката дозвола и еден за возење без дозвола. При контролата констатирани се и четири останати прекршоци, а на сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.